ГРАДОТ СКОПЈЕ И ОПШТИНИТЕ ИМААТ МЕХАНИЗМИ ДА НАЈДАТ ПАРИ, НО МОРА И ДА ШТЕДАТ, А НЕ САМО ДА БАРААТ ПОМОШ, ВЕЛАТ ОД ВЛАДАТА

    ГРАДОТ СКОПЈЕ И ОПШТИНИТЕ ИМААТ МЕХАНИЗМИ ДА НАЈДАТ ПАРИ, НО МОРА И ДА ШТЕДАТ, А НЕ САМО ДА БАРААТ ПОМОШ, ВЕЛАТ ОД ВЛАДАТАВладата вели дека Општините треба да си направат ребаланси на буџетите, да штедат, но и да си ја зголемат наплатата - Димитар Ковачевски и Данела Арсовска. (Фото: СДК.МК)

    Општините имаат на располагање механизми и фондови од кои може да црпат пари за да ја пребродат кризата, велат од Владата по постојаните барања за помош на градоначалничката на Скопје и претседателката на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) Данела Арсовска. Таа и и вчера се пожали дека Владата три месеци не ги слуша барањата на Општините за помош.

    „Општините особено помалите се наоѓаат во многу тешка состојба откако сметките за струја им се енормно зголемени“, кажа градоначалничката  и предупреди дека тие „нема да можат да ги извршуваат услугите кон граѓаните и да ги реализираат проектите“.

    Арсовска пред еден месец најави и радикализација ако Владата не излезе во пресрет односно не им даде пари на Општините за да се покрие разликата од зголемената цена на струја.

    Од Владата велат дека како и останатите институции нормално е дека и општините се погодени од економската и енергетската криза, но засега не покажуваат иницијатива за штедење и наоѓање средства преку механизмите кои ги имаат.

    „Општините треба да направат ребаланси на буџетите, а градоначалниците да ги усогласат со проектите што ги ветиле. Криза е секаде, имаме војна во Европа, некои проекти сигурно може да почекаат. Општините треба да поработат на приходната страна, да ги зголемат приходите од данок на имот каде што имаат слаба наплата, да ги зголемат инспекциските служби, наплатата од паркинзи, комунална такса и слично“, велат од Владата.

    На Општините им стојат на располагање и европските фондови каде што можат да аплицираат за добивање грантови, или кредити со мала камата, доколку имаат добри и издржани проекти. Овие фондови со години се отворени, но многу мала е искористеноста на европските пари бидејќи малкумина аплицираат поради неспособната и неефикасна општинска администрација. Во локалните институции, иако има превработеност и голем број хонораци на непотребни позиции, нема доволни квалитетен кадар што знае и да ја подготви апликација и да конкурираат на повиците од ЕУ фондовите, а потоа и да ги води проектите.

    Општините можат да обезбедат пари и преку проектот за подобрување на општинските услуги финансиран со заем од Светска банка преку Министерството за финансии. Основна цел на овој проект е преку финансирање на општините, по пат на долгорочно задолжување, да се овозможи реализирање на инвестициони проекти кои преку зголемување на приходите односно намалување на оперативните трошоци ќе придонесат кон подобрување на перформансите на општината.

    Оваа компонента обезбедува и грантови за Општините како иницијатива и награда за имплементација на реформи насочени кон подобрување во обезбедувањето на услугите. Износот на грантот кој се доделува е поврзан со големината на заемот за соодветната Општина и може да достигне до 20% од вкупниот износ на подзаемот. Средствата од грантот единствено можат да се користат за финансирање на инвестициони проекти.

    Сепак, и покрај повикот на Владата за штедење, градоначалниците уште не се откажуваат од проектите што ги ветија во кампањата, а кои се поврзани со трошење, но не и прибирање пари. На пример, градоначалничката на Скопје Данела Арсовска најави дека до крајот на март ќе се врати бесплатниот автобуски превоз за пензионери, кој беше укинат пред 2 години поради коронавирусот. За оваа мерка од буџетот на Градот ќе се потрошат 650.000 евра. Од почетокот на месецов, Градот Скопје за 25 отсто ја намали и цената на паркирањето на паркиралиштата на „Градски паркинг“.

    Градоначалникот на Велес Марко Колев, по доаѓањето на функцијата го укина зонското паркирање во градот воведено од ексградоначалникот Аце Коцевски. Во август и септември од наплатата за паркирање Општина Велес собра 480.000 денари.

    Данела Арсовска, која на изборите победи како независна кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ,  и како градоначалник на главниот град, но и во име на другите градоначалници како претседателка на ЗЕЛС постојано ја обвинува Владата дека не сака да им помогне на граѓаните. Таа на 9 март на советниците на СДСМ и ДУИ им рече дека е „штета што не дозволиле да има и предвремени парламентарни избори за да ја примат пораката на народот“.

    Вчера, за време на промоција на акцијата за пролетно чистење на Скопје, рече дека е „неопходно да се разговара кои ќе бидат начините за да се асистира за да се надминат овие проблеми, затоа што на крајот од денот овие се проблеми на граѓаните, а не на Општините“.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира