ЕУ И САД ВЕЌЕ ЗБОРУВААТ ЗА САНКЦИИ ЗА ПОЛИТИЧАРИ И БИЗНИСМЕНИ КАКО ПОСЛЕДНА ОПЦИЈА ЗА РЕШАВАЊЕ НА КРИЗАТА

    ЕУ И САД ВЕЌЕ ЗБОРУВААТ ЗА САНКЦИИ ЗА ПОЛИТИЧАРИ И БИЗНИСМЕНИ КАКО ПОСЛЕДНА ОПЦИЈА ЗА РЕШАВАЊЕ НА КРИЗАТАПретседателот Ѓорге Иванов на 9 јануари му го даде мандатот за состав на нова влада на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски иако тој немаше обезбедено мнозинство во Собранието. Два дена пред тоа во Тирана беше потпишана Платформата на партиите на Албанците во Македонија која сега Иванов ја користи како оправдување зошто не го дава мандатот на лидерот на СДСМ Зоран Заев кој му донесе потписи на 67 пратеници како доказ за обезбедено мнозинство во Собранието за состав на нова влада. (Фото: СДК.МК)

    Европската унија и САД веќе дискутираат да воведат санкции за политичари, нивни семејства и бизнисмени блиски до нив како последна опција да ја извлечат земјата од кризата во која западна по одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да не го додели мандатот за формирање влада на новото парламентарно мнозинство.

    Американскиот Стејт департмент вчера најави дека ќе ги земе на одговорност политичарите во Македонија што го блокираат формирањето на Владата. Но и во Европската унија веќе некое време се зборува за воведување санкции, потврдуваат дипломатски извори во Брисел за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Според изворите, процесот за воведување санкции е бавен, но, како што велат, и тоа е нешто, во споредба со претходно. Кога веќе Стејт департментот даде дефиниција дека „политичарите кои се обидуваат да го блокираат формирањето на Владата, ги обезвреднуваат владеењето на правото, демократските процеси и стабилноста на Македонија и регионот пошироко“ и со тоа заслужиле да одговараат за своите постапки, дискусијата за воведување санкции во Вашингтон и Брисел е веќе сериозно започната.

    „Најважно е дека тоа прашање е отворено и штом веќе се зборува за тоа, кога – тогаш политичарите и нивните поддржувачи што вршат блокада на јасно изразената волја на мнозинството и не дозволуваат демократски и мирен трансфер на власта ќе се соочат со последици“, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК дипломатските извори во ЕУ.

    Со ваквите санкции нема да бидат засегнати обичните граѓани, бидејќи ЕУ и САД не сакаат да ја поткопаат големата поддршка што жителите на Македонија ја даваат за евроатлантските интеграции. – Од протестите на „За заедничка Македонија“ (Фото: Ѓ. Личовски)

    Евентуалните санкции ќе таргетираат поединци чии постапки ги поткопуваат демократските процеси и институции во земјата и ќе вклучуваат забрани за патување и замрзнување на имоти и средства. Се разговара за широк спектар на санкции кој би почнал од замрзнување на имот и банкарски сметки и забрани за патување во ЕУ и повлекување на американските визи на најистурените политички играчи. Но, ако и тоа не даде резултат санкциите ќе се прошират и на членовите на нивните семејства, како и на истурени поддржувачи во судството и бизнис заедницата кои се веќе нотирани во досегашните извештаи на Стејт департментот и на Европската комисија. 

    Граѓаните нема да бидат засегнати од овие санкции затоа што ЕУ и САД не сакаат да ја поткопаат големата поддршка што жителите на Македонија ја даваат за членство во ЕУ и НАТО. Во Брисел не се размислува ниту за кратење на претпристапните фондови од кои корист имаат граѓаните, а не политичките елити. Сепак, се предупредува дека ако продолжи оваа ситуација на владеење на техничката влада која е соучесник во блокирањето на волјата на мнозинството, ќе секнат и тие пари затоа што едноставно новите договори нема да има со кого да се потпишат. 

    Најавите за санкции доаѓаат по серијата посети на високи европски функционери изминативе два месеца, кои не помогнаа за надминување на кризата, а мининални се шансите да успеат напорите на неформален план, како иницијативата на поранешниот шведски премиер Карл Билт, кој завчера се сретна со лидерите на поголемите политички партии во својство на копретседавач на тинк-тенкот Европски совет за надворешни работи.

    Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Федерика Могерини беше во Македонија на 2 март и предупреди на геополитички конфликт ако Иванов не ја смени одлуката за мандатот. (Фото: Ѓ. Личовски)

    На кризата во Македонија веќе се гледа и како на регионален проблем, посебно по препукувањата на линија Тирана-Белград во врска со интервјуто на албанскиот премиер Еди Рама за „Политико“, во кое зборува и за т.н. Тиранска платформа. Во таа насока е и вчерашната изјава на Стејт департментот за Гласот на Америка на македонски јазик во која се вели дека блокадата за формирање влада ја загрозува стабилноста на Македонија, но и на регионот.

    „Ние ќе работиме со нашите европски партнери на охрабрување на овие политичари, да престанат со нивните опструкции, вклучувајќи и земање на одговорност за нивните постапки“, се вели во изјавата на портпарол на Стејт департментот што ја пренесува Гласот на Америка на македонски јазик.

    Европската комисија вчера уште еднаш повика да се почитуваат резултатите од изборите и претседателот Ѓорге Иванов да ја ревидира својата одлука. Портпаролката Маја Коцијанчич за агенцијата „Мета“ изјави дека е неопходно да се стави крај на сегашната несигурност и владата мора да се оформи без понатамошно одложување врз база на парламентарното мнозинство кое е формирано.

    Во Собранието, вчера се одржа 14. продолжение на конститутивната седница и како и претходните 13 помина во реплики и контрареплики на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Конститутивната седница останува заглавена на третата точка на дневниот ред – избор на членови на Комисијата за избори и именувања.

    М. Илиоски

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира