Лидерот на СДСМ Зоран Заев е негативен на КОВИД-19, соопштија од Министерството за здравство.
Заев синоќа беше тестиран бидејќи на 2 април имаше интервју со новинарот и главниот уредник на Канал 5 телевизија Гоце Михајлоски, кој е позитивен на КОВИД-19.
Вчера бил тестиран и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој како што кажа утрово министерот за здравство Венко Филипче е негативен на тестот. И двајцата ќе останат во самоизолација 14 дена од денот на контактот со Михајлоски, значи уште 7 дена.
„Сите оние кои досега имале контакт со Заев и Мицкоски, со оглед дека се негативни на тестовите не се во ризик, што значи не треба да се тестираат и да бидат во самоизолација“, кажа министерот Венко Филипче на прес-конференцијата.
Во однос на тоа дека тестовите на Заев и Мицкоски биле готови многу побрзо за разлика од другите граѓани, Филипче рече дека тоа е направено бидејќи тие како лидери на двете најголеми политички партии имаат голем број на контакти.
„Тие се експонирани во јавноста, имаат контакти со многу луѓе. Лидерот на СДСМ Заев има контакти и со министри во Владата. Не станува збор за политички приоритети туку за заштита на државните интереси и зачувување на функционалноста на институциите во вакви моменти. Двајцата лидери имаат и интензивни контакти со медиумите, кои се наш најсериозен партнер во борбата со коронавирот, кои исто така сакавме да ги заштитиме“, рече Филипче.
Четворица вработени во Канал 5 ќе бидат во домашна самоизолација, бидејќи дента кога Михајлоски ги добил првите симптоми тие биле на работа, кажа на прес-конференцијата новинарката од оваа телевизија Тамара Стојкова.
Филипче рече дека епидемиолошките анкети се завршени.
„Епидемиолозите беа во комуникација со одговорните од телевизијата. Се направија интервјуа со сите вработени и кои се сметаат дека се од висок ризик. Јас верувам дека и колегите од останатите медиуми, како и сите други приватни контакти на тие лица кои се смета дека се во ризик, се направени или ќе бидат направени во текот на утрешниот ден, согласно тоа, ќе бидат преземени и одредени мерки. Доколку има некаква потреба за самата телевизија, детално е исчистена, според стандардите. Центарот за јавно здравје беше во комуникација со уредниците и сметам дека за таа институција важат апсолутно истите протоколи, пристапот кон заболените и нивните примарни контакти, како и за сите други институции“, рече Филипче.
И Заев и Мицкоски денеска на Фејсбук објавија дека немаат симптоми и дека се во добра здравствена состојба, но ќе останат во самоизолација до истекот на 14 дена од последниот контакт со заразениот.
А. АНТЕВСКА