Комеморацијата за актерот Ванчо Петрушевски кој почина денес на 67 години, ќе се одржи в понеделник во 10 часот во неговиот матичен Драмски театар, ни рече в.д директорот на театарот, Сашо Тасевски.
Неговите посмртни останки ќе бидат изложени од 12 до 13 часот во капелата на Градските гробишта во Бутел, а потоа ќе биде погребот.
Петрушевски почина денеска на 67 години. Неофицијално, загинал од струен удар во неговата викендичка во Орешани, близу Драчево, каде живеел во летните месеци.
Петрушевски е роден на 19 април 1951 година во Скопје. Завршил Висока музичка школа, отсек за актерски кадри во Скопје, а во 1975 година се вработил во Драмскиот театар во Скопје.
Во матичниот Драмски театар се пензионираше во 2016 година, но беше активен на сцената и последниве години. Меѓу неговите последни улоги е во претставата „Буре барут“ во режија на Сашо Миленковски.
Петрушевски е познат по улогите во голем број на ТВ- емисии, радио драми, филмови, претстави, какo: Македонски народни приказни, „Хихирику“, „Ангели на отпад“, „Трст виа Скопје“, „Среќна Нова ‘ 49“, „Трето доба“, „Диво месо“, „Грев или Шприцер“, „Солунски патрдии“, „Опстанок“, „Пресуда“.
Петрушевски во богатата кариера ги има добиено наградите: „Димче Трајковски“ за епизодна улога на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп за ликот на Јаков во претставата „Дупло дно“ од Горан Стефановски, најпопуларно ТВ лице според веснокот „Вечер“ за 1987 година, награда за најдобро актерско остварување на филмот и телевизијата според анкета на ревијата „Екран“, награда на „Војдан Чернодрински“ за улогата на Јанко во „Собирен центар“ од Ковачевиќ, како и државната награда „23 Октомври“ за остварување во областа на културата и уметноста во 2016 година.