1 Не поминале ниту едни избори, од 1991 до денеска, а да на сум повикал: Излези, гласај! Редовно излегувам на сите избори затоа што не сакам да се откажам од единственото оружје што го имам – да ги казнам тие од кои сум незадоволен како ми ги трошат парите и да им дадам шанса на тие за кои мислам дека ќе ми ги трошат парите водејќи грижа и за моите потреби како граѓанин.
Кампањата за овие локални избори ја одбележаа партиските кампањи полни со поезија и празни зборови што немаат врска со локалните проблеми. Се изнаслушав бесмислени партиски флоскули. Некои од нив дури и од дебати се исплашија. Дотолку имаат што да им кажат на гласачите.
Арно ама, на овие избори, првпат во историјата на демократска Македонија партиите имаат сериозна конкуренција – 69 независни кандидатури за градоначалници и 68 граѓански листи за членови на општинските Совети.
Така што, барем на овие избори имаме избор. Сакаш да гласаш за партија – излези и гласај. Сакаш да гласаш за независни – излези и гласај.
Немаш избор само ако решиш да не излезеш да гласаш.
Ако не гласаш, не само што не можеш ништо да смениш ако си незадоволен како ти е уредено дома.
Уште поважно, немаш право ни да се жалиш.
2 Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен дојде на неколку часа во Скопје и на македонските лидери им го кажа истото што на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и на премиерот Христијан Мицкоски им го кажуваат и тие малкуте функционери од ЕУ земјите со кои се среќаваат: „Треба да ја направите договорената уставна промена. Топката е на ваш терен. ЕУ е подготвена.“
Услов за почнување на преговорите со ЕУ е вметнувањето на Бугарите како малцинство во македонскиот Устав. И претседателката Сиљановска-Давкова и премиерот Мицкоски ги добија ланските избори со ветувањето дека ќе успеат да го репреговараат фамозниот француски предлог со тој услов. Синким, ова се преговори со Максим Димитриевски од ЗНАМ и Изет Меџити од Коалицијата „Вреди“ за „на ти го, дај ми го“ ова или она директорско место, или Управен одбор, а не преговори со ЕУ. На кој ли домашен дипломатски капацитет се потпираат во преговорите со 27 сериозни држави?
Претседателката Сиљановска-Давкова побарала од Фон дер Лајен, „ЕУ да најде излезно креативно решение за деблокада на македонските интеграции“ и ја поздравила „иницијативата за реформирање на ЕУ со воведување гласање со квалификувано мнозинство“. А премиерот Мицкоски ѝ рекол на претседателката на Европската комисија дека „очекува од ЕУ и конкретна посветеност, како потврда на европската перспектива и поддршка за граѓаните кои со децении остануваат посветени на европските вредности“.
Многу сме јаки штом сега ние ѝ поставуваме услови на ЕУ за да ги почнеме преговорите. И ако не можат да ни ги исполнат условите што им ги поставуваме, ќе чекаме тие да се реформираат.
Тој муабет ни на кафеанска маса со најблиските пријатели веќе не поминува.
Уште од самото потпишување на францускиот предлог ја мразам идејата дека мора да ја направиме и таа отстапка, па на патот кон ЕУ да ги внесеме и Бугарите во Уставот. Со непријателските потези кон македонскиот народ, не само кон генерацијата на моите предци, туку еве сега и кон моите деца, на кои им ја загрозува европската иднина, не можам да ѝ верувам на нивната матична држава.
Ама, што е, тука е. Штетата е направена. Па дали тие што потпишале биле патриоти или предавници, државава си презела обврска што треба да ја заврши. Ако сака воопшто да ги почне преговорите со ЕУ. За еден убав ден, кога сите 27 земји членки, ако во меѓувреме и тој број не се зголеми, ќе изгласаат дека сакаат и нас да нѐ примат во семејството.
За година и пол оваа власт уште не ни кажала каков ѝ е планот ако наскоро не почнеме преговори со ЕУ. Сѐ друго е само замајување со квазипатриотско тупкање во гради, додека државата масовно се празни. Додека патриотите веат знамиња од Кутлеш, луѓето патот кон ЕУ си го бараат понижувајќи се со барања за бугарски пасоши.
За жал, друго решение – нема. Односно, има. Другото решение е: откачи ја ЕУ.
Или шутирај, или напушти ја играта.
3 На крајот на краиштата, нели оваа владејачка гарнитура ветуваше дека ако не успее да ја внесе Македонија во ЕУ, таа ќе ја внесе ЕУ во Македонија.
Еве, само што не влегла ЕУ. Кај ѝ да е, половина мандат ќе им помине, а ние уште чекаме. Уште колку време владата на ВМРО-ДПМНЕ и на ЗНАМ и „Вреди“ ќе се занимава со грешките на СДСМ и ДУИ?
Едно од главните ветувања им беше борбата против корупција. Поттикнувач на високата корупција е законот со кој се намалија казните и се овозможи брзо застарување на делата поврзани со корупција кај високите функционери. Тој закон го изгласаа пратениците на СДСМ и ДУИ пред да паднат од власт, откако пратениците на ВМРО-ДПМНЕ им обезбедија кворум.
Ако навистина борбата против корупцијата им е приоритет, кој им пречеше на ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ и ЗНАМ во овие 14 месеци да го сменат лошиот закон на СДСМ и ДУИ и да ги вратат старите казни? Дури и СДСМ ќе им дадеше поддршка, оти лидерот Венко Филипче призна дека неговата партија направила грешка. Сигурно за да го направат тоа, пратениците од мнозинството не мораше да ги чекаат локалните избори, па дури после нив премиерот да прави ресетирање на системот. А тоа ресетирање подразбира прогласување „крај“ на обвинителите и судиите што го гонеа криминалот на неговата партија.
Фактички, на патот кон ЕУ и по 30 години сме ни ваму, ни таму. И така и ќе остане сѐ додека на власта, која и да е таа моментално, тоа ѝ одговара.
А на оваа власт ѝ одговара уште долго да ја чува топката на свој терен.
Шут кон голот, ииииии… во голаут.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST



