ПОПУСТ НА МИТО

Ако веќе градежниците треба да дадат попуст на становите, ќе треба и тие што им ги даваат градежните дозволи да дадат попуст на митото.

1 Ќе се фати премиерот Христијан Мицкоски на некоја тема што ќе си ја смисли и ќе си ја повторува едно десетина дена по неколку пати дневно, додека не смисли нова. А ние претходната ќе ја заборавиме. Овојпат, темата му е во тренд. Цела недела сите нудат попусти за „блек фрајдеј“ за сè и сешто, а Мицкоски нуди попусти за станови. Најавува дека ќе ги обврзе градежните компании десет отсто од становите што ги градат да ги продаваат со попуст од 20 отсто на млади брачни двојки до 35 години. Ако не се согласат, нема да добијат градежни дозволи.

Како ќе го регулира тоа? Вели, со специјален закон.

Финтите со „блек фрајдеј“ се познати. Пред крај на ноември ги зголемуваш цените, па после даваш попуст и производите ги спушташ на старите цени.

Ама има и други прашања што треба да се регулираат со овој специјален закон. На пример, што ако еден од партнерите во бракот има 32, а другиот има 36 години? Дали и на двајцата ќе им им следува попуст? А што ако се разведат откако ќе го купат станот? Колку години не смеат да се разведуваат?А и не мора да се разведат. Можат да го продадат. Во тој случај, ќе треба ли Уставниот суд да одлучува дали бракот е склучен од љубов или заради попуст? А зошто попустите да важат само за брачни парови? И колку деца треба да имаат? А смеат ли два стана да купат, да имаат и за децата? А зошто да не им се дава попуст на самохрани родители? А зошто не и на самци што сакаат да формираат семејство?

Сите овие дилеми ќе се разрешат со подзаконски акти. За сè да биде таман, согласно најпознатиот македонски начин: „Сè е по закон, шефе“.

Само, која ли инспекција ќе проверува дали ќе има злоупотреби и изигрување на законот? Оваа инспекција што сега ја средува кризата со кравите во Крива Паланка, и со Стојне од Куклици која на црно наплаќа влезници на заштитен локалитет? Да не го споменуваме Кочани, оти таа трагедија од непостапување на едно чудо инспекции од локално до централно ниво едноставно не е споредлива со ништо.

Со оглед на тоа како функционира спрегата меѓу властите со градежниците и како им се издаваат дозволи за градење, колку пати им се прогледува низ прсти за дивоградби и доградби, пријавени, а необезбедени паркинг-места и божем гаражи, за пристапни улици, за зеленило и за урбанистички решенија, градежниците би требало и без пари да им даваат станови на младите брачни двојки, а не со попуст.

Ама, ако веќе градежниците треба да дадат попуст на становите, ќе треба и тие од Општина што им ги даваат градежните дозволи да дадат попуст на митото.

2 Не знам чуму шокираноста од интервјуто на премиерот на ТВ Телма, кога рече дека може да нарача текст во кој било медиум, па уште и се дообјасни дека не гледа ништо лошо во тоа.

Кога неговата партија ВМРО-ДПМНЕ беше на власт 11 години, од собраниската говорница слушавме пратеници како се закануваат со: „Ќе те спружам на насловна“. И вистински спружуваа. Од „бомбите“ со нелегално прислушуваните разговори слушавме и како се нарачуваат прилози на вести, како се договараат насловни страници, па дури и како се гаси струја во телевизија. Впрочем, во тоа време бев уредник на „Вест“, па памтам и јас некои работи.

Ако некој бил политички воспитуван во таква партиска традиција, зошто нè чуди дека кога ќе стане премиер, нему му е сосема нормално да нарачува новинарски текстови?

А искрено, не ме чуди ни што има медиуми што го увериле дека е во право.

3 Цел свет се воодушевува на успехот на македонската Влада. Премиерот Мицкоски рече дека на Самитот ЕУ-Западен Балкан сите го прашувале „како успевате да бидете од 30 центи до 50 центи по литар поевтини од нас за дизел горивата и како успевате тоа да го одржите со месеци“. Кој го прашувал? Еди Рама и Албин Курти? Или Марта Кос и Урсула фон дер Лајен му се жалеле на цените на бензиските пумпи во Белгија?  За време на вечерата ли правеле муабет за нафтата? Или на маргините на Самитот?

Муабетов е отприлика како кога министерката за образование Весна Јаневска вели дека студентите ги трошат 140-те денари субвенции од државата за цигари и алкохол. Кои студенти? Или, како претседателката Гордана Сиљановска-Давкова кога велеше дека претседателите од регионот го нарекувале владиниот авион „авиончето на браќата Рајт“ оти било најмало и најстаро. Слично како што Мицкоски лани околу Нова година објаснуваше дека германската компанија „Луфтханза“ на линијата од Франкфурт за Скопје пуштала поголеми авиони од вообичаено оти му пристапувале патници и му викале: „Се враќаме засекогаш, повторно дома“.

И после тоа „Луфтхазна“ сосема ги укина летовите за Скопје. Ни помали, ни поголеми, туку никакви авиони не испраќа. Сигурно си рекле, немаме ние капацитет да опслужиме вакво масовно враќање на македонските граѓани дома. Ќе си ги задржиме вашите граѓани во Германија кај што бензинот е поскап. Си имате вие евтино гориво, најдете си друг да ве вози.

4 Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски два пати месечно организира акции за чистење на градот. Секоја втора среда им наоѓа работа на вработените во јавната администрација, јавните претпријатија и градските и општинските установи.

Убаво е што административците го чистат градот. Ама што работат кога не чистат? И што правиме ние ако ни треба услуга додека тие чистат? Оти акциите се среде недела, среде работен ден. Сите ли чистат или само тие што партијата ги вработила на измислени работни места?

Замислете колку ќе ни биде чист градот ако на акциите излезат и тие што земаат плата, а не одат на работа.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира