За ВМРО-ДПМНЕ е спорна предлог-формулацијата на референдумското прашање, најави лидерот Христијан Мицкоски, кој по премиерот Зоран Заев излезе последен од денешната средба на четворицата партиски лидери во Клубот на пратеници.
Како што изјави Заев синоќа по првата лидерска средба, референдумското прашање ќе гласи „Дали сте за членство во Европската унија и НАТО со прифаќање на договорот за името меѓу Македонија и Грција“.
„ Сакам рече да појаснам дека ВМРО-ДПМНЕ е за вистински европски принципи, а не за декларативни. Ние сме за почитување на законите и на Уставот и да се избегне манипулција на граѓаните со повеќесмислени прашања. Ќе следуваат сет разговори на оваа тема“, рече Мицкоски, кој дополни дека на денешната средба се разговарало и за обидот на парламентарното мнозинство предводено од СДСМ по брза постапка да бидат разрешени преостанатите членови на ДИК и да се донесат измените на Изборниот законик со кои за составот на ДИК би се гласало со просто, а не со двотретинско мнозинство како што стои во Законикот.
„Разговаравме за прашањата што се познати на јавноста, почнати уште од март, април годинава. За некои од темите имаме приближување на ставовите, за други не. Се договоривме в недела или в понеделник наутро да продолжиме во овој формат“, рече Мицкоски.
На новинарско прашање дали на средбата се разговарало за амнестија на обвинетите за организираниот напад на Собранието на 27 април лани, Мицкоски рече:
„Темата амнестија е уште еден груб обид за манипулација на граѓаните“.
Премиерот Заев, во изјавата по лидерската средба дадена 10-на минути пред онаа на Мицкоски, рече дека компромиси нема за стратешките цели на Република Македонија.
„Амнестија нема да има, ни директна ни индиректна. Ќе дадеме шанса на дијалогот и разговорот додека е возможно“, рече Заев.
С. К. ДЕЛЕВСКА