ДИВАТА ОД „ПЕТТИОТ ЕЛЕМЕНТ“, ИНВА МУЛА ЌЕ ПЕЕ ВО ТЕТОВО, НА КОНЦЕРТ ВО ЧЕСТ НА ВИЕНСКИОТ БИЗНИСМЕН АКИ НУРЕДИНИ

    ДИВАТА ОД „ПЕТТИОТ ЕЛЕМЕНТ“, ИНВА МУЛА ЌЕ ПЕЕ ВО ТЕТОВО, НА КОНЦЕРТ ВО ЧЕСТ НА ВИЕНСКИОТ БИЗНИСМЕН АКИ НУРЕДИНИСопранистката со светска кариера, која е родена во Албанија, Инва Мула е најпозната по интерпретацијата на музиката во популарниот филм „Петтиот елемент"

    Светски познатиот сопран Инва Мула, која го позајми гласот на Дивата во популарниот филм „Петтиот елемент” (1997 година) в недела ќе настапи во Центарот за култура во Тетово, на концертот посветен на Аки Нуредини, сопственик на познатиот ресторан „Соле“ во Виена, родум од тетовското село Камењане.

    Директорот на Центарот „Иљо Антески- Смок“, Хаки Фазлиу ни рече дека в недела, во 19 часот, ќе се изведе симфонијата насловена „Нуредини“ од австрискот композитор Мајхнард Риденауер.

    Тој е голем пријател на Аки, инаку страстен љубител на оперската уметност и компонирал дело за него, кое пак ќе и го поклони на Македонија.

    Симфонијата ќе ја изведе Македонската филхармонија, под диригенство на Гриди Краја од Тирана.

    Според програмата, прво ќе се изведе Симфонијата „Нуредини“, а Мула и Филхармонијата ќе изведат дела од Верди, Пучини, Каталани, како и наполитански песни.

    Фазлиу вели дека билети веќе нема за концертот, кој е поддржан од Министерството за култура, а поканети се политичари, уметници и видни гости. На концертот ќе присиствуваат и Риденауер и Нуредини.

    Легендарниот шпански тенор Пласидо Доминго е голем пријател и на Инва Мула и на Аки Нуредини

    Сопранистката со светска кариера, која е родена во Албанија, Мула, во Тетово доаѓа и си оди истиот ден, и како што вели директорот, немала никакви специјални барања.

    Мула (54 години) третпат доаѓа во Македонија, по настапите на Охридско лето во 2008 година и во операта „Фауст“ на Мајските оперски вечери во 2014 година.

    Мула станала позната по добивањето на првата награда на натпреварот „Пласидо Доминго” во 1993 година. Оттогаш таа настапува заедно со светски познатиот тенор на сите светски оперски центри, меѓу кои и во миланската Скала и Метрополитен во Њујорк.

    Легендарниот шпански тенор и диригент Доминго е близок пријател на Аки, а лани во август и му беше гостин во неговиот дом во Камењане, кога специјално од Салцбург дојде во Скопје на финалето на УЕФА Супер купот на мечот Реал Мадрид – Манчестер јунајтед, како голем фан на европскиот првак.

    Б. НЕСТОРОСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира