ЖЕЛЕЗНА ЗАВЕСА

Гомната не го издржаа притисокот. Како ли им е на луѓето.

ЖЕЛЕЗНА ЗАВЕСА

1 Претседателот Ѓорге Иванов продолжува со своите говори во кои запнал да нè убедува дека сите сме виновни за падот на Македонија, што го викаат – политичка криза.  За 25-годишнината од независноста на државата, тој рече дека оваа година требало да биде пресвртница и нов почеток, ама „продолживме да тонеме сè подлабоко во калта на реваншизмот и меѓусебните обвинувања“.

Не. Ова не е патетика. Ова е чиста пропаганда со која власта од устата на претседателот Иванов сака да се амнестира од одговорност за кризата во која што нè донесе и да ги обвини сите што не се со неа дека баш тие се виновни за тонењето на државата. Нашол кој да зборува за тоа дека тонеме подлабоко во калта. Па кој нè повлече да тонеме? Кој помилува 56 политичари и нивни соработници осомничени за тежок криминал? И тоа нè повлече да тонеме во моментот кога одвај ги држевме главите горе, за да не пропаднеме сосема во кал и да се задушиме.

Говорот накитен со патетични фрази е смислена пропаганда. Нашол кој да ни раскажува дека требало „ да сме ја чувале слободата во срцето на Македонија“. Ние ќе ја чуваме слободата во срцето. А тие ќе си ги чуваат украдените наши пари во Белизе. Тие не мора да си ја чуваат слободата. Ќе пробаат да си ја купат.

2 Во време кога СДСМ беше на власт, им се падна да се слави 100-годишнината од Илинденското востание. Организираа една бедна прослава. Сега, на новите ВМРО-вци им се падна да организираат прослава на 25-годишнината од независноста на државата која ја извојуваа старите ВМРО-вци. И беше исто така бедна.

Оти, не било време за славење. Како да не. Секогаш е време за славење. Само што, кај нас не се прави разлика меѓу власт и држава. Така било уште од времето на комунизмот. Кај нас, власта ги киднапира прославите како што ја киднапираше државата. Па ако не ја сакаш власта, не ја сакаш ни државата.

И што имаме после 25 години независна држава? Посебна изјава на лидерот на власта и посебна изјава на лидерот на опозицијата. Пласирани еднакво во медиумите, оти сега е модерно да се глуми балансираност. А лидерите на албанските политички партии не добија балансиран третман. Оти немаа што да изјават.

3 После 25 години независност и после 10 години фактичко едноумие, стануваме свесни дека ние всушност живееме во студена граѓанска војна. Тоа е вистинскиот збор за тоа што тие го викаат политичка криза. Оти, кризата не е веќе само во политиката и во партиите. Таа одамна е преселена во секојдневниот живот – на работа, во маало, дома, во школо, на факултет, во пензионерски друштва, на концерт, во театар, на фестивал, на стадион, во спортска сала, во хуманитарна помош кај поплавените и кај сиромашните…

Непомирливи разлики. Или ние, или вие. А сите – и ние и вие  – измеќари на тој еден процент што ја киднапира државата.

Оваа власт на чело со ВМРО-ДПМНЕ,  наместо да  да го извлече најдоброто,  успеа да го извади најлошото од Македонецот. Плашлив, поткуплив, тап, мрзлив, завидлив и пасивно-агресивен. И тоа најлошото, го храни 10 години. Со сите расположиви средства и со наши пари. И на тој начин ја подига железната завеса.  И ја засилува студената граѓанска војна.

4 Ако не нè убие патетиката на Ѓоле и патриотизмот на Груевски, тогаш ќе нè убие симболиката на „Скопје 2014“. Во предвечерието на најголемиот јубилеј, додека Армијата пукаше со почесни плотуни од Кале, во центарот на Скопје пукна канализациона цевка. Сите гомна излегоа на површина. И го затворија мостот „Слобода“. Гомната не го издржаа притисокот. Како ли им е на луѓето.

Но, тоа не е сè. Од пукнатата цевка се направи езеро кај Министерството за надворешни работи. И со црево покрај златната ограда од милион евра водата од дипломатското езеро се исфрлаше во Вардар. Природно течење, како што било од век и веков. Солун е наш. Која симболика, кое срање… Дипломатски притисок врз Грција. И тоа баш на 8 Септември.

Но и тоа не е сè. Новинарите беа спречени да го снимаат градилиштето и фекалното езеро. На мостот „Слобода“ полицијата ги чуваше гомната од очите на јавноста.

Па, како да не ја сакаш Македонија!

AUDIO PODCAST

Слушај тука

 

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...
©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари