АКО НЕ МЕ ПРИМАТ ВО БРИСЕЛ СО КИНЕСКА ВАКЦИНА, ОДЛИЧНО ЗА НАС, НЕМА ДИЈАЛОГ СО ПРИШТИНА, ИЗЈАВИ СРПСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ ВУЧИЌ

    АКО НЕ МЕ ПРИМАТ ВО БРИСЕЛ СО КИНЕСКА ВАКЦИНА, ОДЛИЧНО ЗА НАС, НЕМА ДИЈАЛОГ СО ПРИШТИНА, ИЗЈАВИ СРПСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ ВУЧИЌВучиќ на граничниот премин Табановце при примопредавањето на првите дози од вакцината на „Фајзер“ со кои почна вакцинацијата во земјава. (Фото: К. Попов)

    Откако Европската унија денеска најави дека ќе расправа за идејата ковид пасошите да важат само за оние кои примиле вакцина одобрена од Европската агенција за лекови, српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека ќе се вакцинира со кинеската вакцина.

    „Ваквата одлука е неразумна, ама ако ја донесат тоа ќе биде одлично за нас. Како ќе му забранат патување на унгарскиот премиер Виктор Орбан кој се вакцинираше со кинеската вакцина? Еве и мене сега ме поттикнаа што побрзо да ја примам кинеската вакцина и ако после тоа не ме примат во Брисел нема ништо од дијалогот со Приштина“, изјави Вучиќ кој е на пат во Бахреин.

    Доколку ЕУ не ја повлече оваа одлука, Вучиќ најави дека во Србија ќе се отвори лабораторија на ПЦР тестови, со што граѓаните кои се вакцинирани со кинеската или руската вакцина, за 90 минути ќе добиваат резултати за да можат да патуваат во европските земји.

    Еврокомесарот за правда Дидје Рајндерс денеска кажа дека земјите-членки се слободни да ги имунизираат своите граѓани со која било вакцина, но сертификат за слободно патување ќе добијат само оние кои примиле вакцина одобрена од ЕМА, што моментално се „Фајзер/Бионтек“, „Модерна“ и „АстраЗенека“, а во процедура за одобрување е и „Џонсон и Џонсон“.

    Унгарија е прва земја од Европска Унија која почна да го вакцинира населението со кинеската вакцина, откако претходно почна да ја користи и руската „спутник“. Премиерот Орбан се вакцинираше токму со кинеската на „Синофарм“ бидејќи, како што изјави, најмногу ѝ верува.

    Од јули, пак, руската вакцина „спутник“ би можела да почне и да се произведува во ЕУ, во италијанскиот град Капонањо близу Милано, откако рускиот Фонд за директни инвестиции потпиша договор со италијанско-швајцарската фармацевтска компанија „Адиен“. Италијанската влада, наводно, не знаела за договорот, иако кажа дека тоа е легитимна одлука.

    Во Македонија досега вакцинацијата се одвива со вакцините на „Фајзер“ кои ги добие како донација од Србија и со „спутник“ набавени во дирекни преговори со Русија. Исто така, земјава нарача и 200.000 дози од кинеската на „Синофарм“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира