ОХРИД НЕ НИ ГИ ПРИМА СТРУЖАНИТЕ БОЛНИ ОД КОВИД-19, ОБВИНУВА ДИРЕКТОРОТ НА СТРУШКАТА БОЛНИЦА, ОХРИДСКИОТ ДИРЕКТОР ОДГОВАРА ДЕКА ТОА ТВРДЕЊЕ Е ЛУДОСТ

    ОХРИД НЕ НИ ГИ ПРИМА СТРУЖАНИТЕ БОЛНИ ОД КОВИД-19, ОБВИНУВА ДИРЕКТОРОТ НА СТРУШКАТА БОЛНИЦА, ОХРИДСКИОТ ДИРЕКТОР ОДГОВАРА ДЕКА ТОА ТВРДЕЊЕ Е ЛУДОСТОсум интернисти и четворица лекари по општа медицина се кадарот којшто директно работи со болните од ковид-19 кои лежат на Интерното одделение во Струшката болница. (Фото: СДК.МК)

    Иако нема инфективно одделение ниту инфектолози, Општата болница во Струга успешно се справува со ковид заболените пациенти, велат од управата на болницата. Во оваа здравствена установа Интерното одделение е претворено во ковид-центар, каде моментално се згрижени 12 пациенти, седум позитивни, двајца сомнителни и исто толку моментално негативни. Најмладата е 30-годишна жена.

    Директорот на болницата Мухамед Асани вели дека успешно се справуваат со ситуацијата бидејќи имале доволно простор, но и медицински персонал. Осум интернисти и четворица лекари по општа медицина се кадарот којшто директно работи со овие пациенти. Секојдневно брисевите на сомнителните случаеви земени од едуциран персонал се возат од Струга до лабораторијата на Македонската академија на науките (МАНУ) во Скопје, а резултатите ги добиваат истиот ден.

    „Ние како општа болница во Струга секојдневно имавме пациенти со такви симптоми што требаше да ги сместиме. Отпор имавме максимален, не добивме ни еден слободен простор во Охрид. Имавме проблем и со Битола и со Скопје. Тоа траеше долго време. Дојдовме до ситуација да донесам лично одлука заедно со колегите од Интерно да ги примаме тие пациенти. Месеци наназад не пуштаме пациенти во Охрид и со болницата немаме никаков контакт кога станува збор за пандемијата и пациентите. Директорот д-р Горан Балески, актуелниот, јавно пред медиумите рече од Струга не прима пациенти, мислејќи дека е голем газда и дека болницата е лично негова. Секој пациент кај нас има право да ја бара здравствената помош и за тоа сме ние платени. Досега добро се снаоѓаме, на Интерно имаме 35 кревети, дел од собите се за позитивните, дел за сомнителни. Функционираме најнормално. Пациентите со тешки симптоми ги транспортираме директно на Инфективната клиника во Скопје“, вели Асани.

    Директорот на Охридската болница д-р Горан Балевски вели дека е лудост некој да ги обвинува дека не примаат пациенти.

    „Два месеца, април и мај, нашите три инфектолози ја покриваа цела Струга. Тоа е негово лично мислење, но Општата болница Охрид има одлични односи со сите болници додека струшката со ниту една. Со директорот на струшката болница нема никој добри односи. Со него не ни може да имаш добри односи. Тој не соработува, само напаѓа. Тие имаат интерно оделение. Сите болници мора активно да се вклучат во лекување, не може сите пациенти да се праќаат некаде“, вели директорот на Охридската болница.

    Балевски вели дека одделот за инфективни болести во Охрид е со тројца инфектолози од кој што едната лекарка е пред пензија,  а другата има 61 година.

    „Изминативе седум месеци ние сме регионален центар за ковид. Летниот период имавме голем наплив на пациенти, голем број  туристи позитивни на коронавирусот. Цела геријатрија ја испразнивме, дел од хирургија за да можеме да ги третираме позитивните на коронавирусот и од Охрид и од Струга и од Дебар. Сите транспорти им ги правевме на струшките пациенти со наши возила со наша екипа“, вели директорот Балевски.

     

    Немаме добиено ни бонус кој им следува на болници кои имаат Оддел за инфективно, иако ние како бројка имаме третирано пациенти со ковид-19 три пати повеќе од болницата во Охрид која беше во таа група која зеде дополнителни средства, вели директорот Мухамед Асани. (Фото: СДК.МК)

    Директорот на Струшката болница Асани пак вели дека Струга е оставена сама да се справува со ситуацијата и покрај тоа што оваа општина е една од првите жаришта на заразата.

    „Од кога започна пандемијата, ние сме една од најпогодените болници соочени со овие проблеми со оглед на тоа што Струга беше едно од првите жаришта. Оттогаш па сè досега сме имале многу проблеми. Првите месеци, проблемот беше тоа што немаме Инфективно одделение и бевме принудени да ги испраќаме пациентите во Инфективното во Општата болница во Охрид како регионално одделение. Имавме една жртва, почината пациентка, по што имаше промена на директорката Славица Малеска во Охридската болница. Тогаш се направија првите напори Охрид да ги прифаќа пациентите заболени од ковид-19 од Струга, Ресен, Дебар, Кичево. Имаше еден договор Хирушката болница во Охрид да се претвори во ковид-центар, беше прифатен предлогот но за жал, не се реализира. Нè оставија да се снаоѓаме како можеме“, вели Асани.

    Моментално, целата болница во Струга е ставена на услуга на ковид пациентите, лабораторија, рентген, дијагностика. Амбулантите, Хирургија, Гинекологија работат нормално, а дел од собите од Хирургија се користат за интернистички пациенти кои не се поврзани со ковид-19. Навремено се обезбедуваат сите средства за заштита пропишани со здравствените протоколи, маски, визири, скафандери, средства за дезинфекција.

     

    Со директорот на струшката болница нема никој добри односи. Тој не соработува, само напаѓа. Тие имаат интерно оделение. Сите болници мора активно да се вклучат во лекување, не може сите пациенти да се праќаат некаде“, вели директорот на Охридската болница д-р Горан Балевски. (Фото: СДК.МК)

    Ако продолжи да расте бројот на заболени, директорот на Струшката болница вели дека ќе се соочат со проблеми. Не добиле дополнителни средства за справување со пандемијата и покрај тоа што повеќе пати се обратиле до Министерството за здравство. Досега, од таму им испратиле само 3.500 маски, што според Асани било доволно само за една недела.

    „Донации имаме добиено само од физички лица и приватни компании, другото е сè од нашиот буџет. Сме потрошиле 35.000 ракавици за само 15 дена, тоа е голема бројка. Немаме добиено ни бонус кој им следува на болници кои имаат Оддел за инфективно, иако ние како бројка имаме третирано пациенти три пати повеќе од болницата во Охрид која беше во таа група која зеде дополнителни средства. Сега веќе се сметаме како ковид-болница и се надеваме дека ќе добиеме средства. Вака сме во тешка економска ситуација. Имаме околу 400 вработени“, вели Асани.

    Во Струшката болница има Оддел за хирургија, Интерно, Гинекологија и Педијатрија. Минатата година се инвестирало во опрема во висина од 500 илјади евра. Сега се опремиле и со апарат за анестезија како и најнов колоноскоп. Лабораторијата е опремена за комплетна клиничка анализа.

    Досега во Струшката болница имало над 160 заболени од ковид-19. Последната жртва е 77-годишна стружанка која почина завчера на Интерното оделение. Досега во Струга вкупно од ковид-19 починале 10 заболени.

    С. ВРЕНЦОВСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира