ДАНЕЛА ВЕЛИ ДЕКА ИМА ЈАВЕН ПОВИК ЗА УКРАСУВАЊЕТО ОД 30.000 ЕВРА, АМА НЕ ГО ПОКАЖУВА

    ДАНЕЛА ВЕЛИ ДЕКА ИМА ЈАВЕН ПОВИК ЗА УКРАСУВАЊЕТО ОД 30.000 ЕВРА, АМА НЕ ГО ПОКАЖУВААрсовска на фејсбук објави принтскрин од список договори склучени во периодот од 2011 до 2019 од поранешни раководства на Градот за кои имало јавна набавка, но не го покажа јавниот повик кој вели дека го распишала транспарентно. (Фото: СДК.МК)

    Градоначалничката Данела Арсовска вели дека распишала јавен повик за новогодишното украсување од 30.000 евра, ама не го покажува. Откако САКАМДАКАЖАМ.МК  денеска објави дека нема ниту јавен повик ни јавна набавка за украсувањето на Скопје и дека Арсовска не одговара на нашите прашања каде е објавен повикот, таа на својот фејсбук профил објави дека тој бил спроведен на транспарентен начин како и сите други јавни набавки. Но, повторно не го објави ниту го покажа склучениот договор.

    „Украсувањето на градскиот плоштад, главните сообраќајници и новогодишниот базар се финансирани преку јавен повик, кој беше објавен согласно актите и прописите како и сите останати јавни повици“, објави Арсовска на Фејсбук.

    Таа објави и принтскрин од список на договори склучени во периодот од 2011 до 2019 од претходни раководства на Градот за кои имало јавна набавка. Фотографија ниту линк од јавниот повик кој таа го објавила и склучениот договор повторно не објави.

    Арсовска комуницира со јавноста исклучиво со фејсбук објави, а не свикува прес-конференција за да можат новинарите да ја прашаат околу целата постапка, кој украсува, од каде се купени украсите, кој ги поставува куќарките на Плоштад, дали ќе има новогодишна прослава, кој ќе пее и кој ќе ги плати пејачите.

    На веб-страната на Град Скопје на која се објавени сите јавни повици врз основа на што се информира јавноста и оние кои сакаат да конкурираат, повик за новогодишно украсување нема. Редакцијата САКАМДАКАЖАМ.МК упорно проверуваше на веб-страната на Град Скопје во делот каде стојат јавни повици. Но, таму нема повик за украсување, ниту за организирање на новогодишен базар или новогодишна прослава. Објавени се само јавни повици за член на партиципативно тело за урбанизам, за повластен јавен превоз за лица со посебни потреби, за лиценци за авто-такси превозници, за доделување финансиски средства за проекти од областа на спортот и младите и други.

    Принтскрин од страната на Град Скопје каде се објавуваат јавните повици. (Фото: Град Скопје)

    Денеска, Основното јавно обвинителство најави дека ќе оформи предмет и ќе нареди да се извршат сите проверки за начинот на кој се потрошени буџетски 30.000 евра за новогодишно украсување.

    „Финансиска полиција како орган надлежен за откривање на евентуални кривични дела и контрола на финансиските текови има надлежност да ги испита сите околности и да достави соодветно известување или пријава. Доколку Финансиската полиција не постапи, Обвинителството ќе оформи предмет и ќе нареди да се извршат сите проверки“, ни рекоа од Обвинителството.

    Данела Арсовска на локалните избори во 2021 година беше кандидат за градоначалник поддржана од ВМРО-ДПМНЕ.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира