ИСЕЛУВАЊЕТО НА ЕДЕН МЛАД ОБРАЗОВАН ЧОВЕК ЈА ЧИНИ ДРЖАВАТА 40.000 ЕВРА, 30 ПРОЦЕНТИ ОД МЛАДИТЕ РАБОТАТ НА ЦРНО

    ИСЕЛУВАЊЕТО НА ЕДЕН МЛАД ОБРАЗОВАН ЧОВЕК ЈА ЧИНИ ДРЖАВАТА 40.000 ЕВРА, 30 ПРОЦЕНТИ ОД МЛАДИТЕ РАБОТАТ НА ЦРНОТриесет проценти од младите во Македонија работат на црно, покажа анализата на Фондацијата за демократија Вестминстер. Неодамна Светска банка објави дека земјава ја напуштиле 500.000 луѓе, од нив две третини работоспособни, а една третина се високостручни кадри - најголем дел од ИТ секторот; - Жена минува низ Плоштадот Македонија во Скопје. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Дваесет и пет годишната Марија е архитектка од Скопје, која во февруари годинава дала отказ од работа, поради лошите услови и ниската плата, со надеж дека ќе најде подобра работа. Но пандемијата со ковид-19 ѝ ја затвори вратата не само од станот каде што живее заедно со родителите, туку и за новиот професионален предизвик. Сега, вели Марија, се наоѓа во „ниедна вода“. Се обидува да работи хонорарно, дури почнала да изработува слики од дрво, што го научила на Интернет, зашто нова работа не може да најде.

    „Сега да ми е овој памет, ќе си седев на работа, барем немаше да останам без скршен денар. По година и половина во фирмата видов дека тапкам во место, ништо посебно не научив како приправник, па дури бев принудена да ги продавам становите што ги градеше компанијата. Тоа секако не е работа на архитект, но на почетокот си викав млада сум, ќе истрпам. Ама не издржав“, вели Марија.

    Таа е eдна од вкупно 121.187 невработени лица кои ги евидентирала Агенцијата за вработување во мај годинава.  Македонија се соочува со хроничен проблем на невработеност, а целата ситуација со коронакризата уште повеќе ја влошува состојбата. Бројот на невработени од почетокот на јануари, кога изнесувал 104.409 лица,  до крајот на мај се зголемил за нови 16.800 лица  а конкретно од март до мај – кога ескалира економската криза поради избувнувањето на ковид-19, бројот на невработени се зголемил околу 15.400 луѓе.

    Извор: Агенција за вработување

    Ако се навлезе уште подлабоко во официјалните бројки, податоците во овој анализиран период покажуваат пораст на невработеноста кај млaдите во сите возрасни категории.

    Во мај, во Агенцијата за вработување биле регистрирани вкупно 25.886 невработени лица на возраст од 15 до 29 години, што во однос на  јануари претставува пораст за нови 5.063 невработени млади луѓе. Конкретно, само за пет месеци, бројот на невработени лица од 15 до 19 години се зголемил за 146, кај младите на возраст од 20 до 24 години за 2.458, а бројот на невработени од 24 до 29 години пораснал за 2.459.  Ова покажува дека 21,4% од евидентираните активни баратели на работа во мај биле млади лица.

    Извор: Агенција за вработување

    Со засилување на здравствената криза, само од почетокот на март до почетокот на јуни, бројот на млади невработени лица се зголемил за нови 3.482  невработени.

    Освен Агенцијата за вработување, стапката на невработеноста ја мери и Државниот завод за статистика, односно објавува податоци за тоа колку изнесува процентот на невработени во однос на оние кои сакаат да работат (без разлика дали се вработени или не).  На крајот од првото економско тримесечје, највисока стапка (процент на невработени во однос на оние кои сакаат да работат)  на невработеност од 34,9%  е регистрирана кај младите на возраст од 15 до 24 години, а во исто време кај оваа возрасна група е регистрирана и најниска стапка на вработеност од 20,8%.

    „Овие бројки се очекувани“, вели Бранимир Јовановиќ, економист и еден од поранешните советници во Министерството за финансии.  „Неколку фактори влијаат на зголемување на бројот на невработени млади лица во текот на здравствената криза. Прво, многу млади луѓе беа присутни во најпогодените сектори, како туризмот, угостителството, трговијата. Со затворање или редуцирање на работните места токму од таму се регрутираа и нови невработени млади луѓе. Второ, многу млади луѓе работат со договори на дело, како хонорарци и фриленсери и токму тие најмногу ја почувствуваа кризата останувајќи без работа. Оваа состојба се случува во приватниот, но и во јавниот сектор, каде беа ‘замрзнати’ вработувањата со договор на дело, а овој вид вработувања главно се однесуваат на млад кадар, додека повозрасните веќе се вработени со решенија“, вели Јовановиќ.

    30%ОД ВРАБОТЕНИТЕ МЛАДИ РАБОТАТ НА ЦРНО

    Повеќе од 7.800 дипломирани студенти излегле од факултетите и високите стручни школи во земјата минатата година, покажува Државниот завод за статистика. За сите нив вработувањето најчесто претставува прв чекор кон финансиска и социјална независност и треба да им ја отвори вратата кон светот на возрасните. Од вработувањето зависи и квалитетот на животот, нивната самодоверба, но и практичните одлуки поврзани со домувањето и формирање на семејство.

    Во Агенцијата за вработување, нема податок колку од дипломираните во генерацијата 2018/19 се вработиле или пак, ја изгубиле работата поради кризата. Од нивната статистика се гледа дека најголем дел од невработените работа чекаат до пет месеци. Но има и кои чекаат осум и повеќе години.

    Истражувањата на Светска банка, пак, покажува дека во Македонија поминуваат во просек по две и пол години од дипломирањето до наоѓање на стабилна работа со која младите се најчесто задоволни.

    А токму чекањето работа, ги намалува шансите за вработување. Светска банка предупредува дека седејќи дома и не наоѓајќи работа по неколку години, младите прво, немаат  можност да се стекнат со некое искуство што ќе им даде предност при секое наредно вработување. И второ, ги губат и тие вештини што ги имале на почетокот.

    „Многумина од младите ќе се обесхрабрат да најдат работа, ако чекаат работа во просек пет години“, стои во анализата на Светска банка за „Системската дијагноза за Македонија“.

    Извор: Светска банка

    Искуствата на младите покажуваат дека тие се работници со често прекршени работнички права, а оние кои се веќе невработени паѓаат во уште полоша позиција поради светската пандемија.

    „Дипломиран музичар сум. Живеев од свирките по ноќните клубови, но коронавирусот ги затвори. А тоа се случи токму еден месец откако се иселив од дома и почнав да живеам во празната куќа што ја наследив од баба ми. Сега, еве веќе неколку месеци, барам пари од родителите. А, да, добив 14.500 ден од Град Скопје зашто со бендот бевме ангажирани да свириме на отворено за време на полициски час“, раскажува Марко (не е негово вистинско име) од Скопје.

    Неговиот пријател Дејан од Прилеп вели дека до пред короната за него не било тешко да најде работа. Работел како келнер во кафеана. Но, тврди дека газдата го малтретирал и често му крател од платата. А, бил пријавен и со скратено работно време иако работел и по десет часа на ден.

    „Сега седам дома без работа. И којзнае до кога ќе биде вака“, вели Дејан додека нервозно ја гази цигарата на земја.

    Анализите на Младинскиот образовен форум и уште неколку други невладини покажуваат дека кај младите невработеноста е двојно повисока од останатото население, а од оние млади кои се вработени, 30% немаат ниту пишан, ниту усен договор.

    „Дополнително, неизвесноста со рестрикциите во патувањата, отворањето на границите и редистрибуцијата на работна сила во рамки на секоја земја, предизвикува уште еден бран на несигурност, особено кај младите кои работат сезонски во странство, и целата своја економска сигурност и обезбедувањето финансии за семејството и себе го потпираат на сезонската работа во земјите од ЕУ“, велат организациите.

    Дека младите масовно ги губат работните места, не само кај нас, туку и секаде во светот предупредува и Меѓународната организација на труд (МОТ).

    „Економската криза од ковид-19 им нанесе удар на младите луѓе, особено на жените, многу посилно и побрзо отколку на која било друга група“, изјави Гај Рајдер, генерален директор на МОТ.

    Статистиката на МОТ покажува дека едно од шест млади лица престанало да работи по започнувањето на пандемијата, додека работното време на оние што останале вработени било намалено за 23 проценти.

    ИСТОРИЈА НА НЕВРАБОТЕНОСТА КАЈ МЛАДИТЕ –  ШТО СЕ БАРА, А ШТО СЕ НУДИ НА ПАЗАРОТ НА ТРУД

    Од 2015 до крајот на 2019, бројот на невработени млади лица, според официјалната статистика, се намалува. Податоците од Агенцијата за вработување покажуваат дека во 2019 во споредба со 2015 бројот на невработени млади лица од 15 до 24 години се намалил за 2.976, а бројот на невработени од 25 до 29 години за 4.332 лица.

    Извор: Агенција за вработување

    Но, трендот на намалување на невработеноста кај младите се прекинува во 2019 кога во однос на 2018 е регистриран зголемен број на невработени на годишно ниво. Зошто има зголемување? Од Агенцијата за вработување велат дека има  две причини и двете поврзани со досегашното неевидентирање на младите невработени лица. Прво, воведување на мерката Младинска гаранција преку која се мобилизираа невработени млади лица за прв пат да се евидентираат во списоците на невработени. Втората причина се измените во Законот за социјална заштита од мај 2019 година, со кои во АВРСМ се евидентираат сите невработени членови на домаќинството корисник на гарантирана минимална помош, вклучително и младите до 29 години.

    Гаранцијата за млади е мерка која има за цел на младите кои се невработени и  не се вклучени во образование или обука, во период од четири месеци да им се обезбедат соодветни услуги и мерки за вработување, образование или обука и мотивација за вклучување на пазарот на трудот.   За остварување на оваа мерка постоеше координирана и заедничка акција на повеќе владини институции, пред се МТСП и АВРСМ, социјални партнери и граѓански организации“, вели Билјана Јовановска, директорка на Агенцијата за вработување и објаснува дека годинава,  заклучно со 10 јуни,  во мерката Гаранција за млади  вклучени се 8.173 млади лица, а  од нив  1.971 се вработиле, а 551 лице било вклучено во некоја од активните мерки кои ја зголемуваат нивната вработливост.

    „Според тоа, успешноста на Гаранција за млади во 2020 година изнесува 30%“, вели Јовановска.

    Сепак, од МОФ велат дека она што во моментов недостасува е детална анализа.

    „Уште побитно, следењето на исходот на мерката е круцијален за насоките и модалитетите во кои оваа мерка ќе се имплементира во иднина, по првичната пилот фаза во 3 општини“, објаснува Стефани Спировска од МОФ.

    Анкетата на Агенцијата за вработување покажува дека на пазарот на труд во следните 12 месеци најбарани ќе бидат ИТ вештините и медицинските лица. Со средно образование, пак, се бараат машински техничари, заварувачи, шивачи, столари, слаткари, лимари, пекари.

    Но што се нуди? Ако се анализираат огласите најголем број од слободните работни места се за продавач, хигиеничар, шивач,  возач, готвач, шанкер, администратор, комерцијалист, како и слободни работни места за програмер, градежен инженер, маркетинг агент, систем администратор,  маркетинг агент.

    Од друга страна во евиденцијата на невработени лица, имајќи го предвид степенот на образование, најбројни се невработените од следните профили на образование:  дипломиран економист,  дипломиран правник, професор по одделенска настава на македонски јазик,  професор по одделенска настава на албански јазик,  дипломиран психолог, потоа матурантите од гимназија се најбројни од невработените со завршено средно образование.

    Состојбата со невработеноста кај младите тешко се менува, вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија. Дури 50% од работодавачите искажале незадоволство од знаењата и вештините што ги поседуваат младите кои ги вработуваат.

    „Постојано се зборува за реформи кои треба да ја подобрат оваа состојба. Ние сме сведоци дека  се уште се акредитираат високо наставни програми без да се направи проценка и анализи за потребите на пазарот на труд. Ова е хроничен проблем со големи негативни последици, значи ние сме свесни дека ова не е добро, но работата завршува тука. И ни се случува бран на дипломирани млади луѓе кои потоа не можат да најдат работа“, вели Димитров.

    Ваквата состојба ја потврдуваат и младите, но низ призма на нивната диоптрија.

    Анализата на Светска банка за системската дијагноза за Македонија покажува и дека „иако околу 20 проценти од дипломираните студенти се невработени, работодавците се жалат дека не можат да најдат луѓе со потребни вештини, особено вештини од повисок степен, што одговорат на брзите технолошки промени“. (Фото: К. Попов)

    „Моја блиска другарка со завршен Економски факултет работи во едно казино и заработува повеќе од просечната плата во земјава. Јас пак со истиот факултет работам според професијата и заработувам помалку од неа“, вели Ивана, млада скопјанка која пред нецела година дипломираше на државниот УКИМ.

    Анализата на Светска банка за системската дијагноза за Македонија покажува и дека „иако околу 20 проценти од дипломираните студенти се невработени, работодавците се жалат дека не можат да најдат луѓе со потребни вештини, особено вештини од повисок степен, што одговорат на брзите технолошки промени“.

    Тоа укажува дека образованието не ги подготвува доволно младите да влезат во „светот“ на работата. Фокусот се става врз добивањето диплома, а не врз стекнување знаење и вештини. Во Анализата се укажува и дека наставните и студиските програми се премногу теоретски, без пракса и не ги следат современите текови.

    Дека образованието во земјата каска зад другите поразвиени земји покажуваат и слабите резултати на учениците на меѓународните ПИСА тестови. Најголем процент од учениците од нашата држава или дури 62,9 % се под или на ниво 1 (најслабото) на тестирањето што покажува дека учат за оценка, а не се оспособуваат за примена на стекнатото знаење.

    Зад овој расчекор меѓу побарувачката и понудата на пазарот на труд во корелација со стручноста и квалитетот на знаењето, според бизнисмените стои отсуство на национална стратегија – што бара стопанството на пазарот на труд и што треба да се продуцира како кадар и во средното и во високото образование.

    „Факултетите се уште спроведуваат  такви наставни програми кои немаат допирна точка со потребите на стопанството, но тие наставни програми очигледно им одговараат на наставниците. Факултетите мора да го прашаат бизнисот што му треба како кадар со крајна цел – образованиот млад човек да најде работа тука, дома, а не државата да  инвестира во него, а потоа тој да замине во странство“, вели Димитров и посочува дека и во рамките на средното стручно образование и во високото образование потребна е државна стратегија со точни проценки што се бара на пазарот на труд и во какви кадри треба да се вложува.

    Министерството за образование решението го гледа во дуалното образование и системот учење преку работа во средните училишта, како надеж за македонската економија.

    „Средното стручно образование не го даде очекуваниот резултат. Имаме нацрт верзија на нов закон за средно образование. Се планира формирање на регионални центри за докфалификација на стручни кадри, во кои ќе биде вклучена и локалната самоуправа, за да се задоволат потребите на регионот. До сега се одеше по принципот да се задоволат желбите на родителите, наставниците да не останат без работа. Не, треба да се следи афинитетот на детето и да се балансира со потребите на пзарот на труд“, вели Елизабета Наумовска, заменик-министер за образование.

    Дисбалансот на понудата и побарувачката, меѓу другото, треба да се изедначи и со мерките за вработување кои се дел од Оперативниот план на Владата, а се однесуваат на обуки за барани професии, преквалификации, самовработување, ИТ вештини, за што годинава се планирани 1,4 милијарди денари.

    МЛАДИТЕ ТАРГЕТ ВО ПРОГРАМИТЕ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ – КАКВИ СЕ ЕФЕКТИТЕ

    Од вкупниот број на корисници на сите државните мерки, 56,45%  или 4 289 биле „млади лица“. Годишниот извештај за 2019 година на Агенцијата за вработување покажува дека младите процентуално најмногу се застапени кај мерките за практиканството, обуки за ИТ вештини, како корисници на субвенционирана плата , вработувања кај познат работодавач, самовработувања.

    Извор: Агенција за вработување

    Како „поддршка за самовработување“, државата одборува средства од 5.000 до 10.000 евра, во зависност дали правниот субјект е со еден или два основачи. Мерката е условена и доколку „бизнисот“ не успее во рок од две години, дел од парите треба да се вратат на државата. Ова е само една од мерките која треба да стимулира вработување на млади луѓе.

    Според сумираните податоци кои ги обезбедивме од Агенцијата за вработување, а кои досега не се објавени, во економската 2019 година за поддршка на млади лица по сите основи се исплатени вкупно 8.050.000 евра, а најмногу средства се исплатени за овие пет мерки: субвенционирање на плати, вработување и раст на првни субјекти,  практиканство, обуки за ИТ вештини, обуки за побарувани занимања.

    Извор: Агенција за вработување

    Според директорката на Агенцијата за вработување, мерките даваат позитивен ефект.

    „Во 2017 година ‘преживеале’ 80% од новите фирми основани преку програмата за самовработување, во 2018 година 99,9% а истото ниво на функционалност од 99,9% се задржало и во 2019 година“, вели Билјана Јовановска, директорка на Агенцијата за вработување.

    Во овие услови на светска пандемија Владата понуди трет пакет економски мерки за справување со ковид-19, во кој има посебни мерки за младите. Со 12 милиони евра ќе ги помага младите и нивната куповна моќ, а проценките се дека паричната помош ќе ја искористат речиси 100 илјади лица. Станува збор за три типа ваучери од 6.000 денари за студенти и средношколци од семејства со ниски примања, 30.000 денари за млади до 29 години, со цел нивна дообука за ИТ и дигитални вештини, како и 3.000 денари за студенти, со цел купување домашни производи.

    Но засега, Владата не размислува за нови посебни бенефиции за вработување на младите, како дел од мерките за справување со кризата од ковид-19.

    Универзитетската професорка Никица Мојсоска-Блажевски, која е и директор на организацијата „Македонија 2025“, вели дека во периодот што следува ќе се отвораат помалку нови работни места.

    „Активните мерки за вработување ја стимулираат побарувачката за работници, но сепак тоа е ограничено, односно доколку бизнисите се соочуваат со намален обем на работа и неизвесност, активните мерки нема да ги дадат посакуваните ефекти. Оттука, може да се очекува во наредниот период дека младите кои во овој период го завршија формалното образование и влегуваат на пазарот на труд, потешко ќе најдат работа отколку претходно. Прашањето е дали тоа значи дека државата треба повеќе да троши на пазарот на труд. Според мене, планираните мерки и активности се доволни, а помошта би ја насочила кон бизнисите, со цел да не отпуштат работници и со можност да креираат нови работни места“, вели Мојсоска-Блажевски.

    Професорот по економија на труд на Економскиот факултет во Прилеп, Димитар Николоски смета дека е потребно соодветно дизајнирање на политиките за вработување со посебно таргетирање на младата популација.

    „На страната на понудата потребно е да се стимулира креативноста, иновативноста и критичноста во стекнувањето нови знаења. Освен тоа, неопходно е да се подигне свеста кај поширок круг на социјални партнери меѓу кои и работодавачите во дизајнирање нови и модернизација на постоечки курикулуми коишто во поголема мера ќе одговорат на брзите техничко-технолошки промени. При тоа, акцент треба да се става врз практичните вештини без, да се занемари квалитетот на теоретските знаења. За таа цел, покрај практикантството, би требало да се користат и други иновативни форми како што се универзитетските бизнис инкубатори“.

    Дванаесет невладините организации веќе подготвија итни препораки за намалување на негативните ефекти од ковид-19 врз младите.

    Се бара државата да обезбеди поголема заштита на прекарните работници (хонорарци, фриленсери итн), кои се најнесигурната категорија работници и немаат речиси никакво социјално, ниту здравствено осигурување.

    „Бараме имплементирање на политиката Младинска гаранција на цела територија за доквалификување и преквалификување на младите со цел нивно полесно вработување. Оваа политика може да биде клучна поддршка за невработените млади по кризата, и итно треба да почнат подготовки за нејзина имплементација по кризата, резервирање на средства за нејзино спроведување и креирање на систем за онлајн пријавување на млади кои сакаат да бидат корисници на оваа мерка“, стои во документот каде потпис ставија 12 невладини.

    Истражувањето на „Балкан барометар“ покажува дека 41 отсто од граѓаните на Македонија активно планираат да ја напуштат државата. Во слична состојба се и земјите од регионот. 71 отсто од младите во Западниот Балкан размислуваат за работа во странство. (Фото: К. Попов)

    Невладините инсистираат и на чести контроли и најстроги санкции за работодавците кои ќе го злоупотребат работното време, односно ќе дозволат младите, кои се ангажирани со половина работно време да работат повеќе часови или цело работно време за истите или помали придонеси.

    Целиот проблем со младинската невработеност, посебно со појавата на светската пандемија треба да се гледа и низ призмата на иселување. Истражувањето на „Балкан барометар“ покажува дека 41 отсто од граѓаните на Македонија активно планираат да ја напуштат државата. Во слична состојба се и земјите од регионот. 71 отсто од младите во Западниот Балкан размислуваат за работа во странство.

    А заминувањето на еден образован млад човек скапо ја чини државата- над 40.000 евра, покажа анализата на Фондацијата за демократија Вестминстер. Или во просек  333 милиони евра годишно, што е 3.1% од БДП. Неодамна Светска банка објави дека земјава ја напуштиле 500.000 луѓе, од нив две третини  работоспособни, а една третина се високостручни кадри –  најголем дел од ИТ секторот.

    Проценките се дека сега, поради кризата, ќе се зголеми желбата за иселување и барањето на подобар живот во странство. Но дали развиените земји ќе ги отворат вратите? Германија веќе размислува да ја спушти рампата за работници од трети земји.

    „Земјите се свртуваат кон внатрешната економија и ресурси, и многу потешко би било вработувањето на странци наместо домашни лица. Но можно е младите да се вработат во странство, а да работат од дома, за што веќе има голем интерес од странските компании“, вели Мојсоска-Блажевски. „Тоа би било ‘позитивна’ варијанта за Македонија, бидејќи младите ќе бидат вработени и ќе заработуваат доход кој ќе го трошат во земјава. Но нашето трудово законодавство треба да се иновира во смисла на формализација на овој тип на работа, како и заштита на работниците кои работат од дома, и за компании надвор од нашите граници“.

    Здравствената криза со коронавирусот дополнително предизвика тектонско пореметување на целиот пазар на труд во земјава, но потсети и на хроничниот проблем со невработеноста кај младите. Дел ги изгубија работните места и повторно се вратија на списоците на невработени, но дел се уште размислуваат да ја напуштаат земјава по секоја цена – итајќи кон европските дестинации, во потрга по поквалитетен но и подостоинствен живот.

    Р. ФОТИНОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира