ВО ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО ВО ЗЕМЈАВА НЕ СЕ КОРИСТИ „ИВЕРМЕКТИН“ ЗА ЛЕКУВАЊЕ НА КОВИД ПАЦИЕНТИ

    ВО ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО ВО ЗЕМЈАВА НЕ СЕ КОРИСТИ „ИВЕРМЕКТИН“ ЗА ЛЕКУВАЊЕ НА КОВИД ПАЦИЕНТИЛекот во Македонија стана достапен на 12 јанаури, со препорака од матичен лекар или лекар специјалист.(Фото: К. Попов)

    Во ковид центрите во јавното здравство лекот „ивермектин“ не се употребува при клинички третман на пациенти заболени со ковид-19 вирусот, велат од Министерството за здравство за САКАМДАКАЖАМ.МК како одговор на нашето прашање дали овој лек се користи за лекување на ковид пациенти.

    Нема официјални податоци дали „ивермектинот“ се дава во приватните болници.

    Матичните лекари го препишуваат лекот „ивермектин“, за што при крајот на јануари годинава побарале и добиле позитивно мислење од Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија.

    „По барање на пациентите кои сакаа да се лекуваат со ‘ивермектин’, побаравме мислење преку Лекарска комора, од ЈЗУ Универзитетска клиника за пулмологија и алергологија. Беше потпишано од д-р Дејан Докиќ, протокол како да се користи лекот, дека лекот може да се дава на лица позитивни на ковид-19. За ова ги информиравме колегите преку нашата веб страница. Моравме да побараме мислење, оти постоеше опасност, некој да реагира, како и врз основа на што го препишуваме лекот“, вели д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари на Македонија.

    Лекот „ивермектин“ во македонските аптеки дојде на 12 јануари, и тогаш Министерството кажа дека лекот се зема превентивно и исклучиво со лекарска препорака, доколку лице било во контакт со ковид позитивен. Лекот во аптеките се продава по малопродажна цена од 299 денари.

    „Овој лек може да се зема само со лекарски рецепт од матичен лекар или лекар специјалист. Истиот може да се употребува во домашно и болничко лекување, и да се земе превентивно, исклучиво со лекарска препорака, доколку лице било во контакт со ковид позитивен“, соопшти Министерството на 12 јануари.

    На 5 февруари, од кабинетот на министерот за здравство Венко Филипче рекоа дека лекот „ивермектин“ ќе продолжи да се дава кај ковид пациенти во Македонија, и покрај тоа што производителот на лекови „Мерк“ ден претходно објави дека не лекува ковид-19.

    Европската агенција за лекови (ЕМА) на 22 март објави дека лекот „ивермектин“ не помага во спречувањето и лекувањето на ковид-19, откако ги анализираше последните податоци. Во Европската Унија, „ивермектин“ се користи за лекување на некои паразитски и кожни заболувања, а има примена и во ветеринарството, но не е одобрен за лекување на ковид-19. ЕМА објави дека не добила апликација за таква употреба.

    Изминативе денови, Агенцијата за храна и лекови (ФДА) на САД предупреди дека антипаразитскиот лек „ивермектин“ кој најчесто се користи за животни, не треба да се користи за лекување или превенција од ковид-19, со објава на Твитер „Не сте коњи. Ниту крави. Сериозно, сите, престанете да го земате лекот ‘ивермектин”.

    За време на пандемијата, овој лек, како што пишува „Њујорк тајмс“ на контроверзен начин, беше претставен како потенцијален лек за лекување на ковид болни лица, но неодамнешни испитувања покажаа дека неговата ефикасност против коронавирусот е слаба.

    Агенцијата се повика на повеќе извештаи од повеќе американски сојузни држави за лица на кои „им требала лекарска помош и биле хоспитализирани откако на своја рака се лечеле со ‘ивермектин’ наменет за коњи“.

    „Користењето на големи дози од овој лек е опасно и може да предизвика сериозна штета“, вели ФДА.

    П. ПЕЧКОВ


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира