Дел од општините Центар и Карпош денеска половина час останаа без струја. Струја немаше во населбите Козле, Карпош, Тафталиџе, Капиштец и Водно. Струја снема и синоќа попладне кога делови од Општина Карпош беа без напојување со електрична енергија, а улиците и булеварите во мрак.
Од компанијата ЕВН велат дека два дена по ред има краток прекин во снабдувањето со струја поради преоптовареност на мрежата, но корисниците за кратко време биле префрлени на други напојни точки.
„Денеска во 10.48 часот настана прекин во снабдувањето со електрична енергија за корисниците кои се напојуваат од трафостаниците кои се поврзани на 35 киловатна врска на Електродистрибуција од трафостаница Запад до трафостаница Централна. Екипите на Електродистрибуција излегоа на терен да го санираат дефектот, а корисниците од Центар, Капиштец и Тафталиџе, парцијално беа префрлани на други напојни точки со што некои веднаш добија напојување, а другите во период од 15 до 30 минути“, велат од ЕВН.
Истовремено објаснуваат од компанијата се случил и прекин на 110 киловатен далекувод Скопје 3 – Запад во ТС Скопје 3, каде што реагирала заштитата за да не настане дефект во самата трафостаница.
„Дел од корисниците од населбите Водно, Капиштец, Козле, Карпош 2, Ѓорче Петров, Влае, Тафталиџе, Сарај кратко време останаа без електрична енергија. Екипите веднаш реагираа, а корисниците беа префрлени на други напојни точки и беше нормализирано снабдувањето со електрична енергија“, додаваат од ЕВН.
А. АНТЕВСКА