Советниците во Општина Центар на денешната вонредна седница за мерки против загадувањето, наместо за тоа се караа и препукуваа меѓу себе. Советниците од ВМРО-ДПМНЕ велеа дека владејачката партија дошла на власт токму поради ветувањата дека ќе го решат проблемот, а ништо две години не направиле. Советниците од СДСМ пак им одговараа дека опозициската партија со проектот Скопје 2014 го уништила градот и зеленилото.
На седницата беа повикани и граѓани и граѓански организации, кои чекаа да завршат партиските препукување за да постават прашања да градоначалникот и да предложат мерки. По два часа карања на советниците, граѓанските иницијативи ја напуштија седницата.
„Не слушнавме ниту мерка, ниту ни се дава шанса за дискусија и дебата. И писмено доставивме прашања дали Општина Центар има листа на загадувачи и дали се вршат мерање на терен“, вели Ели Пешева од Иницијатива О2.
Градоначалникот Саша Богдановиќ рече дека имало контроли за сервиси за автомобили и автоперални, при што било констатирано дека не загадуваат и соодветно го третираат отпадот при работата. Богдановиќ единствена мерка која ја најави е воведување поскап наркинг во деновите кога има висока загадување, по примерот на Град Скопје.
А. АНТЕВСКА