СКОПЈЕ ЗА ПРВПАТ ОСТАНА БЕЗ НОВОГОДИШНО УКРАСУВАЊЕ ВО МАНДАТ НА АРСОВСКА

    СКОПЈЕ ЗА ПРВПАТ ОСТАНА БЕЗ НОВОГОДИШНО УКРАСУВАЊЕ ВО МАНДАТ НА АРСОВСКАВо главниот град нема никакви активности за украсување ниту пак најава дека тоа ќе се случи. (Фото: К. Попов)

    Скопје годинава за првпат остана без новогодишно украсување. На улиците нема ниту една светилки и украс, на Плоштадот Македонија нема елка, ниту новогодишен базар. Во главниот град единствено новогодишната атмосфера ја доловуваат кафулињата и дуќаните кои се украсени и осветлени.

    Со години, Скопје кон почетокот на декември веќе бил украсен, елката на Плоштад пуштена да свети или пак украсувањето било при крај, но строгиот центар на градот веќе бил во новогодишна атмосфера. Сега нема никакви активности за украсување ниту пак најава дека тоа ќе се случи.

    Сите главни градови низ Европа веќе одамна се украсени, се одржуваат новогодишни базари и Дедо Мразовци пејат и се сликаат со децата. Во Штип украсувањето почна пред една недела, а Општините Охрид и Струга најавија дека ќе има новогодишно украсување и покрај енергетската криза бидејќи очекуваат голем број гости. Во главниот град нема ништо, ниту пак градоначалничаката Данела Арсовска кажува дали ќе има новогодишна програма и зошто градот не е украсен.

    Лани Арсовска кажа дека Градот веќе нема да дава пари на приватни фирми, туку ќе се купат лампиони и со нив ќе се украсува. Но, според податоците од Бирото за јавни набавки, не е спроведена ниту постапка за набавка на украси.

    САКАМДАКАЖАМ.МК два пати ја праша Арсовска дали Градот ќе биде украсен и дали ќе има новогодишна прослава. Градоначалничката ги игнорира нашите прашања и кусо ни одговора „ќе има прес-конференција и тогаш поставенте ги овие прашања“. Прес-конференцијата што ја најави на 29 ноември уште не е одржана.

    Со доаѓањето на Арсовска на функција престана традицијата на новогодишно украсување на градот и организирање на новогодишен базар со програма за деца и возрасни како во сите европски земји. Лани само симболично беше украсен градот со елка и неколку украси кои, како што рече Арсовска, биле донација од општествено одговорни компании. Лани за првпат немаше новогодишна програма за деца и на Плоштадот Македонија не дојде Дедо Мраз. Беше организиран само новогодишен дочек со домашни музичари.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира