Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис е разочаран од ветото на Франција за почетокот на пристапните преговори на земјава со Европската Унија, пренесува Глас на Америка на македонски јазик. Мицотакис пред средбата со американскиот претседател Доналд Трамп гостуваше на дебата во Атланскиот совет во Вашингтон, каде изјави дека Грција ги поддржува промените во европскиот процес, кои треба да ја доближат Северна Македонија до ЕУ.
„Направен е прогрес во врска со промените кои би можеле да се направат во процесот на пристапување. Се надевам дека во мај во Загреб, Франција, Данска и Холандија ќе ги преиспитаат нивните одлуки“, рече грчкиот премиер Мицотакис.
Мицотакис кажа дека се` уште имаат проблеми со Договорот од Преспа, особено со трговските марки и одбраната на брендот македонски.
„Им помагаме на компаниите да го заштитат брендот и ќе работиме систематски во таа насока. Но, истовремено кажавме дека ќе го предводиме Западниот Балкан во ЕУ. Ако сакаме нашиот интерес кај северниот сосед да биде земен предвид, потребен ни е отворен пристапен процес со Унијата. Не треба да им ја затвориме вратата в лице“, рече Мицотакис на дебата во Атлантскиот совет во Вашингтон.
На средбата меѓу Мицотакис и Трамп се разговарало за американски инвестиции во Грција, можност за купување воена опрема од САД, како и за акциите на Турција, кои Мицотакис ги опиша како провокативни.