Македонија ќе бара цврсти гаранции и од Бугарија и од Европската Унија дека Бугарија нема да условува со нови барања, надвор од она што ќе биде договорено во преговарачката рамка и билатералниот протокол кој сѐ уште не е усогласен со соседната земја, соопшти премиерот Димитар Ковачевски.
Во објавата на неговиот официјален фејсбук профил, Ковачевски повтори дека Владата формално нема добиено предлог од француското претседателство со Унијата за решавање на спорот меѓу Бугарија и Македонија кој е усогласен на ниво на сите 27 земји-членки.
„Каков и да биде конечниот усогласен текст на францускиот предлог, посочувам дека, за истиот да биде прифатлив за нас, клучни се следниве елементи: Чиста формулација за македонскиот јазик во преговарачката рамка и јасна заштита на македонскиот идентитет; Историските прашања не можат да бидат критериуми во преговарачката рамка; Преговорите помеѓу Северна Македонија и ЕУ мора да почнат пред отпочнувањето на постапката за уставните измени за вклучување на Бугарите, Хрватите и Црногорците во преамбулата на Уставот; цврсти гаранции и од Бугарија и од Европската Унија дека Бугарија нема да условува со нови барања, надвор од она што ќе биде договорено во преговарачката рамка и билатералниот протокол кој сѐ уште не е усогласен со Бугарија“, рече Ковачевски.
Тој повтoри дека секое решение ќе треба да е консултирано со институциите на Македонија.
Комисија за надворешни работи на бугарското Собрание денеска ја одложи седницата на која требаше да биде разгледан предлогот на француското претседателство. Образложувајќи ја ваквата одлука, поранешната бугарска министерка за надворешни работи и пратеничка на партијата Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) Екатерина Захариева изјави дека бугарската Влада е органот што мора да се произнесе по предлогот, пред тој да се најде пред Собранието.
Тројцата лидери од Западен Балкан, Димитар Ковачевски, Еди Рама и Александар Вучиќ, заеднички донесоа одлука сепак да одат на самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел на 23 јуни.
„Решивме дека треба, пред земјите пријатели, кои се посветени на напредокот на регионот на економски и политички план и кои се залагаат за брзи и одлучни евроинтеграциски процеси, да ги повториме нашите заложби за европскиот пат на целиот Западен Балкан. Доколку не се обезбеди прогрес на процесот на евроинтеграции, тоа ќе е сериозен проблем и удар врз кредибилитетот на ЕУ на Балканот. Нашите ставови на оваа тема ќе ги пренесеме заеднички, на самитот на ЕУ за Западен Балкан, во широк форум, во центарот на европската дипломатија“, објави Ковачевски.
Рама кажа дека во утрешниот говор ќе ја критикува Бугарија како земја која киднапираше две членки на НАТО додека има војна на границата на Европа.
Самитот ЕУ-Западен Балкан ќе одржи непосредно пред состанокот на лидерите на земјите членки на ЕУ, на кој, меѓу другото, треба да се решава за почетокот на пристапните преговори на ЕУ со Македонија и Албанија.