Експлозивната направа под едно од бироата во споените канцеларии број 116 и 118 во Собранието, на 27 април за време на насилствата во законодавниот дом, ја поставил 41-годишниот скопјанец Л. Ј., соопшти МВР. Против него МВР поднесе кривична пријава за неовластено производство и држење на оружје и распрскувачки материјали и за предизвикување општа опасност.
Л. Ј. е на слобода по разговорот во обвинителството, иако пет дена по поставувањето на експлозивната направа, соработниците за евроинтеграции Мерван Јакупи и Нијази Јахја, во чиј кабинет била поставена, можеле да бидат повредени.
Според МВР, вечерта на 27 април околу 19:00 часот, пријавениот заедно со толпата влегол во Собранието. Некаде околу 20:40 часот, заедно со уште 20-тина лица се качил на првиот кат од зградата, по што сам влегол во канцелариите бр.116 и бр.118, кабинетите на Јакупи и Јахја. Потоа, под едно од бироата, Л. Ј. ја поставил направата и си заминал. По пет дена утрината, откако двајцата вработени пристигнале на работните места и почнале да го средуваат нередот, Јакупи ги забележал петардата и импровизираната експлозивна направа на подот и под бирото. Мислел дека е факел, па заедно со колегата Јахја предметите ги однеле и ги оставиле до кофите за смет во ходникот. Истиот ден околу 17:00 часот, еден од вработените во собраниското обезбедување ја забележал експлозивната направа и веднаш ја известил Единицата за информации и команда во СВР Скопје. Специјализираната единица дошла и ја демонтирала направата. Полицијата поставувачот на бомбата, која за среќа не експлодирала, за кратко време го открила на снимките од безбедносните камери и веднаш го уапсила. Но обвинителот, по извршениот разговор, го пуштил на слобода.
С. К. ДЕЛЕВСКА