Лидерот на СДСМ Зоран Заев по денешната лидерска средба кажа дека тие како владејачка партија понудиле неколку датуми за одржување на изборите,но, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски не сакал да разговара за термини. Тоа според Заев покажува дека ВМРО-ДПМНЕ се плашат од пораз, сакаат да купат време, но како што кажа одговорноста кон граѓаните е најважна и затоа се надева дека наредна недела ќе биде утврден датумот.
„На средбата ние понудивме неколку датуми. Сметаме дека најдобро е изборите да се одржат на 14 јуни. Во моментов немаме Парламент, немаме политичка влада да носи одговорност. Според сите мислења и на домашни и на светски експерти, со коронавирусот ќе мора да научиме да живееме. На есен е можен нов пик. Затоа останува да се консултираме со Државната изборна комисија за времето потребно за спроведување на изборите, како и со мисијата на ОБСЕ/ОДИХР за испраќање на набљудувачи. Сите бевме согласни дека имаме доверба од здравствените комисии, кои денеска предложија олабавување на мерките. Затоа се надевам дека наредната недела ќе имаме датум за избори“, рече Заев.
По средбата лидерот на ДУИ Али Ахмети кажа дека мислење за датум да одржување на избори ќе даде откако ќе го слушне мислењето на Комисијата за заразни болести дали има услови да се одржи изборен процес.
А. АНТЕВСКА