Премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ќе имаат средба денеска во 15 часот, a ќе разговараат за францускиот предлог за решавање на спорот со Бугарија и отворање на преговорите за Македонија со ЕУ.
Како што соопшти Владата, „оваа средба е дел од низата планирани консултативни средби со лидерите на опозицијата, како дел од широката консултација за предлогот на француското претседателство“.
Мицкоски кој завчера, кога владата го објави францускиот предлог, изјави дека не го прифаќа и повика на протест, синоќа присуствуваше на протестот пред владата, организиран од ВМРО-ДПМНЕ и Левица. Во изјава за медиумите на почетокот на протестот кажа дека „денеска Македонија се буди и сите оние кои што сакаат со потпис за ден-два од денеска да стават крај на Македонија, ќе бидат казнети од македонскиот народ и македонските граѓани“.
„Нам не ни треба Европа ако треба да се асимилираме. Јас не сакам да бидам во Европа затоа што имам право да бидам Македонец кој што говори на македонски јазик и кој што се бори за својата Македонија и за својот идентитет, за својата култура, за својата историја и за своето наследство“, рече Мицкоски.
Премиерот Ковачевски и министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера кажаа дека се лаги и невистини изјавите дека со францускиот предлог се негира македонскиот јазик. Според нив, со овој предлог македонскиот јазик е апсолутно чист и еднаков со сите други јазици во Европа, ќе биде официјален јазик на Европската Унија и нема никакви фусноти и дополнувања во преговарачката рамка.
За денеска напладне и претседателот Стево Пендаровски свика состанок на Советот за безбедност на кој ќе се разгледува францускиот предлог. На седницата ќе присуствува и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ.