По серијата земјотреси во Битола, итно на седница на општинскиот Совет преку дополнителна точка на дневен ред, советничкото мнозинство составено од ВМРО-ДПМНЕ, Поинаку и Левица ги разреши досегашните членови на Комисијата за проценка на штети од елементарни непогоди и назначи нови. Претходните членови беа поставени во периодот кога локалната власт ја имаше СДСМ, а сегашниве по нејзиното преземање од ВМРО-ДПМНЕ.
Советниците дискутираа како комисијата да биде покомпетентна, претходната се состоеше претежно од кадри од областа на земјоделството, а сегашната од архитектура. Сепак, предлогот од опозиционата СДСМ за нејзино проширување и со едните и со другите кои би постапувале во различни елементрани непогоди, не беше прифатен од власта.
„Партиско политизирање во вакви моменти воопшто не е потребно. Предлагам постоечката комисија да биде надградена со новите членови со цел штетите да бидат навремено проценети, но и да се делува во различни непогоди“, рече Методија Илиевски, координатор на советничката група на СДСМ и коалицијата.
Советниците од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека досегашните членови нема да можат стручно да направат проценка за штети од земјотрес.
„Сега Комисијата е високопрофесионална, има двајца градежни инженери, претставник од ИЗИИС, еден правник и архитект. Тешко дека сега проценка на штета ќе можат да вршат дипломирани фармерски инженери, магистри по биотехнолошки науки, агрономи и само еден архитект кои беа апретходно членови. Овие лица што ќе излезат на терен треба реално да ја утврдат состојбата, а не да се прави аматеризам“, рече советникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Бојкоски.
Валентин Груевски од ЛДП запраша што ќе се случи „ако, не дај боже, врнежите продолжат и дојде повторно до поплави, кој ќе проценува?“
Претседателката на Советот Габриела Илиевска појасни дека точката ќе биде помината како што било на Мандатна комисија, кога немало предлог за проширување или спојување на комисиите.
„Откако ќе пристигнат барањата од граѓаните и ќе се види колкав е обемот, ако треба Општината ќе формира две или три комисии кои ќе бидат исклучиво за предметите од земјотресот и ќе работат на таа проблематика. И со завршувањето на отштетата нивната важност ќе престане. Во ниеден момент нема да дозволиме да биде стопирана работата поради недостиг на кадри за проценка на штети“, рече Илиевска.
Ж. ЗДРАВКОВСКА