ЗА ДА ЗАЖИВЕЕ ВЕШТАЧКОТО СЕЛО НА ГРУЕВСКИ ВО НЕРЕЗИ ФИРМИТЕ ЗА ПОЧЕТОК НЕМА ДА ПЛАЌААТ КИРИЈА

    ЗА ДА ЗАЖИВЕЕ ВЕШТАЧКОТО СЕЛО НА ГРУЕВСКИ ВО НЕРЕЗИ ФИРМИТЕ ЗА ПОЧЕТОК НЕМА ДА ПЛАЌААТ КИРИЈАВо првата фаза во селото ќе се обезбеди брз интернет и услови за работа, а дел од куќите ќе функционираат како заеднички простор за работа. (Фото: СДК.МК)

    Македонско село во Нерези, на падините на Водно близу Скопје, кое беше измислено од Владата на Никола Груевски ќе се пренамени во стартап село, најави денес премиерот Оливер Спасовски, презентирајќи го третиот сет економски мерки за справување со коронакризата. Како што објаснуваат од Владата за САКАМДАКАЖАМ.МК, во првата фаза во селото ќе се обезбеди брз интернет и услови за работа, а дел од куќите ќе функционираат како простор за заедничка работа (co-working).

    „Во првата фаза ќе им се нуди бесплатна кирија на претприемачите, а потоа ќе плаќаат минимален надоместок со цел поддршка на нивните бизниси. Македонското стартап село во подоцнежната фаза ќе има и сместувачки капацитети за претприемачи од државата и странство, како и простор за настани, обуки и конференции“, велат од Владата.

    Овој проект, како што велат од Владата, е дел од долгорочната стратегија за позиционирање на државата како стартап средиште (хаб).

    Изградбата на Македонско село почна во 2011, во времето на премиерот Никола Груевски, а беше официјално пуштено во употреба на 22 јуни 2016. На отворањето, Груевски кажа: „Ова ќе биде едно неодминливо место за туристите кои ќе доаѓаат во Скопје, па и во Македонија. Ефектот е постигнат. Го добивме тоа што го посакувавме“.

    Изградбата чинеше околу 6,5 милиони евра. Има 12 двокатни куќи. Секоја од нив претставува различен регион од Македонија. На долниот кат од куќите, според проектот, треба да се претстават различните занаети карактеристични за регионите, а горните катови да функционираат како хотел.

    Хотел „Квинс“ и „Тинекс“ на ексградоначалникот на Општина Центар Владимир Тодоровиќ, во јануари 2016 го добија под концесија од 20 години за месечна кирија од 3.500 евра. Во октомври 2018, престанаа со работа бидејќи, како што соопштија, работеле со загуба и дека таква опција имале во договорот.

    Оттогаш, комплексот Македонско село во Нерези е заторен.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира