МВР поднесе кривични пријави за уште петмина ученици во организираниот напад на Собранието на 27 април, од кои тројца ги нападнале пратениците на СДСМ и другите пратеници во собранискиот прес центар. Едниот му се заканувал на лидерот на СДСМ Зоран Заев, еден со лакт ја удрил пратеничката Радмила Шеќеринска, a еден со тупаници го нападнал пратеникот на ДУИ Артан Груби.
МВР соопшти дека во пријавата ги осомничи дека извршиле кривично дело “Учество во толпа што ќе изврши кривично дело“, а поднесена е врз основа на предгледани видео записи добиени од медиумски куќи, како и видео записи од безбедносните камери во Собранието.
„Кривично пријавени се Д.П. (33) од Скопје, Т.Т. (53) од Куманово, В.Т. (40) од Скопје, И.С. (44) од Велес и В.Ц. (33) од Скопје, кои со употреба на физичка сила, насилно влегле во Собранието во време кога се одржувала прес конферецијата за избор на претседател на Собрание при што со употреба на физичка сила и закани сториле насилства спрема луѓе и оштетиле имот. Имено, откако пријавените влегле во салата 3 во Собранието на Република Македонија, И.С. со фантомка на главата упатувал закани и пцовки кон присутните со што кај нив предизвикал страв и загрозеност, по што ја извадил фантомката и не преземал други дејствија, Т.Т. со тупаници ги нападнал пратениците и фрлал со тврди предмети кон нив и нивното обезбедување, В.Т. со лакт ја удрил пратеничката Р. Ш. во пределот на грбот, а со ПП апарат прскал дел од пратениците кои биле во близина на лифтовите. Пријавениот В.Ц. кон претседателот на СДСМ упатувал пцовки и закани, притоа употребувајќи разни заканувачки гестикулации, а Д.П. со тупаница го нападнал пратеникот А.Г., а навредувал и други пратеници и присутни“, соопшти МВР и додава дека во консултација и соработка со Основното јавно обвинителство Скопје и понатаму презема мерки и активности за идентификување и документирање и на други лица учесници во нападот на Собранието.