Централниот одбор на ДУИ, највисокиот орган на партијата помеѓу два конгреса, му даде одврзани раце на лидерот Али Ахмети да преговара со сите политички партии од двата блока, но и да донесува одлуки во врска со настаните по најавената оставка на премиерот Зоран Заев кој е на чело на владата на коалицијата СДСМ-ДУИ.
„Сите опции се на маса, а претседателот на партијата Ахмети е овластен разговара со сите конструктивни сили во оваа држава и е овластен да може да донесе одлука. Членовите на Централниот одбор се согласија дека продолжувањето на евроатланскиот курс на државата е без алтернатива и е неопходно да се смогнат сите сили овој курс на државата да биде гарантиран. Централниот одбор едногласно го овласти претседателот Ахмети да продолжи да разговара со сите политички партии со цел да се задржи овој евроатлански курс на државата. Притоа, тој ќе разговара со сите политички партии од двата блока, освен со оние партии кои се директно против евроатланскиот курс и против стратешките интереси на граѓаните и државата. Претседателот Ахмети ќе разговара со цел да се одржи политичката стабилност во државата и е во блиска консултација со нашите стратешки партнери“, изјави министерот Бујар Османи и портпарол на ДУИ по завршувањето на состанокот.
Тој рече дека упатуваат порака до граѓаните да бидат спокојни затоа што, „како што секогаш сме знаеле да го зачуваме овој курс на државата, да бидеме заштитници на овој курс на државата, да бидеме сидрото на евроатланските вредности во оваа држава, така ќе продолжиме и ќе обезбедиме сигурна иднина на граѓаните“.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој вчера рече: „Целта ни беше да го поразиме СДСМ и да го развластиме ДУИ“, денеска кажа дека ако премиерот Зоран Заев утре не ја поднесе оставката во Собранието, тогаш најдоцна до 14.30 часот новото парламентарно мнозинство што го сочинуваат 61 пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Беса, Алтернатива, Алијанса за Албанците и Левица, ќе ја поднесе иницијативата за гласање доверба на владата. Тој ги повика и останатите пратеници да им се придружат. Тој демантираше дека пратеникот од Алијанса за Албанците Скендер Реџепи се пожалил на злоупотреба на неговиот потпис и дека ќе го повлече поради тоа што не знаел дека и Левица ќе биде дел од мнозинството.
СДСМ денеска повторно ги повика на соработка сите „прогресивни демократски сили и сите пратеници кои се за европска иднина на нашата држава, за правда и економскиот напредок“.
Али Ахмети пред почетокот на состанокот, а потоа и Бујар Османи после состанокот, се оградија од објавата на Фејсбук на Шкодране Дардишта, која до 2020 беше на раководна позиција во заеднички служби на Клиничкиот центар во Скопје, во кој таа симболично се заканува со војна, односно дека ќе ги соблече белите патики и ќе ги облече војничките чизми ако ДУИ не е во власта. Владата ја постави Дардишта како независен член на Одборот на директори на Македонски телеком, а компанијата соопшти дека го осудува нејзиниот изразен став и дека очекува реакција од Владата.
„Тоа е нејзин индивидуален став. Таа не е член на ниту едно раководно тело на партијата. Ахмети тоа претходно го рече и ние сметаме дека тоа е нејзин индивидуален став и ДУИ не треба воопшто да се инволвира во оваа приказна и не мислам дека ДУИ треба да одговара за ставот на секој граѓанин доколку не е член на било кое раководно тело на партијата“, кажа Османи.
З. АНДОНОВ