ДЕЦАТА ОД ОХРИД ЌЕ СЕ ЛЕКУВААТ ВО СТРУГА, ЗАТВОРЕН ОДДЕЛОТ ЗА ДЕТСКИ БОЛЕСТИ ОТИ НЕМА ПЕДИЈАТРИ

    ДЕЦАТА ОД ОХРИД ЌЕ СЕ ЛЕКУВААТ ВО СТРУГА, ЗАТВОРЕН ОДДЕЛОТ ЗА ДЕТСКИ БОЛЕСТИ ОТИ НЕМА ПЕДИЈАТРИОд Општата болница во Струга велат дека имаат капацитет да ги згрижат пациентите од Охрид. (Фото: СДК.МК)

    Болните деца од Охрид ќе се хоспитализираат во Струга, оти Одделот за детски болести во Охридската болница се затвори поради недостиг на педијатри. Останати се само двајца специјалисти кои можат да лекуваат деца, но тие се доволни само за амбулантски прегледи и тоа само во работни денови. За викенд болните деца ќе се упатуваат во Струшката болница.

    Од Општата болница во Струга велат дека имаат капацитет да ги згрижат пациентите од Охрид.

    „Ние сме тука моментално шест доктори кои го покриваме Детското одделение и Неонатологија. Се правеа напори да одиме во Охрид, но тоа нема да може да успее. Компромис сега во ваква состојба е итните случаи да ги примаме. Отворени сме 24 часа за какви било случаи“, вели д-р Вулнент Бектеши, неантолог-педијатар.

    Струшката болница има и доволно болнички кревети за хоспитализација.

    „Имаме 18 кревети, мислам дека се доволни. Работиме по распоред, бидејќи покриваме и Неонатологија. Двајца сме преку цел ден, има лекар дежурен и тој број од 6 педијатри засега е доволен и спремни сме да го пребродиме овој период“, додава д-р Бектеши.

    Недостигот со педијатри како во Охрид така и низ целата држава, според педијатарката Нада Колоска, е поради слабиот интерес кај младите лекари за специјализација во оваа област.

    „Тоа треба долгорочно да се размислува. Уште пред 10 години требаше да се види дека кадарот од педијатри е веќе во години и да се препознае дека ќе биде во дефицит. Можеби е неатрактивна гранка, можеби и тешка специјализацијата. За да прегледаш дете треба огромно искуство. Треба повеќе години да се надмине овој проблем. Дотогаш не знам како ќе функционираме, бидејќи во повеќе градови го имаат овој проблем. Струга има најголем број педијатри, но е голем регион со детска популација, а имаме и сезонски период кога има и по 150 прегледи дневно“, вели д-р Колоска.

    Еден од двајцата педијатри во Општата болница во Охрид, д-р Орхан Зекир, вели дека 15 години не е пуштен доктор да специјализира педијатрија.

    „Останавме само двајца педијатри во цела болница, практично неиздржливо е. Пробавме да работиме еден месец секој втор ден по 24 часа, меѓутоа тоа е неиздржливо. Ќе мораме додека се најде некое решение да ја прекинеме работата како Одделение со болнички пациенти. Сè поизвесно е дека од февруари ќе остане единствениот педијатар во болницата“, вели д-р Зекири.

    Зекири додава дека Охридската болница има недостаток и од анестезиолог, а во болницата моментално има само еден трансфузиолог.

    И Одделот за урологија, кој досега ја опслужуваше и Битолската болница кога има потреба од вршење на операции, работи само со амбулантски прегледи оти има еден уролог.

    Директорот д-р Горан Балески вели дека ова е привремено и наскоро ќе почнат повторно да се оперираат.

    Само оваа година извршени биле околу 300 операции на урологија.

    С. ВРЕНЦОВСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира