Екипи од фирмата „Линк медиа плус“ почнаа да ја поставуваат новогодишната елка на Плоштадот Македонија. Елката е првиот украс кој ги симболизира претстојните новогодишни и божиќни празници.
Од Град Скопје ни изјавија дека освен елката, на Плоштадот ќе бидат поставени и други новогодишни украси, а ќе светнат и улиците Димитрие Чуповски и Стив Наумов, како и булеварот Илинден.
Град Скопје на Плоштадот ќе организира и новогодишен базар „Винтерленд“, за што беше распишан оглас и од буџетот се предвидени 32.000 евра.
Градоначалничката Данела Арсовска по доаѓањето на функцијата го раскина договорот од 240.000 евра со фирмата „Линк медиа плус“ и најави дека градот ќе биде украсен бесплатно, со донации на општествено-одговорни фирми.
А. АНТЕВСКА