Приватните превозници повторно најавуваат протести и блокади на градот ако Град Скопје и ЈСП „Скопје“ не го исплатат долгот кон нив од 1, 5 милиони евра. Денеска тие протестираа пред седиштето на ЈСП, барајќи средба со директорот Александар Стојковски. Откако не беа примени од него, се упатија кон Град Скопје за да достават барање за средба со градоначалничката Данела Арсовска.
„Шест месеци сме без пари, долгот од над 1,5 милиони евра не се исплаќа. За да биде ситуацијата поапсурдна, мината недела на сметка ние беа уплатени 5.000 денари. Не разбираме каква е оваа уплата и зошто сме оставени на улица, кога 30 години го одржувавме јавниот превоз во градот. Доколку до петок не оствариме средба со претставници од ЈСП и Град Скопје, од понеделник повторно ќе протестираме со блокирање улици“, рече Јовица Зафировски, еден од приватните превозници на денешниот протест пред канцелариите на ЈСП.
Приватните превозници велат дека не конкурирале на огласот на Градот затоа што тој бил за 5 линии, а не за 16 како што било досега. Велат, тоа значи дека дел од нив повторно ќе бидат без работа, а дополнително не им веруваат на градските власти дека ќе им плаќаат редовно со оглед на тоа дека сега не признаваат дека имаат долг.
Градоначалничката Арсовска не признава никаков долг кон приватните превозници. Вели дека Градот и ЈСП не им должат ништо и ги повика ако имаат докази да тужат.
Скопје трет месеци е без редовен јавен превоз, откако Арсовска ги раскина договорите со превозниците „Слобода прегвоз“ и „Макекспрес“.
А. АНТЕВСКА