СВЕСТЕ ТЕСЕ111

Ако Александар кога тргнал да го освојува светот од тука ги зел најдобрите, најсилните ,најпаметните и најубавите, тогаш што сме ние што сме останале?

СВЕСТЕ ТЕСЕ111

1 Штом двете партии, и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, викаат дека договорот е добар, тоа значи дека е добар за нив. Ама не значи дека е добар за народот. Па и за граѓаните. И тоа, за ВМРО-ДПМНЕ сигурно е два пати подобар. Оти тие се секогаш барем два чекора пред СДСМ. И сто чекори понапред од ЕУ и САД. Којзнае уште што сѐ нема да смислат до 31 август. Па после, до 10 октомври кога треба да се распушти Собранието. А да не збориме уште колку време за смислување имаат до 11 декември, ако воопшто тогаш има избори.

Ова е прв пат двете партии да се согласат околу нешто. Зошто и двете партии упорно нѐ убедуваат дека договорот е добар? Оти е добар само за нив. За медиумите не е добар. За избирачкиот список – ќе видиме.  Да мислеа за доброто на народот, па и на граѓаните, одамна ќе се договореа. А не вака, мораше странците на власта да ѝ се закануваат, да им виткаат раце, да ја укинуваат европската помош за државата, да им подготвуваат црни листи на политичари, бизнисмени и судии и којзнае уште што сѐ им кажале дека им знаат … Власта е спремна и санкции ако треба да ни воведат, само да биде добро за партијата.

2 Уште не се исуши мастилото од потписите на Договорот, кога СДСМ почна да се кара со сите со кои мора да се здружи ако сака навистина да падне овој режим. Со Шарената револуција, со Левица, со невладините, со новинарите… Со сите што година и пол се на улица и го одржуваат отпорот против власта.

Да. СДСМ ги откри бомбите. И секоја чест на храброста на Заев. И секоја чест што херојски ги издржува сите притисоци. И тоа никој не го спори. Ама, нема потреба да се повторува на секои три секунди. И не ми е јасно зошто повеќе од година и пол, уште од оној импозантен марш на Студентскиот пленум во декември 2014, овој муабет воопшто го правиме?

Како тоа СДСМ кажува дека ги почитува граѓанските иницијативи, и студентите, и шарените, а на секоја критика одговара хистерично и валкано како да се ВМРО-вци од школата на Илија Димовски? Оти, ако уште сега се караат со секого што се осмелил да ги критикува, а мора да им биде сојузник за „ова зло никогаш да не се повтори“, ко што би рекол Заев, тогаш како ли ќе се однесуваат ако случајно со вакво однесување дојдат на власт?

Ало СДСМ! Освестете се. Или – СВЕСТЕ ТЕСЕ111, како што пишуваат неписмените тролови по социјалните мрежи. Вие сте најголемата опозициона партија. Одговорноста е ваша. И добрата вест е што покрај вашето членство и одредена бројка сигурно гласачко тело, во Македонија има и некои други,  илјадници луѓе кои се спремни да ја поделат одговорноста со вас. Тоа го покажаа на улица. Па, прифатете ги. Големите треба да ја отворат вратата за помалите. А не да ја затвораат.

Оти целта не е СДСМ да дојде на власт. Целта е да падне овој режим.

3 Кога во сите странски извештаи читате дека власта ги урнисала институциите на државата и дека државата е киднапирана од партијата, ако не ви било јасно што е тоа, еве ви еден најобичен пример.

На почетокот на годинава, Владата донела одлука да ја укине помошта за родителите на децата болни од ретката болест цистична фиброза, која изнесувала 4.300 денари месечно. Народниот правобранител побарал од три министерства и од Фондот за здравство таа одлука да се преиспита, оти се ускратени правата на одредена група граѓани. Станува збор за родители кои во Македонија гледаат како им умираат децата на 13 до 14 години.  А во земјите од ЕУ тие доживуваат и до 40 години.

Тројца министри – Никола Тодоров од Министерствотоза здравство, Диме Спасов од Министерството за труд и социјала и Пиштар Љутфиу од Министерството за образование го игнорираат Народниот правобранител. Значи – игнорираат институција. Значи тоа не се новинари, не се медиуми што постојано се игнорираат, не се невладини организации, кои се предавници, не е опозиција која нема програма, не се соросоиди кои се ептен непријатели.. . Игнорираат највисока државна институција што во секоја демократска држава има основна задача да ги брани правата на граѓаните. На тие тројца министри игнорирањето на институцијата им е дозволено. Им го дозволила партијата.

Кога ја објавивме оваа приказна имаше два вида коментари. Едни, на партиски тролови кои се обидуваа да ја оправдаат власта. Објаснуваа дека во време на СДСМ било полошо. Не знам дали заборавија дека станува збор за деца. А децата умираат сега. Другите пак  гледаа да ќарат поени против власта.

Вториот вид коментари беа полни со клетви, да ти е страв да ги читаш. Колкава треба да е разочараноста од институциите и немоќта на обичниот граѓанин, па единственото што му остана е да колне? Во 21 век.

И зошто Владата донела одлука да им се укине помошта од 4.300 денари? Затоа што според бројките болеста не е доволно ретка. Во Македонија има 130-140 болни деца од цистична фиброза. Значи 130-140 семејства на кои животот секој ден им е борба. Тоа е бројка на гласачи кои за партиите што ги поставиле овие тројца министри се небитни. Децата нема ни да доживеат да станат гласачи. А оние возрасните во 130-140 семејства како гласачи ги обезбедуваат и десетина малку поажурни ВМРО-вци или исплашени административци. Оние што треба да обезбедат по десет сигурни заокружувачи на ливчињата за да си ги задржат работните места во комуналните претпријатија и во Македонски шуми.

Е затоа е укината помошта на родителите на деца со цистична фиброза. Болеста не е доволно ретка. А тие не се некоја бројка што би ја пореметила партиската математика.

4 Традиционално, Илинденските коњаници тргнаа на марш кон Крушево. И традиционално, од пред некоја година, пред нив патот им го пробива Фалангата на Александар Македонски.

Кога веќе се враќаме илјадници години назад во историјата, има еден историски факт што се учи на школо. Дека Александар кога тргнал во освојувачкиот поход од тука ги земал најдобрите, најсилните, најпаметните, најубавите…  Две илјади години подоцна, тоа што било квалитетно, а не успеал да го земе Александар, го зеле Осмалниите и ги направиле јаничарите.

И кој останал тука? Тие што не ги задоволиле високите критериуми да бидат регрутирани од  Александровата и од Отоманската империја сега имаат трета шанса. Да станат партиски војници.

СЛУШАЈ ТУКА – PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира