Директорот на Клиниката за ортопедски болести д-р Виктор Камнар за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека листите на чекање за елективните оперативни интервенции, по застојот од шест месеци поради коронакризата се зголемиле, но верува дека со добра организација нема да се чека повеќе од шест месеци.
Клиниката постепено се враќа во нормала како што работеше пред рестрикциите предизвикани од пандемијата на ковид-19, а се врaти и редовната хируршка програма откако по речиси шест месеци пауза почна закажувањето прегледи и интервенции во електронскиот систем.
Министерот за здравство Венко Филипче на 3 септември кажа дека прегледите и интервенциите од „Мој термин“ ќе бидат достапни и за лицата на кои им беа одложени интервенциите поради ковид-19 и на новите пациенти. Термините ќе им се закажуваат согласно листата на чекање кај соодветен доктор и како што биле одложувани интервенциите, таква ќе биде и динамиката.
Д-р Камнар вели дека во моментов закажувањето на пациентите за прегледи и оперативни интервенци е тековно, согласно препораките за превенција за ширење на ковид-19 инфекцијата.
„Секој пациент кој се прима за оперативен третман се тестира за ковид-19. Листите на чекање на елективните оперативни интервенции, бидејќи имавме застој од повеќе месеци, се зголемија. Меѓутоа, со добра организација и во услови ако оваа епидемија има намален интензитет во наредниот период од 3 месеци, ќе се вратиме во редовен режим на работа, кога нема да се чека повеќе од 6 месеци за елективните операции, согласно бројките кои што се од ‘Мој термин’ и бројот на интервенции“, вели д-р Камнар.
Тој вели дека Клиниката за ортопедски болести функционирала со полн капацитет и за време на рестрикциите, со тоа што речиси шест месеци беа одложувани елективните оперативни интервенции и прегледи. „Се интервенираше кај кај сите состојби што беа итни, а се во доменот на скелетната траума, зглобната траума, онколошката ортопедија, односно туморите на коските, како и сите неодложни состојби во делот на детската ортопедија. Сите беа тековно дијагностицирани и лекувани“, вели директорот на Ортопедија.
Матичните лекари и пациентите реагираат дека е блокиран Националниот електронски здравствен систем „Мој термин“ и дека најголем проблем имаат кога треба да им закажат прегледи за ехо на простата, на дојка, радиолошки испитувања, ортопедски болести и кардиологија, каде што листите на чекање се најдолги.
Министерот за здравство Венко Филипче вели дека нема проблем со закажување на прегледи.
- МАТИЧНИТЕ ЛЕКАРИ СЕ МАЧАТ СО ЗАКАЖУВАЊЕ ЗА ЕХО НА ПРОСТАТА И НА ДОЈКА, ФИЛИПЧЕ И КЛИНИКИТЕ ВЕЛАТ ДЕКА НЕМА ПРОБЛЕМ СО „МОЈ ТЕРМИН“
- ПРОЦЕНТОТ НА БОЛНИ ОД КАРЦИНОМИ Е ИСТ КАКО ЛАНИ, ИАКО ИМАВМЕ ПОМАЛКУ ПРЕГЛЕДИ ПОРАДИ КОРОНАКРИЗАТА, ВЕЛИ ДИРЕКТОРКАТА НА ГАСТРО, Д-Р ГРИВЧЕВА-СТАРДЕЛОВА
Б. НЕСТОРОСКА