СЛОБОДА БЕЗ ПРАВДА

Три достигнувања и едно разочарување

СЛОБОДА БЕЗ ПРАВДА

1 Што и да напишеш за Зоран Заев во неделата кога си даде оставка од премиерската функција, ризикуваш да те обвинат или дека го браниш, или дека го напаѓаш. Трето нема. Тоа е болката на нашата јавност – или некого некритички го сакаш, или некритички го мразиш. Затоа е тешко објективно да се согледа дури и неговиот последен гест – оставката. Рече дека ќе си замине и еве, си замина. А можеше ладно да си владее уште две години, особено сега, откако уште еднаш обезбеди парламентарно мнозинство.

Заев направи едно чудо грешки и даде спорни изјави. Но сепак, како политичар обележа еден клучен период во историјата на македонската држава. Со свој личен напор го реши триесетгодишниот спор со Грција и ја внесе државата во НАТО. Како Македонци, со македонски јазик. И со Македонија во името на државата. Не беше лесно. Оти, не само политичката кариера, туку и животот му беше загрозен.

Сепак, едната главна цел – НАТО, ја исполни.

Втората цел – датум за почеток на преговори со ЕУ не ја исполни, не по негова вина. За тоа, кабаетот е во Европската унија.

2 Но дома, донесе слобода, ама не донесе правда. А дојде со слоганот „Нема правда нема мир“. Бројчаникот за вратените украдени пари на Порта Македонија што лично го донираше, ниту еднаш не заврте.

Најлошиот дел од неговото владеење е дека државата остана заробена од партијата. А не се ни обиде тоа да го смени. Викаше: „Да не дозволиме ова зло никогаш да се повтори“. Ама, не направи систем кој ќе биде ефикасен тоа зло никогаш да не се повтори. И не успеа да се справи со корупцијата. На пример, од еден шоумен од калибарот на Боки 13 направи фактор во државата. Медиумски могул со круна на главата кому му се поклонуваше цела влада, судии, обвинители и специјални обвинители.

Не знам дали избра да ги слуша само тие што го величаа, или едноставно си мислеше дека „дома ќе биде полесно, отколку со Ципрас“, но остана мистеријата зошто беше спремен дури и да се скара со добронамерните и некористољубивите кога требаше да ги одбрани неспособните и хохштаплерите закачени околу него. Колку ли го имаа задолжено за да им ги штити бизнис интересите? Му го јадеа кредитот што лично сам им го имаше дадено. Ама, за тоа никој не му е крив. Тоа беше негов избор – да ги носи на своите плеќи и нивните криминали.

Си замина од премиерската функција сосе нивниот кабает. Ама им остана лојален до крај. За разлика од оној што избега во Будимпешта, кој не ги ги остави само братучедите и најлојалните блиски соработници да седат по затвори за сè што му текнуваше, туку ги напушти и сопствените малолетни деца.

3 Од големите очекувања што ги имавме кога паѓаше режимот на Груевски, забораваме дека Заев не дојде на власт во идеални услови. Направи Влада со освоени само 49 пратенички места по 11 години заробена држава и напад на Собрание во кој за малку не загина. Се бореше со опозиција чија единствена цел беше да ги спаси криминалците од нивната партија сосе избеганиот почесен претседател. Мораше да коалицира со ДУИ на која не ѝ одговараат реформи во судството оти си влече опашки од соработката со избеганиот во Будимпешта. За да ја заокружи големата слика – влез во НАТО и преговори со ЕУ, мораше да се направат компромиси како што се амнестии и неприродни коалиции.

Затоа и правдата уште не е дојдена на ред.

Не беше проблем за Заев само оцрнувањето од опозицијата. Не беше толку проблем дури ни ограничениот капацитет на СДСМ кадрите. Но перцепцијата за неговиот јавен имиџ повеќе беше создавана од партиските клики, посебно од оние квазиелитистичките, кои не можеа да се помират дека партијата ја води човек од провинција кој богатството го направил со земјоделие. Внатре, во партијата го викаа „муртинецот“, „пиперкарот“, „будалетинката од сељачкото крило“, не забележувајќи колку простаци и „сељаци“ има меѓу скопските елитисти. Оти тие се нивни. Од таквите поделби, СДСМ не може да направи објективна проценка за неговото политичко наследство како лидер кој ја демократизираше партијата со тоа што воведе непосредни избори за нејзин претседател.

Крајно, баш ми е гајле за СДСМ и нивните дворски игри. Ама штетата за заедницата од ваквото однесување на СДСМ е што ќе го реставрира режимот на ВМРО и ќе го врати Груевски во уште полоша варијанта. Лекцијата не ја научиле, оти уште се убедени дека гласачите им се криви за последниот изборен пораз.

4 Пожарната во Ранковце доби телефон откако жителите четири години одеа во станица да пријават пожар.

Општина Центар со столпчиња ги подели двете ленти на улица пред пекарница за да спречи диво застанување за бурек, оти се блокира сообраќајот.

Исто така, Општина Центар постави големи жардиниери на Боемската улица во Дебар Маало за да спречи диво паркирање пред кафеаните. Оти, на полицијата ѝ е забрането да казнува. Арно ама, возачите се снаодливи и паркираат меѓу жардиниерите.

Во истовреме, македонските фанови на Здравко Чолиќ и Цеца многу се разочарани затоа што нивните новогодишни настапи биле откажани. Во Црна Гора.

Тоа се најмалку три достигнувања и едно разочарување во неделата кога премиерот си даде оставка.

И ај сега, објективно оцени го политичкото наследство на Заев во ваква реалност во Македонија во третата деценија на 21 век.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира