ЦИНИЧЕН ОПТИМИЗАМ

Цинично е да повторуваш по сто пати дека интеграцијата на земјите од Западен Балкан е од суштинско значење на ЕУ, а на терен да ја блокираш таа интеграција.

ЦИНИЧЕН ОПТИМИЗАМ

1 Значи, нè чека уште еден месец чекање датум. И уште еден Совет на ЕУ, Самит на ЕУ, или како ли веќе им се викаат тие телата што принципиелно нè зафркаваат еве 30 години, уште од мислењето на Бадентеровата комисија дека само Словенија и Македонија од бившите југословенски републики ги исполнуваат критериумите за признавање како независни држави од страна на тогашната Европска заедница.

Министерот за надворешни работи на Португалија Аугусто Сантос Силва, во својство на претседавач на ЕУ, во Софија изјави: „Секогаш е важно да се чујат важните земји членки што имаат да кажат на релевантни теми. Бугарија е лидер кога се работи за креирањето на нашите политики кон Балканот“.

Супер. Штом Бугарија ви е лидер во креирањето на политиките на Балканот, ќе си почекаме ние уште некој датум.

Некако сум претпазлив кога станува збор за португалска иницијатива. Се сеќавате ли на Лисабонската декларација од јуни 1992 година, кога под претседателство на Португалија тогашната Европска заедница одлучи дека, и покрај мислењето на нивната Бадентерова комисија, нејзините членки нема да признаат држава која во своето име го содржи зборот Македонија? Имавме среќа што веднаш по Португалија, претседавач на Европската заедница беше Обединетото кралство и што со помош на САД Британците успеаја во декември 1992 прашањето на нашата државност да го извлечат од Европа, па во април 1993 станавме членка на Обединетите нации.

Британија веќе не е во ЕУ.

Не сакам да им го омаловажувам напорот на Португалците да издејствуваат од Бугарија откажување на ветото за почеток на преговори со ЕУ. За почит им е напорот. За почит е и напорот на Германија. Не верувам дека некој вложил повеќе напор од Германија да ја истурка Македонија кон ЕУ во претходното шестмесечие, кога беше претседавач со Унијата. Но, интересот на Бугарија е поважен за ЕУ од интересот на Германија. За нашиот интерес, пак, баш им е гајле. И – тоа е тоа.

Затоа и не можам да бидам оптимист. Затоа што, цинизмот на ЕУ го уби оптимизмот на Македонија. Цинично е да зборуваш за самоопределување, различности и почитување на основни човекови права како темелни вредности на ЕУ, а на терен да имаш разбирање дека една земја-членка ги негира тие вредности кај земја што сака да стане членка на ЕУ. Притоа, таа земја што сака да ѝ се приклучи на ЕУ ги исполнила условите за почеток на преговорите.

Што порака ни праќа ЕУ? Нема друга пречка да почнете преговори со ЕУ, освен да ги прифатите уцените од Бугарија и да кажете дека сте биле Бугари кои едно сабајле се разбудиле и решиле да се чувствуваат Македонци. Па, суштината на самоопределувањето е баш во тоа да си кажеш како се чувствуваш. Како да бидеш оптимист, ако во 21 век за тоа треба да се објаснуваме со земји од ЕУ? Стварно е смешно. Мислам, трагично е, ама е смешно.

И – цинично е и да повторуваш по сто пати дека интеграцијата на земјите од Западен Балкан е од суштинско значење на ЕУ, а на терен да ја блокираш таа интеграција.

2 И така, Бугарија е лидер на европските политики на Балканот, а ние ќе протеруваме руски дипломати.

Знаев дека има некоја сериозна причина зошто со години не праќаме амбасадор во Москва и зошто во тамошната амбасада имаме само двајца дипломати. За кога ќе дојде време ние да протеруваме руски дипломати, тие да немаат кого да протераат.

Синким па ние решивме да го протераме, оти сме му ги следеле активностите. Среќа дека сме на геостратешки важен терен каде што некој друг прати акција на дипломатите стационирани во Скопје. Нам бивш премиер со дипломатско возило во гепек ни избега преку граница и уште се води истрага како го снема додека го чуваше полиција, а ние на дипломати сме им ги следеле активностите.

Башка, нема кој да брка руски шпиони. Безбедносните служби се зафатени со истрага кој ги украл љубичиците од центарот на Битола.

3 Од каде ли излезе сега рехабилитацијата на Срѓан Керим и Валентина Божиновска, па се појавија на списокот советници на министерот за надворешни работи Бујар Османи? Многу ме интересира како во власта паднале на муабет, како воопшто им дошло на ум да им се јават баш на нив. Каков е тој механизам кој довел до тоа за само четири години тие пак да добијат некаква јавна функција, па макар била и советничка и неплатена. Не ме чуди ако Керим и Божиновска ги потегнале своите механизми да се вратат во живот, како пред тоа ништо да не било. Ама, многу сум љубопитен колкава е моќта на тој механизам за тие да се најдат во Советот на министерот. Тоа значи дека и едните и другите си функционираат беспрекорно како испреплетени црева.

После оној говор во ноќта на ножевите, јас да сум на местото на Бујар ни муабет не би ѝ правел на Валентина Божиновска, а не пак уште да ја викам и советничка да ми биде. Што си мисли Бујар? За кого беа наменети ножевите кои ги бараше советничката во декември 2016?

Туку, среќа барем овие четири години се создаде критичка јавност што не се плаши толку да зборува како што се плашеше во времето на долгите ножеви. Па не може туку-така и ова неформално владино тело да ни се продава како процес на помирување. Оти, кога Владата зборува за помирување со осомничени за криминал и со хушкачи на насилство,  тоа е исто како кога ЕУ брбори колку ѝ е значаен Западен Балкан.

АУДИО ВЕРЗИЈА

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира