НЕВАКЦИНИРАНИТЕ ПРОТИВ КОВИД ГИ ПОЛНАТ БОЛНИЦИТЕ, 54 ХОСПИТАЛИЗИРАНИ ПОВЕЌЕ ОД МИНАТАТА НЕДЕЛА

    НЕВАКЦИНИРАНИТЕ ПРОТИВ КОВИД ГИ ПОЛНАТ БОЛНИЦИТЕ, 54 ХОСПИТАЛИЗИРАНИ ПОВЕЌЕ ОД МИНАТАТА НЕДЕЛАОд 4-10 октомври хоспитализирани биле 520 болни, а од 11 до 17 октомври 574. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Невакцинираните против ковид-19 ги полнат болниците, вели министерот за здравство Венко Филипче. Бројката на новозаболени од ковид-19 деновиве е пак во раст, а според податоците од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) за 54 пациенти плус е зголемен и бројот на хоспитализации во изминативе две недели. Активни болни од ковид-19  се 5.699.

    Од 4 до 10 октомври, хоспитализирани биле 520 лица, од кои 351 на кислородна поддршка и 23 на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација. Од 11 до 17 октомври хоспитализирани се 574 лица, а од нив 377 се на кислородна поддршка и 20 на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација.

    Според министерот, очигледно е дека е огромен процентот на невакцинирани кои се заболени и се шири само меѓу невакцинарните.

    „За жал, значајно се намали интересот за вакцина. Сѐ уште има одделенија кои работат како Ковид-центри, не работат со основната дејност, сѐ уште има систем на ротација. Сметам дека тоа не треба да биде сценарио во време кога имаме на располагање вакцини против ковид-19 и дека граѓаните треба да се свесни за заштита на своето и колективното здравје“, кажа министерот.

    Според последните податоци од Министерството за здравство, 83 отсто од починатите лица од ковид-19 од 8 август до 14 октомври во земјава не биле вакцинирани, или 1.149 од вкупно 1.882 починати. Од вкупниот број починати за наведениот период, 17 отсто, односно 233 примиле вакцина.

    Заклучно со 20 октомври вкупно се вакцинирани 800.357 граѓани, ревакцинирани се 766.521 а трета доза примиле 2.365 граѓани. 54% од граѓаните над 40-годишна возраст се ревакцинирани, а 33% од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.

    Според бројот на аплицирани вакцини, 38% од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35% од популацијата во државата примила две дози вакцина.

    Во однос на тестирањето на ковид-19 кое почна вчера во училиштата во земјава, Филипче кажа дека до денес сите тестирани ученици се негативни и оти се надева дека тој тренд ќе продолжи.

    На новинарско прашање дали во земјава се води статистика за постковид пациенти и компликации, министерот кажа дека за овие пациенти референтна е Клиниката за пулмологија и дека има случаи каде доаѓаат пациенти со различни срцеви и белодробни манифестации.

    „Нема некој значаен наплив на Пулмологија, нема притисок, но се јавуваат пациенти. И во светот и кај нас сега сѐ повеќе се анализираат податоците за постковид пациентите и сметам е многу рано да се зборува за типични постковид последици“, кажа Филипчe по националната конференција во организација на невладината организација САНО за децата со карцином и предизвиците со ковид-19.

    Б. НЕСТОРОСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира