ХОРХЕ АЛИЕВ

Го имат снемано Сеат Ибица - столбот на демократијата и слободното новинарство

    ХОРХЕ АЛИЕВ

    1 Ќути трај до 1 мај. Како и да è, до тогаш може и ќе имаме Собрание. Ако не, може и до 1 септември да почекаме. Дај да го истуркаме летото. До тогаш можеби и Ѓорге Иванов ќе го убедат да го даде мандатот. И Трајко Вељаноски ќе оцени дали се создадени услови да ја продолжи конститутивната седница прекината на 30 декември лани. А во мај треба да стигне и пресудата од Судот во Њујорк за Али Ахмети дали зел мито за Телеком. До тогаш можеби и тој ќе заврши со анализата.

    Нема толку ненормален човек што би предвидел во Устав ваква ненормална ситуација. Да се пазариш со изборните резултати за давање мандат за влада. Или имаш мнозинство, или немаш. Ако имаш мнозинство правиш влада. Ако немаш  мнозинство, прави тој што има. 67 пратеници се повеќе од половина од 120. Нели така е? Ама, во ненормалнава ситуација претседателот оди против математиката. Не признава дека 67 се повеќе од половина од 120. Иванов вика дека математиката ја загрозува иднината на Македонија. Кој устав би можел да предвиди таква ненормалност?

    Во 1991 година, кога се правел Уставот, никој нормален не можел да предвиди дека по 25 години демократија ќе имаме ограбена  држава со заробени институции и со претседател што тоа ќе го поддржува. Оти, да се потсетиме. Не е кабаетот на Иванов само тоа што не ја признава простата математика за да не допушти неговите да станат опозиција. Тој лани нив ги аболираше за сомнежи за тешки криминали.

    Така што, колку и да е Никола Груевски иницијатор на кризата, а Али Ахмети негов верен помагач, главниот виновник што ја држи Македонија во заложништво е токму претседателот Иванов.

    2 Во вторник, Хан пак ќе доаѓа. Што бара? Да му каже на Иванов дека треба да го даде мандатот?  Со дигитронче ќе доаѓа, или со жолто-црвена сметалка?  Рачно да му објасни дека 67 е повеќе од половина од 120.

    Сигурно и Хан ќе каже дека е многу загрижен. И разочаран. Можеби и два пати разочаран, ко што се разочарале Американците. И дека очекува од Иванов да го даде мандатот на мнозинството во Собранието. И дека е убеден дека ќе го даде мандатот како што до понеделникот беа убедени Германците.

    Уште да кажат „Дај Боже Иванов да го даде мандатот!“ Оти им снема зборови да објаснат дека 67 е повеќе од половина од 120. Зборови им снема, ама за дела уште не се фатија. Што чекаат? Крв да падне? Или паравојските да почнат да делат правда?

    3 Иванов прво криеше дека ќе оди за Австралија на многу важни средби со иселениците. Во меѓувреме, отиде до Азербејџан на некој многу важен собир. И од таму рече дека нема да оди за Австралија и ќе се врати дома, оти има криза во односите меѓу ЕУ и Турција.

    Е па, до таму сме со демократијата. Некаде помеѓу Азербејџан и Турција. Од Илхам Алиев, што е претседател на Азербејџан од 2003 година, што го наследил претседателското место од татко му, а од минатиот месец за потпретседател си ја назначи жена му. До Ердоган, кој тие што не успеа да ги уапси ги избрка од работа, и што ќе прави референдум за да го смени системот за да може да владее до 2028 година.

    Е тоа се идеалните држави за Ѓорге Иванов. Овие од Западот само му го матат умот и му прават проблем со математиката и демократијата.

    4 Ако те осомничат за украдени 17 милиони евра државни пари, и ако судот ти одреди притвор, а имаш своја телевизија финансирана од тие пари, тогаш тоа е напад на слободата на медиумите и демократијата.

    Па само до вчера телевизијата на Сеад Кочан ни кажуваше колку е фер и праведно судството во Македонија. Тоа некои други предавнички медиуми се жалеа на судовите. Оваа телевизија нè убедуваше колку убаво се живее во Македонија за време на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и колку е праведна државата.  Со толку финото судство во спастрената држава зошто нешто би му фалело на бизнисот на Кочан? Мора пак Сорос да е крив што на газдата на телевизијата му подметнале 17 милиони евра наши пари.

    Новинарите од телевизијата протестираат пред судот. Главната уредничка повторува две реченици што ѝ ги напишале во центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.  Го брани газдата што е осомничен дека ги украл и нејзините пари и парите на нејзините деца.

    А човекот го нема. Го имат снемано. Апелациониот суд објави дека ни жена му не знае каде е. Што се насекираа толку неговите вработени? Сметките на фирмите, па ни на телевизијата не се замрзнати. Значи, сепак тие професионално известувале. Судството било фер. Нека си продолжат со професионализмот и со гледаноста на телевизијата како и до сега и директорите ќе им обезбедат плата. Башка, штом газдата им е толку долго на службен пат, сигурно многу јак бизнис тера таму на непозната локација. Сигурно е многу зафатен, штом нема време ни дома да се јави. Така што, нема зима за слободното новинарство и демократијата.

    5 Директорот на скопското јавно претпријатие „Водовод и канализација“ Александар Атанасов, за новата барокна зграда што чини 10 милиони евра изјави: „Овој објект за таа цена што ќе испадне на крај може да се каже дека е евтин објект. Искрено да ви кажам за разлика од другите објекти шти се изградени…“

    Така е. Во однос на театарот од 40 милиони евра, споменикот на Александар од 8 милиони евра, Триумфалната порта од 6 милиони евра и Панорамското тркало од 20 милиони евра, факт е дека зградата на „Водовод и канализација“ за џабалак сме ја изградиле.

    Тоа е таа математика на Ѓорге Иванов што не признава дека 67 е повеќе од половина од 120.

    И да продолжиме да сметаме:

    Никола Тодоров, кој не знаеме дали е пратеник, министер за здравство или сè што ќе посака да биде, се пофали дека на Клиниката за онкологија е отворена најсовремена лабораторија за цитостатска терапија во регионот. Таа лабораторија чинела 350.000 евра. А палмите чинеа пола милион евра.

    Уште малку математика:

    Јапонската Влада со 330.000 евра ќе реновира две школи во Македонија, ќе ни купат една пожарна и уште едно амбулантно возило и ќе им останат пари да ни купат и лопати и чизми, за не дај Боже да не нè фатат нови поплави.

    А ултрапредавничката американска државна агенција УСАИД, против која обвинителството на Зврлевски отворило 22 предистражни постапки, вложила 6,2 милиони долари во образованието. Со тие пари се реновирале 63 училишта низ цела Македонија,  од што корист имале 40.000 ученици и 5.000 наставници.  Ама што се 63 училишта, наспроти една „не толку скапа“ административна барокна зграда?

    Тоа е таа математика на Ѓорге Иванов што не признава дека 67 е повеќе од половина од 120.

    6 Додуша, и 10-те милиони евра за барокот на „Водовод и канализација“ се помалку од 17-те милиони за кои со потерница се бара газдата на столбот на слободата и демократијата.

    Е тоа е таа математика на Ѓорге Иванов што не признава дека 67 е повеќе од половината од 120. Не е загрозена унитарноста на државата. Загрозена е математиката на Груевски, поради што тој ги извади „реките народ“ од папучи на улица.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира