ЗА ТЕБЕ

Богата е оваа земја. Има во Македонија уште многу за крадење и без да влезе во ЕУ.

    ЗА ТЕБЕ

    1 Сега ми е криво дека во гимназија си викав: Што ќе ми е математика? Ете, за ова. За да знам дали ме лажат тие двајца-тројца во класот што знаеја математика кога ми ги прават пресметките за пензија. Да знам дали треба да им ракоплескам за 1.000 денари плус што секој пензионер ќе ги добие наесен пред Локалните избори.

    Ова линеарново покачување што ВМРО-ДПМНЕ го воведе како пракса ме поттикна да им дадам уште една идеја за пензиска реформа што ќе ѝ личи на една европска, конзервативна партија со десничарска идеологија. Зошто, кога веќе не е важно кој колку заработувал, колку државата му земала од платата за да го полни пензискиот фонд и колку години го полнел фондот, законски не се одреди и дека без разлика колкава ти е платата, сите ќе плаќаме иста сума во државниот пензискиот фонд? И, после 15 години стаж да не мора да плаќаме ништо. Кој сака поголема пензија нека си плаќа приватно.

    Ова законско решение треба да биде проследено и со закон за усогласување на платите на сите вработени во јавната и државната администрација, од општинско до национално ниво. Па така, кога ќе дојде време за покачување на платите, нема само функционерите да добиваат 78 насто поголема плата. Туку, целиот износ ќе се собере и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска точно ќе пресмета колку ќе им ја зголеми платата на сите подеднакво. Па така, по илјада денари зголемување пред избори ќе добијат и премиерот и министрите и возачите на министрите и наставниците и глумците и лекарите во јавното здравје, па и младите референти за скенирање напикани во министерствата. Сите се еднакви.

    За волја на вистината, баш министерката за финансии, што сега го брани линеарното покачување на пензиите, лани ова време викаше дека ако планираат да ѝ ја намалат платата, таа ќе си замине затоа што работи повеќе од другите. Може ја предомислила партијата, како што ја предомисли за многу други работи.

    2 Ова нема врска со математика. Ова е чист популизам на Владата на ВМРО-ДПМНЕ кој не е нешто што не сме го виделе, ниту пак сме изненадени. Од покачување на пензии пред избори, преку чистење на скопското Кале и отварање на булевар во Гевгелија на плус 43 степени во два часот попладне, па сѐ до надворешната политика.

    Популизам е и предлогот на Мицкоски, Бугарија како членка на ЕУ во Европскиот парламент да поднесе резолуција за постоењето на македонскиот народ и македонскиот јазик. Толку е бесмислен, што дури ни Бугарите не го сфатија сериозно.

    Ова е како сам да си пукаш во глава. Па ако случајно утнеш, дотепај се со тоа што ќе го проблематизираш и Преспанскиот договор. Се разбира, не ни беше ќејф дека моравме да го смениме уставното име и уште тешко ни влегува в глава „северна“. Но, Преспанскот договор со Резолуција на Обединетите Нации ни го гарантира идентитетот како Македонци што зборуваат македонски јазик, како и културното наследство. И, наместо баш Преспанскиот договор да го користиме во ЕУ како нешто што е завршена работа и за што веќе нема што да се прави муабет, Владата сама се нуди Европскиот парламент, во кој ние немаме пратеници бидејќи не сме членка на ЕУ, да дебатира за нас.

    Всушност што бара Владата на Мицкоски? Таму некои луѓе, кои ги избрале гласачите на 27 земји, што немаат врска со нас и баш им е гајле за нас, да гласаат дека – постоиме. Оти ако Бугарија не нѐ одбри дека постоиме, ние не постоиме.

    Ме плаши дека ние никогаш нема да влеземе во ЕУ. Така Владата нема да има никаков коректив однадвор. Е сега, ќе изгубиме пари од ЕУ фондовите. Ама, голема работа. Богата е оваа земја. Има во Македонија уште многу за крадење и без ЕУ.

    3 Откако ДУИ го кандидираше Бујар Османи за градоначаник на Чаир, владејачката коалиција „Вреди“ секој ден објавува соопштенија во кои му бројат колку пати како поранешен министер за надворешни работи бил во Белград, а колку пати во Тирана и Приштина.

    Тоа ли е најголемиот кабает на владеењето на ДУИ во претходните Влади кога беа коалициски партнер и на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ? Двајца функционери на ДУИ се на црна листа на САД за корупција, од кои едниот е градоначаник, а другиот беше моќен вицепремиер, а сега е во бегство, а за „Вреди“ најголемата тема за локални избори е кој колку пати бил во Белград, кој колку пати бил во Приштина и кој колку Албанци вработил.

    Дали сериозно мислат дека овие теми се од најголем интерес на албанската заедница во Македонија?

    4 Зградата на тетовската гимназија „Кирил Пејчиновиќ“, што постои уште од 1906 година, ќе се реконструира со 800.000 евра донација од приватна фирма. На почетокот на реконструкцијата се сликаа градоначалникот на Тетово Билал Касами, премиерот Христијан Мицкоски и министерката за образование Весна Јаневска.

    Тетовскиот градоначалник Билал Касами лани велеше дека Општината ќе финансира Албанска академија на науки. За реконструкција на гимназија за настава на македонски јазик Општина Тетово нема пари.

    5 Нова димензија на „жива дипломатска активност“ постигна пратеникот Бојан Стојаноски, кој на Фејсбук објави дека се сретнал со пратеничката Дафина Стојаноска и разговарале за ребалансот на Буџетот.

    Бојан Стојаноски е пратеник на ВМРО-ДПМНЕ. Дафина Стојаноска е пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ. Двајцата седат во ист ред во Собранието. Досега имаше практика од соопштение да дознаеме дека се сретнале министер и заменик-министер во исто министерство. Ама тие се од различни партии. Ваква пракса, да се сретнат пратеници од иста партија во Собрание и да се објават, досега не сме имале.

    Ех, што сѐ е спремен да направи пратеник од себе? За Македонија. За тебе.

    АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира