Активистите против рудници од Југоистокот со протестен марш и блокади во Валандово ќе бараат Владата и премиерот Зоран Заев да донесат одлуки за стопирање на изградбата на рудниците Казандол, Иловица и Боров Дол. Тие за утре најавија протестен марш од автобуската во Валандово до раскрсницата што води кон рударскиот комплекс Казандол, при што најавуваат едночасовна блокада на патиштата кон Скопје и Гевгелија.
Освен во Валандово, за утре точно напладне е најавен и протест пред Владата во Скопје во знак на поддршка на активистите од Југоистокот против отварање на рудниците Казандол, Иловица и Боров Дол.
Новите протести се резултат на револтот кај активистите, бидејки ресорните министерства и Владата на чело со премиерот Заев не преземаат конкретни чекори за стопирање на постапките околу отварање рудници во Југоистокот познат како земјоделски регион. Од таа причина, тие се обединија во неформална асоцијација на граѓански иницијативи и здруженија „Југоистокот против рудници“, чија цел ќе биде борба против отворањето на рудници со отворен коп во Македонија.
Мораториум на изградбата на рударските комплекси Казандол кај Валандово, Иловица кај Струмица и Боров Дол кај Радовиш. Стопирање и ревизија на сите 86 доделени концесии за еден ден од поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, формирање на работна група со претставници од министерствата и граѓанските здруженија со цел транспарентен преглед на сета документација за издадените дозволи и концесии и изготвување на кумулативна стратешка оценка за влијание на животната средина од сите 86 додоелени концесии од независни експерти, се барањата на активистите кои планираат да ги испорачат до Владата и министерства задолжени за издавање дозволи и концесии за рудници.
За време на кампањата за локалните избори, премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев од предизборен митинг во Јосифово кажа дека изградбата на рудниците ќе застане оти носат лошо здравје и слаби перспективи.
„Овие концесии за експлоатации и дел за геолошки истражувања се дадени од претходната власт. Ние ќе водиме мудри постапки да не нанесеме милионски штети на државата, но едно да знаете – рудниците ќе застанат. Добро е да се подготви целиот менаџмент рудниците да застанат поради тоа што тие носат лошо здравје, слаби перспективи и уништување на иднината на сегашните и идните генерации. Нашиот официјален став е да престане изградбата на рудници, да престанат сите постапки околу нив бидејки тоа не е иднината на овој бисер на земјоделието во Република Македонија“ кажа премиерот Заев на 1 октомври годинава од валандовско Јосифово.
В.Трајков