СТАЈКОВЦИ – ЛАСКАРЦИ

Мене Мира не ме секира

СТАЈКОВЦИ – ЛАСКАРЦИ

1 И покрај сѐ, оваа земја сепак опстојува благодарение на добри луѓе. Луѓе што се свесни и совесни. Луѓе што не се штедат да покажат човештина. Луѓе кои си ја сакаат својата работа и посветено ја работат. И треба да сме среќни дека добрите луѓе уште не се изедени од лошотилакот на оние што и трагедија предизвикана од автобуска несреќа ја третираат како меѓуетничко прашање. И уште имаат задржано здрав разум, наспроти мрднатите, што и во сообраќајна несреќа открија теорија на заговор, демек смислен за да се дефокусира јавноста од промените на таблите со новото име на државата.

Потенцијалот што уште ја оддржува оваа држава не се само недоволно платените доктори и сестри во јавното здравство што веднаш по несреќата дошле на работа без да бидат повикани. Или пак  пожарникарите со возила купени во минатиот век. Тоа се граѓаните што очајно се обидувале да го исправат превртениот автобус на автопатот Скопје – Тетово за да спасуваат патници. Тоа е оној што извлекувајќи повредени си ја скршил раката, ама не се откажал од спасување. Тоа се оние граѓани што во Скопје им понудија сместување на семејствата на жртвите и повредените и побрзаа да даруваат крв. Тоа е она што дава надеж дека сепак „ќе нѐ биде“ и покрај сета лошотија со која сме затруени. Во систем кој се распаѓа и кој не е обновен уште од времето на Тито.

И сега? Што правиме? Деновите на жалост ќе поминат. Комеморативните говори на политичарите ќе се заборават. Херојските приказни ќе се раскажуваат уште некое време. Ќе ги замениме црните ленти од профилните слики на Фејсбук со ново селфи. Семејствата што ги изгубија своите блиски ќе тагуваат цел живот. Да се надеваме дека сите повредени ќе заздрават.

Ќе оди животот. До следната несреќа.

2 Научивме ли некоја нова лекција од последната трагедија? Или ќе продолжиме да си се жалиме на несигурните патишта, кучињата, коњите и кравите на автопатиштата, зараснатите банкини, старите автобуси, подмитливоста во станиците за контрола, неопремени инспекции, преморени возачи… Триесет години се пишува за неорганизираниот систем за спасување, за неефикасноста на итната помош, за необучениот и неплатен кадар… Само ден пред несреќата беше објавено дека просечна старост на противпожарните возила е 27 години. Дека најстарото возило има 39 години. Да не збориме дека и тие поновите се добиени со странски донации. Исто како што се донации и амбулантните возила. Во болницата „8 Септември“, каде што беа примени речиси сите повредени патници, има нов Траума центар кој свечено го отвараше премиерот уште пред шест месеци. Што фајде, кога до несреќата не работеше оти фалат анестезиолози и медицински сестри. Го проработеа ноќта, „од немајкаде“ и „на ура“, оти немаше каде да ги легнат повредените.

И, до каде сме со лекцииве од животот? Каква лекција научивме од последната трагедија? И како тоа што сме го научиле ќе ни го подобри системот? Секоја нова научена лекција би требало да значи спасени животи.

Несреќи се случуваат. И природни катастрофи. Тоа не можеш да го предвидиш. Ама, ефикасноста на една држава се мери со тоа како системот реагира кога ќе има несреќа. И како се справува со последиците од несреќата. А за да се справи, мора да има квалитетна истрага со идентификување на одговорност. Одговорност – не за линчување. Туку за да се спречи повторување на истата грешка. Се сеќава ли некој дали има завршница на истрагите за сите поголеми трагедии што ни се случиле само последниве пет-шест години? Две хеликоптерски несреќи имавме. Патници се удавија од летно невреме на автопат. И?

Што сме научиле до сега? Еве, на пример, што се смени од Стајковци 2016 до Ласкарци 2019?

3 Што е крива Мира? Зошто пратеничката Мира Стојчевска стана вест многу поважна од Република Северна Македонија во НАТО само затоа што си ги вработила синот и братот? И затоа што и таа и мажот ѝ зеле општински субвенции за пелети. И што мажот ѝ е унапреден во нејзин мандат?

Мира толку можела. Имала син за вработување и му нашла работа. Да имал синот фирма, ќе му нашла тендер. Затоа Мира не треба да се казни. Треба да се награди. Затоа што таа најпосветено ја спроведува партиската политика на СДСМ.

Мене Мира не ме секира. Мене ме секира Дамјан Манчевски. Кој е министер за информатичко општество и јавна администрација. Министерот изјави: „Денеска е чудно што било кој симпатизер на оваа власт се вработува и во јавни институции. 10 години на сите членови на СДСМ им беше забрането да се вработуваат во јавен и приватен сектор. Каде да одат овие луѓе, треба да ја напуштат државата!?“

Е па, нека извинат тие што немаат партиска книшка. Со други зборови, Дамјан отворено си кажа: А што мислевте вие? Дека СДСМ ќе вработува во државни фирми и во јавна администрација некого што не е од партијата?

Да, Дамјан. Така мислевме. После 11 години ВМРО-ДПМНЕ, што пола партија вработи во државна служба, а ДУИ партиските кадри ги вработува и без да мора да одат на работа, мислевме дека пристап до државна служба ќе имаат сите. И дека критериумот за вработување ќе биде стручност и квалификуваност. А не партиско тефтерче.

И не е точно дека во минатиот режим сдсмовците биле дискриминирани повеќе од сите други граѓани што не припаѓаат на партија. Можеле да се вработат во приватни фирми. Можеле и самите да отворат приватни фирми. И да живеат исто дискриминирани како што живееја повеќето граѓани што не биле во партија.  И конечно – во кој закон пишува дека дискриминација на сдсмовец е поголема од дискриминација на друг граѓанин?

Практично, Дамјан го легализираше тоа што во минатото го правеше ВМРО-ДПМНЕ. И му даде легитимитет на тоа што го прави оваа власт, ама и секоја друга наредна. А неговиот лидер Зоран Заев викаше: „Ова зло никогаш да не се повтори.“

Е па, се повторува. Оти СДСМ ја продолжи практиката вработувањето да биде атрактивно само во државна служба. Приватните бизниси не добиваат подобри услови за работа. Мавни им даноци за да ја храниш партиската војска со измислени работни места. Со повисока стапка оданочи ја хонорарната работа на способните и работливите. Забрани им хонорари на пензионерите. Забрани им работа на студентите.

И каква им е перспективата на тие што не се во партија? Или да влезат во партија. Или да си најдат работа во ЕУ. А државата ако влезе во ЕУ некој пат – добро. Тие ќе бидат таму и спремно ќе ја чекаат.

4 Грчката разузнавачка агенција распишала оглас за вработувања на 56 лица со познавање на различни јазици. Меѓу нив за прв пат и македонски јазик.

Еве им шанса на избеганите разузнавачи Горан Грујевски и Никола Бошковски, обвинети во случаите на СЈО за нелегално прислушување „Таргет“ и „Тврдина“ да си најдат работа. Ем се квалификувани за разузнавачка служба, ем уште знаат македонски јазик. Ем да не ги мислиме. И државна плата ќе добиваат.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...
©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари