Австралија и Холандија одлучија дека официјално Русија е одговорна за својата улога за уривањето на авионот МХ17 на „Малезија ерлајнс“ во 2014 година, со што се отвора патот овие две земји да можат да преземат правни мерки против Москва.
МХ17, кој леташе од Амстердам до Куала Лумпур, беше урнат над источна Украина на 17 јули 2014 година, при што загинаа 298 лица. Во извештајот на заедничкиот истражен тим, предводен од Холандија, објавен во четвртокот, меѓународните истражители кажаа дека Бук, анти-авионскиот систем искористен за уривање на авионот, припаѓа на руската војска.
„Холандија и Австралија сега се убедени дека Русија е одговорна за паѓањето на авионот од Бук системот, кој беше искористен за уривање на МХ17. Владата сега го презема нареднио чекор со кој и формално ќе ја сметаме Русија за одговорна“, изјави министерот за надворешни работи на Холандија Штеф Блок.
Министерката за надворешни работи на Австралија Џули Бишоп кажа: „Австралија и Холандија ја информираа Руската Федерација дека ги сметаме за одговорни според меѓународното право за нивната улога во уривањето на МХ17“.
Бишоп и Блок кажаа дека нивните влади денес побарале Русија да разговара за нејзината улога во несреќата за да се најде соодветно решение, со кое ќе се обезбеди правда за огромното страдање и штета од паѓањето на авионот.
Случајот потоа може да биде изнесен пред меѓународен суд, кажаа владите на Холандија и Австралија.
Австралиски пар, чиј син загина во несреќата, кажа дека меѓународната заедница треба да ја притисне Русија за да ја преземе одговорноста, откако инспекторите утврдија дека нивен воен проектил го урнал авионот.