ВЛАДАТА И ДИК ИЗГУБИЈА НА СУД ОД ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ КОИ НЕ ГЛАСАЛЕ, НЕ СМЕЕ ДА ГИ СТАВААТ ВО КАТЕГОРИЈА БОЛНИ И НЕМОЌНИ И НА ГЛАСАЧКИТЕ МЕСТА МОРА ДА ИМ ИЗГРАДАТ ЛИФТОВИ И РАЧНИ ШИНИ

ВЛАДАТА И ДИК ИЗГУБИЈА НА СУД ОД ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ КОИ НЕ ГЛАСАЛЕ, НЕ СМЕЕ ДА ГИ СТАВААТ ВО КАТЕГОРИЈА БОЛНИ И НЕМОЌНИ И НА ГЛАСАЧКИТЕ МЕСТА МОРА ДА ИМ ИЗГРАДАТ ЛИФТОВИ И РАЧНИ ШИНИГраѓанскиот суд Скопје на Владата и ДИК им наложи за следните избори за лицата со попреченост на гласачките места да постават и кутии на помала висина. (Фото: СДК.МК)

Владата и Државната изборна комисија (ДИК) изгубија на суд од група граѓани со физичка попреченост со избирачко право, на кои не им овозможија да гласаат ни на последните избори. Групата со помош на Хелсиншкиот комитет за човекови права и слободи ги тужеше Владата и ДИК, а Граѓанскиот суд Скопје утврди дека тужените сториле директна дискриминација врз лицата со попреченост при остварување на нивното право на глас. Ги дискриминирале со тоа што на многу лица во инвалидска количка, со други помагала за движење, потоа на слепи и лица со други видови физичка и ментална попреченост, не им овозможиле пристап и услови за гласање, со што ги лишиле од тоа уставно загарантирано право.

Судот ги задолжи Владата и Државната изборна комисија, во пристапен формат, да го објават во медиумите диспозитивот на пресудата со која се утврдува дека сториле директна дискриминација врз лицата со попреченост при остварување на нивното право на глас и активно учество во политичкиот живот, во рок од 15 дена по правосилноста на пресудата.

„Основниот граѓански суд Скопје утврди дека Владата на Република Северна Македонија и Државната изборна комисија сториле директна дискриминација врз лицата со попреченост при остварување на нивното право на глас. Судот утврди дека директната дискриминација е сторена со непреземање, односно, со пропуштање да се преземат дејствија за приспособување на инфраструктурата и просторот до и во дел од избирачките места и го повредиле начелото на соодветно приспособување. На овој начин, тужените оневозможиле лицата со попреченост да го остварат нивното право на глас, а со тоа го попречиле и активното учество на лицата со попреченост во политичкиот живот на државата“, вели Хелсиншкиот комитет.

Главното е дека Судот ги задолжи Владата и Државната изборна комисија, до распишување на следните избори, на избирачките места каде што досега тоа не е овозможено, да обезбедат:

-пристапност, рамни патишта, паркинг места соодветно обележани со боја со висок контраст, поставување знаци и бројки на видно место во поголем формат со висок контраст или звучна сигнализација до избирачките места;

-пристапност до просторијата за гласање преку поставување гелендери покрај скалилата и ѕидовите, инсталирање пристапни рампи, рачни шини, пошироки влезови, пристапен лифт или платформи кои се на нивоа и со скалила;

-пристапност во просторијата за гласање, нејзино еднакво осветлување, прераспределба на мебелот поради поголема можност за движење; поставување соодветно приспособени паравани за гласање и поставување на кутијата за гласање на соодветна висина за лица со физичка попреченост.

Основниот граѓански суд ја донесе оваа пресуда откако Хелсиншкиот комитет за човекови права, преку адвокат Павлина Зефиќ, на 1 февруари 2021 година поднесе тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес (actio popularis). Постапката беше водена во рамки на проектот „Поддршка на Северна Македонија во унапредување на владеењето на правото и човековите права”, кој Хелсиншкиот комитет за човекови права во 2020 година го спроведуваше со финансиска поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Дел од повредите наведени во тужбата, констатирани по спроведени истражувања и проверки, укажуваат на тоа дека дел од избирачките места немаат достапен паркинг простор, само мал дел од оние избирачки места со расположлив паркинг имаат ознака за лица со попреченост, незначителен број објекти имаат универзален знак за пристапност и пристапна рампа, во поголемиот дел од избирачките места нема скали за да се стигне до просторијата за гласање и најголемиот дел од објектите немаат лифт.

Натаму, судот проверил и утврдил дека лицата со попреченост немаат пристап до информациите за политичките дебати, кампањи и настани.

Најстрашно е што ДИК лицата со попреченост ги третира како болни и изнемоштени и во оваа категоризација ги вметнува и лицата со сензорна попреченост. Во овој контекст ги ограничува и лицата со интелектуална и психосоцијална попреченост да го остварат своето право на глас, како активното така и пасивното. Нема изборни материјали и информации во пристапен форма за сите лица со попреченост. Едноставно, овие полнолетни граѓани како да не постојат за избори.

Судот утврди дека лицата со попреченост не треба да се поистоветуваат со болни и немоќни лица, кои поради нарушена здравствена состојба не се во можност физички да пристапат до избирачкото место, па оттаму, може да гласаат во домашни услови

Владата и ДИК, на чија страна бил товарот на докажување, согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација, не предложиле никакви докази за да се одбранат. Тие останале пасивни, зашто ништо не сработиле од 2019 година, кога здруженијата дале препораки за да им се обезбеди на лицата со попреченост пристап до гласачките места.

„Притоа, Судот наведува дека во едно демократско општество неопходно е да се заштити правото на глас на лицата со попреченост, да се овозможи уживање и остварување на ова право и дека потребните приспособувања на избирачките места со обезбедување пристап до и во објектите за гласање согласно потребите на лицата со попреченост, не претставува несразмерно или непотребно оптоварување“, наведува Хелсиншкиот комитет.

С. К. ДЕЛЕВСКА

 

 

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира