Породилното отсуство се продолжува додека траат мерките на Владата за заштита и ширење на коронавирусот, соопшти Министерството за труд и социјална политика. Мајките на кои им истекло породилното отсуство од 9 месеци, поради состојбата со коронавирусот и во наредниот период нема да треба да се враќаат на работа, а ќе добиваат плата од Фондот за здравство како и за изминатите месеци.
„Со уредба со законска сила на Законот за работни односи што ја донесе Владата, отсуството од работа на работничка поради бременост, раѓање и родителство и посвојување продолжува да тече и надоместокот на плата продолжува да се исплаќа до истекот на траењето на времените мерки за заштита од ширење и превенција од КОВИД-19. Продолжувањето на породилното отсуство ќе се регулира преку Фондот за здравствено осигурување“, соопшти Министерството за труд и социјална политика.
Со одлука на Владата, еден родител на дете до 10 години е ослободен од одење на работа откако градинките и школите беа затворени на 10 март. Родителот треба на работодавачот да му приложи потврда издадена од градинката или училиштето.
А. АНТЕВСКА