Државјани на Република Северна Македонија при влез во земјава на некоја од границите, не треба да покажуваат негативен резултат од претходно направен ПЦР тест за коронавирус. Негативен тест не постар од 72 часа треба да покажат само државјаните на Србија, Косово, Црна Гора и БиХ. Останатите странци при влез не треба да покажуваат негативен ПЦР тест.
„Српски, косовски, црногорски и државјани на Босна и Херцеговина задолжително ќе мора да покажат негативен тест, ако сакаат да влезат во нашата држава, поради зголемениот пораст на новозаразени лица во нивните земји. Веднаш штом ќе паднат бројките, мерките од наша страна ќе бидат тргнати“, велат од МВР.
Со ова се разреши забуната која настана кај македонски државјани кои се во странство воопшто, а особено кај тие што во моментов се во споменатите 4 држави.
Владата на 75-ата седница што се одржа вчера, донесе дополнување на Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на коронавирус КОВИД-19, со која од државјаните на Република Србија, Република Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина при влез на граничен премин на територијата на Република Северна Македонија, ќе се бара задолжително да приложат медицинска потврда со негативен резултат од тест RT PCR SARS-CoV-2.
Тестот не треба да биде постар од 72 часа пред влез на територијата на нашата земја. Покрај негативниот тест, државјаните на овие 4 земји ќе треба да приложат и пополнета изјава со лични податоци за местото на престојување и за временскиот период на престојот.
С. К. ДЕЛЕВСКА