МИЗЕРИЈА И РАСПАД НА МОДЕРНОТО СКОПЈЕ НА ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА АРСОВСКА (ФОТОГАЛЕРИЈА)

    МИЗЕРИЈА И РАСПАД НА МОДЕРНОТО СКОПЈЕ НА ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА АРСОВСКА (ФОТОГАЛЕРИЈА)Детал од улица Македонија која пропаѓа од негрижа и ѓубре. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Строгиот центар на Скопје се распаѓа. Негрижа, оставено да пропаѓа и затрупано со ѓубре е сликата низ улица Македонија, Плоштад Македонија, Камен мост и Плоштад Филип Втори. Станува збор за делови кои треба да бидат најрепрезентативни, кои се лицето на еден главен град, не само за жителите туку и за посетителите.

    Екипа на САКАМДАКАЖАМ.МК направи обиколка на центарот на градот за да забележиме што би видел еден турист кога ќе го посети Скопје. Тргнавме од Музејот на Град Скопје, преку улица Македонија, свртевме до Плоштадот ВМРО, па преку Рекорд и улица Никола Вапцаров стигнавме до Плоштад Македонија. Оттаму го минавме Камен мост, Плоштад Филип Втори и дојдовме до Старата скопска чаршија.

    Центарот на градот никогаш не бил повалкан, ѓубре насекаде, како со години никој да не го измил со вода плочникот. Искршени клупи, канделабри, корпи за отпадоци. Насекаде недоврешни градилишта и фасади кои стојат како чирови со години. Тротоари со дупки, прокопи и крпеници од асфалт. Затворени дуќани, распослани застаклени тераси на кафулиња и коли паркирани насекаде низ пешачки зони.

    Слика целосно спротивна од онаа за модерно Скопје што ја вети на скопјани градоначалничката Данела Арсовска на минатогодишните локални избори.

    Плоштадот Македонија никогаш не бил повалкан и позапуштен. Никој не се грижи, никому не му пречи – (Фото: Ѓ. Личовски)

    На улица Македонија со години стои градилиштето за црквата „Свети Константин и Елена“, кое е обраснато со треви и над главите на минувачите висат кранови. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Плоштадот ВМРО како ниту еднаш да не е исчистен откако е изграден. Стојат легнати канделабри кои се затрупани со ѓубре, плочникот е искршен и полн со догорчиња од цигари, чаши, шишиња, ќеси, харија. Околу Плоштадот се наоѓаат не само седиштето на ВМРО-ДПМНЕ туку и Министерството за труд и социјална политика, Министерството за финансии, јавното претпријатие за државни патишта, ЈП „Македонија пат“, ЈП „Градски паркинг“ и на никого не му пречи што  секој ден минуваат низ ѓубре и валканици. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Мини депонија среде „Рекорд“. Иста е сликата и кај зградата на поранешно „Технометал-Вардар“ каде смрди на измет и мочки и ѓубре има на сите страни. (Фото: Ѓ. Личовски)

    На улицата Никола Вапцаров цел плочник е искршен, канделабрите се пред паѓање, откако е реновирана како пешачка зона постојано на неа има паркирани коли, но и комбиња за дотур на стока и тоа никому не му пречи ниту казнува, ниту Општина Центар ниту Град Скопје. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Половина од клупите на Плоштад Македонија ги нема, украдени се даските и со месеци стојат само железните рамки. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Плоштадот Македонија и Кејот покрај Вардар, кои се централно место во Скопје и секој ден треба да има екипи кои треба да чистат по неколкупати дневно, се валкани, насекаде има ѓубре. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Една од трите скулптури Врбите во Вардар настрада во невремето пред неколку месеци и е оставена да се исуши, а и околу нив се собира ѓубре. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Плоштадот Филип Вгтори освен што е со ѓубре на сите страни, стои и со раскршен плочник. Секој ден вработените во Министерството за транспорт и врски и министерот Благој Бочварски одат на работа низ искршен плочки и дупки, но очигледно не им пречи. (Фото: Ѓ. Личовски)

    За да не падне некој во дупката на плоштадот Филип Втори пред канцеларијата на министерот Бочварски, таа е покриена со даски и камења. Подолу цел парк Ибни Пајко е претворен во паркинг. Коли слободно се паркираат и на плоштадот и на плочникот на Уставен суд. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Сликата која ги пречекува туристите пред влезот во Старата скопска чаршија. (Фото: Ѓ. Личовски)

    А. АНТЕВСКА

    Фото: Ѓ. ЛИЧОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира