ЦЕЛА ГОДИНА РАСИПАН МАМОГРАФОТ ВО СТРУМИЧКАТА БОЛНИЦА, БОЛНИТЕ ОД РАК НА ДОЈКА ПЛАЌААТ ЗА ПРИВАТНИ КОНТРОЛИ

ЦЕЛА ГОДИНА РАСИПАН МАМОГРАФОТ ВО СТРУМИЧКАТА БОЛНИЦА, БОЛНИТЕ ОД РАК НА ДОЈКА ПЛАЌААТ ЗА ПРИВАТНИ КОНТРОЛИПлаќаме и по 1.500 денари за една снимка на приватно, велат од здружението „Борка“ од Струмица. (Фото: СДК.МК)

Речиси цела година не функционира мамографот во Струмичката болница кој беше дониран пред повеќе од 10-тина години, поради што пацинтките од овој регион се препраќаат во други здравствени установи.  Целосно не е функционално ниту ехото за дојка, кое работи но нема доплер ниту пак дава писмени наоди за резултатите од развојот на евентуалниот карцином.

Членовите на здружението „Борка“ од Струмица со месеци реагираат бидејќи немаат можност да направат превентивни прегледи но и детално да дознаат во кој стадиум е болеста. Минатата година, на средба со раководството на Струмичката болница но и со министерот Венко Филипче, добиле ветување дека ќе биде набавен, но нови апарати уште нема во Рентген одделението.

Целосно не е функционално ниту ехото за дојка, кое работи но нема доплер ниту пак дава писмени наоди за резултатите од развојот на евентуалниот карцином, па лекарот мора да запишува што гледа. (Фото: СДК.МК)

„Точно е дека повеќе месеци не функционира мамографот. Мораме да одиме по приватни амбуланти за да направиме слика и утврдиме во кој стадиум е карциномот. Во Струмичката болница има одлични радиолози, но немаат апаратура за да работат. Плаќаме и по 1.500 денари за една снимка на приватно. Најавите дека Струмичката болница ќе добие нов мамограф и ехо останаа нереализирани, а одговор кога болницата ќе добие нови апарати уште нема“, вели Кети Филчева од канцеларијата на здружението „Борка“ во Струмица.

Во Струмичката болница, во моментов, карцином на дојка радиолозите може да дијангостицираат единствено преку апаратот ехо за дојка. Д-р Катерина Френкова потврди дека не работи мамографот, па мора пациентките да се препраќаат по други здравствени установи за да направат подетални испитувања. Во моментов, работат единствено со ехо, но како што вели таа, за добивање јасна слика потребен е и мамограф. Според неа, потребна е нова дигитална опрема во Рентген службата во Струмица, бидејќи постоечката е доста амортизирана.

Директорот на Струмичката болница кажа дека во рок од три месеци болницата етапно треба да добие дигитален мамограф, ехо на дојка и магнетна резонанца, вредни над половина милион евра, донација од Кувајт. (Фото: СДК.МК)

„Кога станува збор за карцином на дојка работиме единствено со ехото кое е доста амортизирано. Мораме да запишуваме што гледаме, бидејќи апаратот не дава писмени резултати во која фаза е болеста. Доколку забележаме нешто повеќе, пациенките ги препраќаме да направат и мамографски преглед. Потребна ни е нова опрема ако сакаме навремено откривање и дијагностициорање на карциномот“,  вели д-р Френкова.

Директорот на Струмичката болница кажа дека во рок од три месеци болницата ќе добие нова опрема за дијагностицирање на карцином на дојка. Тој пред извесно време бил во Софија, каде со кувајтскиот амбасадор потпишале договор за соработка и донација, со што болницата во Струмица етапно треба да добие дигитален мамограф, ехо на дојка и магнетна резонанца, вредни над половина милион евра.

За разлика од Струмица, во Гевгелија веќе масовно се вршат бесплатни прегледи за рано откривање на карцином на дојка и со скринингот треба да бидат опфатени над 400 жени од градот и од Богданци и Дојран и руралните подрачја од овој регион. (Фото: СДК.МК)

„Амбасадорот на Кувајт во Бугарија преку нашиот амбасадор во оваа држава, пред една година беа во Струмичката болница и ги согледаа нашите потреби. Пред месец дена бев во Софија и го потпишавме договорот за донација. Очекувам етапно да ја добиеме, ќе биде во функција на радиолозите за рано дијагностицирање. Очекуваме да добиеме дигитален мамограф, ехо, и магнетна резонанца. Според најавите, тие овде треба да стасат етапно до март идната година“, кажа директорот Наќе Гогов.

За разлика од Струмица, во Гевгелија веќе масовно се вршат бесплатни прегледи за рано откривање на карцином на дојка. Станува збор за прегледи во рамките на прекуграничниот проект со Грција „Информација за здравјето“,  заради што со средства од ЕУ но и Министерството за здравство во Гевгелиската болница беа набавени нов мамограф и ехо на дојка. Директорот на болницата Димитар Крџев кажа дека со скринингот треба да бидат опфатени над 400 жени, не само до Гевгелија туку и пошироко.

„Во целата акција се вклучени жени не само од Гевгелија туку и од Богданци и Дојран и руралните подрачја од овој регион. Ги информиравме и работничките од текстилни погони и има доста интерес. Веќе почнавме со бесплатни прегледи кои се одвиваат за време на викендите за да се избегнат гужвите во Рентген службата. Секако дека ќе бидат опфатени повеќе од 400 жени со овој скрининг, а веќе разговараме и со матичните лекари преку нив да се закажуваат термини за превентивни прегледи во иднина“, вели Крџев.

Гевгелија и Струмица се меѓу градовите каде стапката на смртност од карцином на дојка е голема. Според статистичките податоци од Институтот за јавно здравје, од рак на дојка во земјава умираат околу 250 жени, а најголем број од смртните случаи се на возраст од 55 до 59 години.

В. ТРАЈКОВ


    ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


    Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира