ЗДРАВО ЗОКИ

Целта на новата вмровска пропаганда е да им се измијат окрвавените раце

ЗДРАВО ЗОКИ

1 На кое ниво на глупавост на публиката можеш да сметаш, за да ти текне на телевизиски новинарски производ да му ставиш име „Само вистина“? Веројатно на истото ниво на глупавост на гледачите што ѝ веруваа на истата таа телевизија, која до вчера ги убедуваше дека ако не знаат албански јазик Заев ќе ги казнува со 5.000 евра.

Сè уште деновите ни почнуваат со отворените утрински програми на кои гледачи со партиски платени телефони глумат граѓани и ја трубат вмровската пропаганда. Од рано сабајле, преку вестите, па сè до ноќните фашистички сеанси на кои на ѕид се редеа  слики на тие што се за отстрел.

И сега одеднаш, ќа стават наслов на дебатна емисија „Само вистина“, ќе ја извадат во прв ред колешката што беше потисната оти не сакала да се валка, и глупавата публика која до вчера гледала „Само лага“ сега ќе се просветли. Оти од сега па натаму ќе гостуваат и тие што до вчера беа за отстрел и немало шанси да си ја кажат својата вистина.

Ало! Па во прислушуваните разговори слушнавме како самиот газда на телевизијата му се нудеше на шефот на кабинетот на тогашниот премиер Никола Груевски, не само да предизвика тонски пречки, туку ако треба и струјата да ја скине. Па ова е полошо од тоа што го правеле. Бидејќи сега, целиот напор на „Само вистина“ е да се релативизираат злоделата на црните и нивната вредност да се изедначи со таа на шарените. Демек – и ова е вистина, ама и ова е вистина.

Ќе правиме баланс на вистината. Шарањето на зградата на Собранието е подеднакво легитимен протест како организираниот обид за убиство на пратениците во Собранието. Како тргнале, уште ќе нè убедат дека сите сме криви оти Ѓоле на го давал мандатот. И пратениците од мнозинството самите се виновни оти не ги убија.

Ова е само уште поподмолно продолжение на пропагандата што ја правеа 11 години. Оти, целта на оваа нова вмровска пропаганда сега е да им го исчисти валканиот образ на тие што правеа криминали.  Море, не образ. Целта на оваа пропаганда е да им се измијат крвавите раце.

2 Просто ги замислувам како се жалат:  „Леле, колку ни беше тешко! Не, не, не сум јас за ниедна партија, ама овие многу ме притискаа, знаеш што ни правеа… А бе, јас сум за ВМРО, ама овие не се вмровци, овие се ајдуци… Види, ама овие ја претераа со крадење…“

Солза да ти капне кога ќе ги слушаш како се жалат на тешката судбина за време на режимот. „Страшно беше што преживеавме. Значи, толку многу пари ни даваа – не турија со пари давање. Оди одбиј владина реклама, да те видам. А тендер? Со сила ни ги даваа тендерите. Не знаевме како да ги товариме парите, каде да ги носиме, каде да ги скриеме… Мислиш сакавме по тоа Белизеата да пловиме и по Москви да смрзнуваме… “.

Сега, одеднаш тие ќе ни се претставуваат како жртви на груевизмот. А десет години нè труеаја од сабајле до вечер, без никаква одговорност. Пари направија на хушкање против политичките неистомисленици. А и сега упорно одбиваат да си ја преземат одговорноста.

И сега што? Тие не се спремни ни да се извинат за сето зло што го направија за јакнење и одржување на груевизмот, а ние треба тоа да им го заборавиме. Зошто? Затоа што ќе требало да се поздравиме кога ќе се видиме на улица. Е па, не мора да се поздравиме.

За какво помирување зборуваме, ако не си ја преземат одговорноста тие што беа спремни и да убиваат само за да ги заштитат криминалите на власта? А ги штитеа, затоа што власта ги штитеше нивните криминали.

Тука не станува збор за одмазда. Станува збор за градење здрава средина за живот. Здраво општество нема ако не се преземе одговорност. И ако нема казни за криминалците.

Здраво Зоки. Имај го ова на ум утре кога ќе збориш за помирување. А особено кога овие што го поттикнаа „народот“ да ти ја скрши главата во Собрание великодушно ќе ти ги понудат микрофоните да зборуваш за вистината.

3 Оти, еве Иванов веќе зборува за амнестија на насилнициите. Биле заведени од толпата и покажале емоции. Од силината на емоциите фотељи летаа и сталаци за камери глави кршеа.  А професионалните полицајци што ги носеа фантомките не ги носеле за да си ги скријат лицата. Туку за да си ги скријат емоциите.

Амнестијата веќе почна. Судовите што измислуваа разни вештачења и прибираа мислења од заводи за заштита на културно наследство за овие што скршија еден излог и боеја фасади, сега имаат разбирање за емотивците. Едниот дури ни полицијата не можела да го најде дома. Оти е во домашен притвор.

4 Впрочем, зошто би било чудно ако судот два пати укинува притвор за лице што е во бегство и е осомничено за фалсификување документи на тендер, кога триесет кандидати за обвинители на конкурс се јавиле баш со фалсификувани документи?  Ако јавноста го знае името на Сеад Кочан осомничен за фалсификат, зошто  да не ги знаеме и имињата на обвинителите осомничени за фалсификат?

5 А вие продолжете да му се смеете на Груевски кога оди да отвара експресни патишта и да најавува нови инвестиции. Со ова темпо, дури и екстерното ако се укине, тој ќе си ги прати ќерките на полагање.

„Ха ха, ха, нека му каже некој дека не е премиер“.

Ама не е за смеење. Не е ни за зафркавање. Тоа што го потценувате и му се смеете не е негов проблем.  Не е тој ни луд ни глупав. Тој одлично знае дека не е премиер.  Ама знае дека на своите 450.000 гласачи на кои им се обраќа, најважно од сè им е да им покаже дека ВМРО-ДПМНЕ е уште моќна и има контрола. И дека идат локални избори на кои Груевски е решен да победи. А Влада уште нема.

Здраво Зоки. Не знам што е тука смешно.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира