Од Вашингтон за САКАМДАКАЖАМ.МК, Горан Михајловски
Унгарската Влада ќе ѝ позајми на македонската Влада 500 милиони евра, соопшти премиерот Христијан Мицкоски по средбата со унгарскиот премиер Виктор Орбан, за време на Самитот на НАТО во Вашингтон.
Позајмицата е со камата од 3,25 проценти, три години грејс период и 12 години рок на отплата.
Мицкоски во изјава на чие давање не беа поканети македонските новинари што се акредитирани на Самитот на НАТО во Вашингтон, па затоа не беше оставена можност за дополнителни прашања, рече дека со Орбан се договориле за „специјална економска соработка“. Изјавата до македонските медиуми е проследена со видео со жиг на македонската Влада.
„Имајќи предвид дека воспоставуваме специјална економска соработка, тоа ќе подразбира дека во иднина кога ќе има потреба од такво нешто, ќе можеме повторно да се обратиме до нашиот специјален економски партнер, а тоа е унгарската Влада и да побараме поддршка дополнителна што ќе биде потребна за македонската економија“, рече Мицкоски.
Во изјавата, Мицкоски кажува и дека од овие 500 милиони евра, 250 милиони евра директно поддршка за македонската економија под истите услови, 3.25 проценти камата, три години грејс период, 12 години рок на отплата или вкупно 15 години, а 250 милиони евра ќе бидат наменети за капитални проекти во општините.
За разлика од другите премиери и претседатели присутни на Самитот, кои држат редовни брифинзи со националните новинарски тимови и одговараат на прашања на странски новинари, Мицкоски ниту еднаш не се појави во прес-центарот. Трите места резервирани за покривање на дочекот на лидерите на почетокот на Самитот, Владата ги искористи за новинар и снимател од МРТВ и за владиниот снимател.
Од придружбата на Мицкоски рекоа дека премиерот е премногу зафатен.
За изјави беа достапни само министрите Тимчо Муцунски и Владо Мисајловски.