КОЈ ДА ГИ ЗЕМЕ ПАРИТЕ

Тој што го избира обвинителот, тој му кажува што да работи. Од кога па тоа е чудно?

    КОЈ ДА ГИ ЗЕМЕ ПАРИТЕ

    1 Не знам што е чудно дека премиерот Христијан Мицкоски му кажал на Државниот јавен обвинител Ненад Савески кои случаи очекува да ги отвори. Новото е само тоа што овојпат тоа го направи историски, како што би се изразил тој – робусно, од собраниска говорница во директен пренос на телевизија. Досега премиерите им даваа задачи на обвинители и судии тајно, преку секретарките во Владата што ги штиклираа имињата во тефтерчињата.

    Нормално, тој го предлага обвинителот, неговите пратеници го гласаат. Власта го избира, власта му кажува што треба да работи.

    Откако пред само десетина дена вицепремиерот Александар Николоски во Собранието го испофали Савески како кандидат за нов Државен јавен обвинител, Мицкоски сега добронамерно му кажа што треба да сработи во својата работа, за да му направи ќеф. Рече дека нема да се смири додека Савески не ги исполни неговите очекувања кои случаи да ги отвори.

    Еднаш државниот обвинител да ѝ отиде контра на ВМРО-ДПМНЕ и власта, одма ќе види што значи кога ВМРО-ДПМНЕ ќе те поддржи. Ќе му викаат СДС-ДУИ, ќе држат прес-конференции против него, ќе се жалат по интервјуа на телевизии, нема да му префрлаат пари за плати, нема да му одобруваат вработувања… Сме го гледале тој филм.

    Па ќе видиме колку новиот Државен обвинител е за фалење. Дали ќе ги тера предметите по ред и важност, или по списокот на премиерот.

    2 Ангелот од Курбиново, фреската што ја имаме на педесетденарката, која се наоѓа во еден од најзначајните културно-исторските споменици, во црквата „Свети Ѓорѓи“ во Преспа изградена во 1191 година, не може да се види, иако реставрацијата на внатрешноста е завршена пред две години. Проблем е што не може да се заврши реставрацијата на фасадата оти една од настрешниците што треба да се изгради за да го заштити надворешниот фрескоживопис влегува во приватен имот.

    Да беше обратна ситуација, да требаше државата да му продаде на приватник државно земјиште за да ја дооформи парцелата по едно евро квадрат, цела Влада ќе се нацрташе на свечено отварање на некој трговски центар или хотел.

    Оваа црква што се смета за почеток на ренесансата во овој регион, и тоа пред европската ренесанса, е еден од најзначајните споменици на македонското културно-историско наследство. Во реставрацијата помогнаа конзерватори од Грција. Е баш затоа уште повеќе не можам да поверувам дека Влада, која патем се отепа од удирање в гради дека е ексклузивен бранител на македонскиот многувековен идентитет, две години не може да реши безначаен имотно-правен спор во некое преспанско село.

    Дали воопшто Владата сака целосно да ја заштити и конечно да ја отвори црквата-споменик за јавноста?

    Секогаш кога е државен интерес во прашање, државата наоѓа едно чудо оправдувања зошто нешто не може да се сработи, а не што може да се направи за да се сработи. Државните институции две години се пимплаат со точки, запирки за да заштитат културно наследство од непроценливо државно значење. А имаме илјадници дивоградби што се на узурпирано земјиште на државата за кои никој не е ни казнет. Бетонски чудовишта од дивоградби сосе плажи влегоа во езероно заштитено од УНЕСКО, а властите граница на ѕидот на црква не може да решат. Проблем е настрешница на приватен имот кој 100 години никој не го побарал.

    Власта на ВМРО-ДПМНЕ не може да стави заштита на културно наследство од 12 век. А истата партија кога беше на власт можеше да ја симне заштитата на десетици објекти од центарот на Скопје за да лепи барок од стиропор на „Скопје 2014“.

    3 Инаетот станува реалност. Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски најави дека ќе го реализира проектот за Брз автобуски превоз (БРТ) што локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ претходно четири години го кочеше. Тендерот што беше распишан во 2021 година го поништи градоначалничката Данела Арсовска, која заедно со Мицкоски ветуваше дека ќе набави 250 автобуси за бесплатен јавен превоз. ВМРО-ДПМНЕ велеше дека системот БРТ е скап и неефикасен.

    Е па, сега уште поскап ќе излезе. Цените од 2021 и 2026 не се исти. А и платите на работниците се пораснати. Трети сме по раст на БДП. Плус секоја година плаќавме камата од 350.000 евра на Европската банка за обнова и развој. Милион и пол евра од џеб ли ќе ги извадат тие што четири години го блокираа проектот, а сега ни го фалат како историски успех?

    Дај боже да грешам, ама сѐ ми се чини дека со скопскиов БРТ ќе добиеме нов „Кичево-Охрид автопат“. Кога за реновирање на една зграда, во која се запали Државниот инспекторат за животна средина, за две години се потпишани 51 анекс на договори што ја дигнаа цената за дополнителни два милиони евра, којзнае колку анекси и уште колку пари ќе требаат за брзиот автобуски транспорт.

    Штом се пари во прашање, можеби најдобра проценка на штетата би направил гувернерот на Народната банка Трајко Славески, кој беше претседател на Советот на Град Скопје што неколкупати го блокираше проектот. Ама ако го прашаме, може ќе се налути, па ќе ни рече: Прашајте си го уредникот. Е па, ништо. Да го прашаме уредникот на Трајко Славески.

    Налет парите. Се заработуваат и се трошат. Туку, што правиме со времето? Оваа приказна за БРТ-то во Скопје е уште една јасна слика како партиите ни го трошат животот, а богами и здравјето. Раскопан град во кој живее половина држава, без јавен превоз… Ако овој проект не се заврши во историски рекордно време, ќе значи уште многу години прашина,  затнат сообраќај и дополнително загадување и во зима и во лето.

    Ех, да се само последниве четири години. Триесет и пет години ни одземаа. Кој неспособен, кој лажго, кој терсене, кој за инает, кој за џабе…

    А во суштина – кој да ги земе парите.

    4 Во СДСМ за работа може не ги бидува, ама мора да се признае, кадри знаат да изберат.

    Толку ли никој веќе не сака да се занимава со нив, па го најдоа Андреј Жерновски да им биде врската со светот како меѓународен секретар на партијата? Зошто би имале контакт со реалноста, кога си имаат контакт меѓу себе.

    Кога беа на власт направија штета, па го вратија ВМРО-ДПМНЕ. А и како опозиција не се баш за радост.

    АУДИО ПОДКАСТ

     

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира