ПРЕД И ПОТОА

И после ВМРО-ДПМНЕ направиле 10 пратенички групи. Е па – 10 се! Миле, да не е многу?

ПРЕД И ПОТОА

1 Како запнале да го бранат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ јавниот обвинител Марко Зврлески од разрешување,  името толку нема да го бранат. Ама, од името не зависи дали целото партиско раководство ќе им оди во затвор. Море, остај името. Туку со формирањето десет парламентарни групи за блокада на Собранието, тие и Талат Џафери го признаа за претседател.

Она што никогаш не сте можеле ни да го помислите, тоа  врхушката од ВМРО-ДПМНЕ ќе го смисли. Проверено. Од  преслекување на цел центар на главниот град во стиропорен квазибарок, преку палми и медитерански плажи во земја без море, па протести на задоволни граѓани, сè до десет парламентарни групи за „унапредување на демократијата“. Што е само продолжение на системот „за“ – и „контра“. Па сега во Собранието ќе имаме неколку вмровски парламентарни групи и неколку вмровски парламентарни контрагрупи. Во безброј варијанти и комбинации, во зависност од темата на муабетот.

На пример, баш би било интересно да се следи расправата кога Крста Мукоски од една парламентарна група ќе му реплицира на Сашо Василевски од друга парламентарна група. И ќе се скараат кој е најзаслужен за отварањето на вратата на Собранието и претепувањето на пратениците на 27 април. И кој е виновен што Заев и Села не беа убиени.

2 Тоа што го прави ВМРО-ДПМНЕ со десетте парламентарни групи за да ја одолговлекува расправата по сите теми до недоглед е легално. Ама, сега зборуваме за смена на јавен обвинител кој до толку не си ја вршеше работата, што мораше и странци на мускули да помогнат да се избере специјално обвинителство што ќе ги истражи криминалите од прислушуваните разговори. Што сите ги слушнавме, а на Зврлевски не му се слушаа.

Тоа ли е патот кон ЕУ и НАТО за кој уште раскажува приказни партијата што има најголем број пратеници во Собранието? Па меѓународната заедница лидерот Никола Груевски уште го смета за фактор за демократизација. И му го прават ќефот. Му одат во кабинетот и после соопштуваат дека тој ќе бил конструктивна опозиција. А тој самиот си кажа дека ВМРО-ДПМНЕ заврши со конструктивноста. Што бараат кај него? Му даваат сила за да го заштитат да не оди во затвор?

3 Германија донирала два еколошки билборди во Скопје и Тетово. Сосе систем за наводнување и растенија што го прочистуваат воздухот. Одвоиле германските даночни обврзници од својот џеб 50.000 евра за Македонија. А скопската и тетовската локална власт требало билбордот само да го полеваат еднаш неделно. И овие не го полевале. И билбордот се исушил.

Тоа ти е исто како и други работи во државата. Швеѓаните ни го чистеа ѓубрето околу Вардар во Скопје, Холанѓаните го чистеа ѓубрето во Маврово, Јапонците ни прават водоводи во секое село, Американците ни го заштитуваат културното богатство, Британците ни ги средуваат школите, Швајцарците ни градат канализации…

Веројатно истото се случило и со системот за електронска распределба на судските предмети кај судиите. Американците ни ги платиле системот, а судските власти не платиле за негово одржување. Па затоа, морале да работат по системот на тефтерчињата на Гоца.

Кај нас најдобро функционира систем на растурање на систем. Тие ќе ти помогнат да направиш нешто, а ти ќе го растуриш. Ќе ти дадат пари да ја средиш државата, а ти ќе ја ограбиш, како да е за една употреба.

А ВМРО-ДПМНЕ го обвини СДСМ дека не презема ништо да се справи со земјотресите во Охридско. И дека не смее да се дозволи државата да се партизира и да се криминализира.

Значи да заклучиме: Само ВМРО-ДПМНЕ смее да ја партизира и криминализира државата.

И после ВМРО-ДПМНЕ направиле 10 пратенички групи. Е па – 10 се! Миле, да не е многу?

4 Изгледа, кога новата власт влегла во Владата пробуричкала по фиоките на Мартин Протоѓер и Илија Димовски, и на некои од нив многу им се бендисале упатствата за пропаганда.  Па и покрај тоа што директорите на ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да остваруваат и владејачкото мнозинство уште ја нема преземено власта во свои раце, Владата на Зоран Заев прво што реши е на пропагандата на ВМРО-ДПМНЕ да удри со контрапропаганда.

Што е ова „Здраво Таравари“? Замена за „Ало докторе“?  Со сета почит за волјата на министерот да биде достапен, јас не сакам да се јавувам на министер ако нема инсулин. Јас очекувам од министерот да изгради систем во кој решавањето на моите потреби како граѓанин нема да зависи од зборот на еден човек. Зашто, го гледавме и Груевски како му обезбеди лек за рак на еден охриѓанец во предизборна прошетка.

Што е оној спот како реклама за слабеење „Пред и потоа“ на генералниот секретар на Владата Драги Рашковски? Во кој тој се појавува во секој кадар како да е Анџелина Џоли, да покаже како ја исчистил гаражата на владината зграда. Од некој со два доктората и три магистратури не очекував да ми се пофали дека знае да средува гаражи. Ако си ја завршиш работата за која си платен, не ти треба видео да се пофалиш.

Или, каков е оној обид на придружниците на Заев во Стопанската комора, на новинарите кои претходно ги поканиле да го сликаат настанот да им забранат да прашуваат, оти „премиерот нема да одговара на прашања“? Среќа што  Заев се предомисли на време, па реши да одговара на прашања и надвор од темата.

Не знам за вас, ама јас цело време ќе паметам дека Заев пола година секоја прес конференција со бомбите ја завршуваше со „Ова зло никогаш да не се повтори“.

Е па, голема е одговорноста да не се повтори. Оти контрапропагандата е сепак – пропаганда. А пропагандата не е начин за градење одговорна и отчетна власт. Каква што се надеваме дека оваа власт ќе биде.

Заборавете ги тематските прес конференции. Заборавете ја реченицата „Нема да одговара на прашања!“ И заборавете ја праксата за одговарање само на нарачани прашања. Ни требаат информации за вистински достигнувања. А не спинувања.

Верувам дека искушението за власта е големо. Особено што новинарите за овие 11 години заборавиле да поставуваат прашања. И да инсистираат на одговори. Ама, ако премиерот Заев и неговите министри не одолеат на ова искушение, ова зло многу брзо ќе се повтори.

5 Толку сме навикнати ние како граѓани да ѝ служиме на администрацијата место таа нам да ни служи, што едноставно не ми се верува дека по 26 години некому му текна да ѝ воведе флексибилно работно време и две смени, за да не мораш да земаш одмор или слободни денови ако сакаш да завршиш некоја работа со државата.

Е ако тоа му успее на Заев (а многу сакам да му успее), тоа ќе биде револуционерна одлука што ќе го поправи квалитетот на животот. Се надевам дека во тоа ќе вложат многу повеќе енергија отколку во чистење гаражи.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира