ЗАБОРАВЕНОТО И РАЗУРНАТО УЧИЛИШТЕ ВО ЉУБОЈНО ЌЕ СТАНЕ ЦЕНТАР ЗА ПРОМОЦИЈА НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК

    ЗАБОРАВЕНОТО И РАЗУРНАТО УЧИЛИШТЕ ВО ЉУБОЈНО ЌЕ СТАНЕ ЦЕНТАР ЗА ПРОМОЦИЈА НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИКОткако САКАМДАКАЖАМ.МК на 10 мај објави репортажа за состојбата во која се наоѓа училиштето „Димитар Влахов“ во Љубојно, каде на 15 ноември 1945 се одржал првиот час на македонски јазик во Преспа, Владата со проект овој значаен објект за македонскиот јазик да прерасне во место кое ќе го промовира јазикот и ќе биде посетувано од домашни и од странски туристи. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Заборавеното и разурнато училиште „Димитар Влахов“ во преспанското село Љубојно ќе се обнови и ќе стане Центар за промоција на македонскиот јазик. На 15 ноември 1945 година во ова училиште се одржал првиот час на македонски јазик во Преспа, и е второ училиште во Македонија, по она во кичевското село Подвис, каде се држела настава на мајчин јазик. Сега ,76 години подоцна училиштето стои распаднато, разурнато, обраснато со треви и непознато за пошироката јавност.

    Денеска, на двегодишнината од потпишувањето на историскиот Преспански договор (на 17 јуни 2018 во селото Нивици на Преспанското Езеро) со кој се разреши тридеценискиот спор за името меѓу Македонија и Грција,  ќе почне трансформацијата на училиштето „Димитар Влахов“ во Центар за промоција на македонскиот јазик.

    Откако САКАМДАКАЖАМ.МК на 10 мај објави репортажа за состојбата во која се наоѓа училиштето,  во Владата се работи на идејата овој значаен објект за македонскиот јазик да прерасне во место кое ќе го промовира јазикот и ќе биде посетувано не само од домашни туку и од странски туристи. Најпрво ќе се прави проект за комплетна реконструкција на објектот, кој ќе го има некогашниот карактеристичен изглед  и потоа ќе биде претворен во Центар за промоција на македонскиот јазик. Во Центарот посетителите ќе можат да добијат информации за настанувањето и озаконувањето на македонската азбука и воведување на македонскиот јазик за службен јазик во државата.

    Зградата на училиштето била изградена уште во 1907 година и се користела како училиште уште во тоа време. Како што раскажуваат жителите на Љубојно од ослободувањето до сега низ училиштето „Димитар Влахов“ поминале над 6.000 ученици.

    Од училишната зграда на „Димитар Влахов“ сега останати се само делови од влезот и надворешните ѕидови од некогашниот масивен објект со специфична архитектура. Училиштето е без таван, врати и прозорци, а наместо училници, внатрешноста е обрасната. Ги нема ниту дрвените скали кои од приземјето воделе кон училниците на првиот кат.

    Дека тука пред 76 години се одржал првиот час по мајчин јазик сведочи само спомен плочата која е поставена на некогашниот влез на училиштето. Благодарение на спомен плочата, што во 2004 ја поставија просветни работници во чест на 60-годишнината од наставата по македонски јазик, денес минувачите дознаваат дека ова школо е со значајна историја за македонскиот јазик и образование.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира