ПРАЗНО ГРНЕ

Со што да ја уценуваме власта ние од приватните фирми ако не ни се покачат платите?

ПРАЗНО ГРНЕ

1 Од мали ја знаеме приказната за Насрадин оџа. Кога му се ределе еден по еден и му барале пари. А тој им викал: Нема гајле, оди земи си од грнето, ама после кога ќе имаш да вратиш. Еден ден дошле и му рекле: Ама оџа, во грнето веќе нема пари. А тој им одговорил: Е па нема, не сте го наполниле.

2 Еве, сега и професорите на Универзитетот Св. Кирил и Методиј се закануваат дека ако државата не им ги зголеми платите, тие ќе ја скокнат јунската сесија. Ќе ги зафркнат студентите што треба да полагаат.

Со што да ја уценуваме власта ние од приватните фирми ако не ни се покачат платите?

Да им се организираше на професорите едно предавање на некој од економскиве факултети по основи на економијата. Дека за државата да има пари, некој треба нешто да создаде и да заработи. Дека државата не ги расте парите на дрво, па ај сега само ќе ги собереме. Дури и да е така, некој треба да се качи на дрвото и да ги собере.  Да поработи за да го наполни грнето.

На сите ни се покачени трошоците за живот. И одлично би било сите да заработат повеќе пари. Ама – некој резултат да покажеа. Нешто мерливо. Еве, на пример, нека им дадат на универзитетските професори зголемување, ама нека се обврзат дека идната година нашиот универзитет нема да биде рангиран на последно место во регионот. Нека биде на претпоследно. И идната година, наместо само на словенечките државни факултети да ни избегаат 800 македонски студенти, нека бидат еве – 700.

Конечно, да беа добри професорите и да создадеа добар кадар, нивните студенти сега ќе создаваа успешни компании, ќе беа иновативни, ќе правеа конкурентни производи, ќе продаваа и стока и памет во странство… Така немаше да имаме проблем кој да го полни грнето.

3 Платите треба да им се покачат и на обвинителите и на судиите што имаат 8 проценти доверба во јавноста. Еве и тие нека покажат резултати, па така парично засилени ќе си ја зголемат довербата на 10 проценти.

Исто е и со државните административци од матичните книги што штрајкуваат цел месец. Имаат право да бараат повисоки плати, ама барем нека земат обврска дека в година нема да направат 20.000 грешки во документите со личните податоци. Нека речат – дајте 25 проценти поголема плата, ние ќе испорачаме само 15.000 згрешени документи.

Владата на Димитар Ковачевски се фали дека рипнала просечната плата со административното покачување на минималецот. Насрадин оџа викаше „Нема проблем, земи си“, па ја отвори Пандорината кутија и сега тешко дека ќе се снајде. Ќе земе кредит за да подели плати на државната администрација. А тие пари приватниот сектор не ги заработува. Ќе позајми годинава. А следната година како? Ќе се случи некоја магија? Или државната администрација мотивирана со поголеми плати ќе им создаде услови на приватниците повеќе да заработат?

Во приватен сектор секој ден се бориш со конкуренција, се дообразуваш, напредуваш со работа, те наградуваат ако сработиш повеќе, те казнуваат ако згрешиш… А во државната администрација не мора да правиш ништо. Само треба прв пат да се вработиш. И после евентуално ако се снајдеш да си ја надополниш платата со некое мито. Па дури и ако те фатат дека земаш мито, пак нема да те избркаат од работа. Оти твоето вработување не зависи од тоа дали работиш добро, или лошо. Исто како и што кога те примале на работа не било важно дали си добар, туку на чиј партиски список те ставиле.

Во нормална држава, нормална власт создава услови во кои тие од државна администрација сакаат да се префрлат во приватен сектор за подобро да заработуваат. Нормална држава не ја прави државната работа уште поатрактивна. Затоа што „на државно“ никој не се плаши за работното место.

Во државава штрајкуваат луѓе што живеат со плати што им ги овозможува некој друг. А тие што ги заработуваат платите за нив не штрајкуваат.

4 Да беше Собранието приватна фирма, а Талат Џафери менаџер, сигурно немаше да мора да им се извикува на административците што во работно време му шетале низ улица Македонија, или да им ја заклучува вратата на вмровските пратеници што влегуваат и излегуваат од салата како што ќе им се присака. Досега веќе или ќе им беше намалена платата, или ќе беа избркани од работа. Да не ќе им дозволеше некој директор да го надмудруваат системот со „влези-излези“ и уште тој да излезе крив оти им ја сфатил играта дека му прават хаос на работа. Или, ќе му се закануваа вработените „Оооо, па ти ми се дереш, ме навредуваш оти за време на работно време не сум бил на работа“.

„Ти се дерам!? Гледај како ќе те отпуштам од работа без дерење!“.

Тоа дека Талат направи белја – направи. Плус и одби да се извини. Ама па сега ќе глумиме фестивал, па ќе морализираме дали речникот му бил соодветен додека другите правеле хаос. Суштинската расправа ќе се сведе на тоа какви зборови употребил спикерот на Парламентот за да се справи со блокадата на Собранието, а ќе заборавиме дека опозициските пратеници ја попречуваат работата на Собранието. Вклучително и со расправата за интерпелацијата иако знаат дека немаат доволно гласови да го сменат спикерот. Џабе ќе ни ги губат деновите кога можат нешто и да сработат. Купишта закони од кои зависи нашето живеење ќе останат блокирани. Собранието ќе биде нефункционално, како што впрочем е и до сега.

Ама законите не се приоритет. Граѓаните пак – ич. Приоритет е лидерот на опозициска партија што не е пратеник, ама замислил да има предвремени избори. И пратеници на кои приоритетот не им е добробит на даночните обврзници што ги плаќаат да им носат нови закони и да им ги поправаат постоечките, туку добробит што партијата ќе им го носи само на своите.

Имаме војна во Европа, имаме економска криза, имаме здравствена криза… Ама што е тоа во споредба со големината на еден шпицен кандидат?

5 Околу 3.000 деца во сите скопски општини се на листа за чекање за прием во државна градинка.

Ете ги последиците од 30-те години урбано дивеење. Ете ги последиците од одлуките на локалните власти, без разлика од која партија се, според кои се сервисираат само интересите на таканаречените „инвеститори“, а не на граѓаните што ја избрале таа власт. Без школи, без градинки, без амбуланти,без старски домови, без паркови… Ќе дадеш дозвола за илјадници станови, а нема да мислиш дека во тие станови ќе живеат луѓе, луѓето ќе имаат деца, ќе одат на работа, ќе одат на лекар, ќе одат на школо, ќе возат коли, ќе им доаѓаат гости, ќе одат на гости, ќе им се запали станот, ќе треба да им дојде Брза помош…

Како ова да не е наша држава. Како да сме тука само привремено, да преспиеме и после ќе си одиме на Марс. Ќе се задолжиш доживотно за да купиш стан, ќе уредиш дома како на слика од магазин, а надвор – хаос.

„Инвеститорите“ ќе си бендисаат парцела. Не можеш да им се лутиш, нив тоа им е работа – да изградат и да соберат пари. Градоначалниците и општинските совети добиле наш глас за да управуваат со јавно добро во име на граѓаните, но тоа не ги спречува да ги менуваат плановите за интересите само на поединци. Го распродаваат просторот само за  да има пари за плата на администрацијата – сега.

Граѓаните ќе си купат стан без да прашаат каде ќе паркираат, каде ќе им одат децата во градинка или во школо, како ќе дојде пожарна ако избие пожар… Па уште и кафеана ќе ти го заземе тротоарот и ќе ти го земе сонот со гласна музика. А општината ќе ѝ дозволи да те тормози за да не трпи „инвеститорот“. Божем станот во кој што живееш не е инвестиција.

И што ако живееш во град кога квалитетот на живот ти е полош отколку да живееш во отсечено село? Ама така е кога си избираме општински власти на кои баш им е гајле и за државата и за општината. И кои утре без срам ќе се појават пред комшиите да прошетаат по уништеното маало.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира